Достапни линкови

Кочан во бегство, имотот на Трансмет замрзнат


Претседателот на Градежната комора Сеад Кочан и претставници на градежни компании на средба со тогашниот министер за економија Ваљон Сарачини на 15 јули 2013 година

Судот ги замрзна имотот и сметките на фирмата Трансмет на бизнисменот Сеад Кочан, кој е во бегство, откако му беше определен притвор за случајот Труст на СЈО.

Замрзнат е имотот на компанијата Трасмет на бизнисменот Сеад Кочан, кој е осомничен во случајот Труст на Специјалното јавно обвинителство, како и три сметки на оваа компанија, потврдија во СЈО за Радио Слободна Европа. Имотот е замрзнат токму по нивно барање. Во СЈО велат дека не се замрзнати сметки на физички лица, како и дека не е блокирана сметката на ТВ Нова, која е во сопственост на Кочан.

Судот му определи мерка притвор на Сеад Кочан, но тој повеќе од два месеци е во бегство. Компанијата Трансмет, заедно со фирмите Силекс неметали и Вато, се сомничат дека во 2011 година со фалсификувана документација добиле тендер од ЕЛЕМ во вредност од над 17 милиони евра.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски објаснува дека мерката замрзнување на имот се презема за државата да се осигура дека ќе може да си ја надомести евентуално направената штета или да го одземе противправно стекнатиот имот доколку дојде до судење и осудителна пресуда. Ако по завршувањето на истрагата биде поднесено обвинение и ако Кочан дотогаш не биде пронајден, по предлог на обвинителството, тој може да биде суден во отсуство, вели Трпеновски.

„Доколку пресудата во отсуство стане правосилна, тогаш со пресудата се потврдува мерката замрзнување на имотот и со тој имот може да располага државата. Меѓутоа, постои едно правило – имотот останува замрзнат, за доколку евентуално дојде до повторување на судењето во негово присуство, може да дојде до ситуација да се утврди дека тој не е сторител на кривично дело па да треба да му се врати, но со правосилноста на пресудата, со имотот располага државата“, објаснува Трпеновски.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на 26 март 2015 година објави нелегално сниман телефонски разговор, меѓу, како што рече, тогашниот премиер Никола Груевски и тогашниот директор на ЕЛЕМ Влатко Чинговски.

„Машки глас 1: Вчера се видов со кратовчанецот.

Машки глас 2: Со…?
Машки глас 1: Со кратовчанецот, од Кратово.
Машки глас 2: Кратовчанецот!? Ааа, да, да, да, добро, добро. Јасно ми е.
Машки глас 1: Се видел и со тебе.
Машки глас 2: Да беше кај мене, разговараме, му дадов некои идеи.
Машки глас 1: Се видовте и со оној…
Машки глас 2: Од Битола така?
Машки глас 1: …што има кола Сеат Ибица, знаеш? Сеат, Сеат Ибица….
Машки глас 2: А да, добро, добро.
Машки глас 1: Се видов, и двајцата….
Машки глас 2: Ало…
Машки глас 1: …да им помогнеш некако…
Машки глас 2: Па еве денеска…Таму сигурно ќе се пријават, ама му реков јас дека може он слободно да се јави, да направи некои конзорциум и да се јави.
Машки глас 1: Најбоље е ти тоа да го организираш, да е предвидливо. Они се вака збунети.“

СЈО на крајот на февруари го објави случајот Труст, во кој фирмите „Трансмет“, „Силекс неметали СТ“ и „Вато ДООЕЛ“ од Студеничани се осомничени дека со фалсификувана документација добиле тендер од ЕЛЕМ од над 17 милиони евра во 2011 година за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Суводол. Претставниците на овие три фирми - Сеад Кочан, Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ, се сомничат дека со тоа сториле злоупотреба на постапката за јавен повик.

На 9 март судот му одреди 30 дена притвор на Кочан, а поради тоа што не можеа да го најдат, утредента беше распишана потерница за него. На крајот на март, Основното јавно обвинителство предводено од Марко Зврлевски поднесе барање до Врховниот суд да се укине решението за притвор кое претходно го донесе Кривичниот суд, а го потврди и Апелациониот суд. Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева побара повлекување на тоа барање, зашто смета дека Зврлевски не може да поднесува барања за случаи кои се во нејзина надлежност. На крајот на април, Врховниот суд не донесе одлука за овој случај и реши за мерката притвор на осомничениот Сеад Кочан да одлучува нов судски совет.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG