Достапни линкови

Обвинителството за две недели ќе објави информации за бегството на Груевски


Архивска фотографија: Унгарскиот премиер Виктор Орбан и поранешниот македонски премиер Никола Груевски

Јавното обвинителство во наредните две недели ќе излезе со информации за резултатите од предистражната постапка за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски и начинот на кој ја напуштил земјава. Наредната недела претставници од Обвинителството ќе одат во Црна Гора да ги земат видео материјалите поврзани со овој случај, а од Албанија се бара и таа што поскоро да ги достави материјалите со кои располага.

Обвинителката Вилма Русковска, одговарајќи на новинарски прашања пред одржувањето на конференцијата поврзана со борбата против корупцијата, денеска рече дека прегледувањето на снимките што ги имаат е веќе при крај и најави дека очекуваат во наредните две недели да излезат со соопштение за резултатите од предистражната постапка.

Во врска со фотографијата на Никола Груевски што беше објавена вчера во медиумите и по социјалните мрежи, Русковска истакна дека најверојатно ќе преземат активности да видат од каде потекнува и кој ја сликал. Со оглед на тоа што на неа, покрај Груевски, за кој се тврди дека е сликан во Будимпешта, е препознаен и еден од обвинетите за случајот на СЈО „Насилство во општина Центар“, Русковска истакна дека во Обвинителството ќе бидат повикани сите за кои се смета дека можат да дадат одредени информации во врска со бегството на Груевски.

Министерката за правда Рената Дескоска рече дека засега немаат ништо ново во врска со барањето за екстрадиција на Груевски од Будимпешта, каде што унгарските власти му дадоа политички азил.

Поранешниот премиер Никола Груевски пред еден месец избега од Македонија за да не ја издржува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“ на СЈО. Со помош на унгарски дипломати, преку Албанија, Црна Гора и Србија избега во Унгарија, каде што побара и доби политички азил. Македонските власти по Груевски распишаа меѓународна потерница и побараа тој да биде екстрадиран во Македонија. Груевски е обвинет во неколку предмети на Специјалното јавно обвинителство, за што Собранието му го одзеде имунитетот, а за дел од нив во отсуство му е одреден и притвор.

Вчера, новинар на британски „Гардијан“ на Фејсбук објави фотографија од Груевски во Будимпешта, прва по неговото бегство од Македонија.

XS
SM
MD
LG