Достапни линкови

„Тоа на М“ ѝ донесе шест години затвор на Јанкулоска


Шест години затвор и забрана за напуштање на Скопје, пресуди Основниот суд Скопје 1 за поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во врска со предметот Тенк. Таа веста за пресудата ја прочита од медиумите на рочиштето Тврдина -Таргет.

Незаконскиот тендер за Мерцедесот и донесе шест години затвор на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Судот денеска во одвоен процес ја прогласи за виновна по предметот познат во јавноста како Тенк.

Судијката Добрила Кацарска при читање на пресудата посочи дека спроведената набавка на мерцедесот е незаконска и дека Јанкулоска со умисла го поттикнала нејзиниот заменик Ѓоко Поповски да стори кривично дело, злоупотреба на службена должност.

„Граѓаните на Република Македонија мора да знаат како се трошат нивните пари. Никој, а најмалку носителите на јавните функции не смеат да ги потценуваат и омаловажуваат граѓаните како што е сторено во конкретниот случај, на начин на обвинетата Гордана Јанкулоска со сега осудените Ѓоко Поповски и Никола Груевски обезбедиле на незаконит начин патно возило, за кое не само што не биле информирани граѓаните туку одлучиле да го сокријат од очите на јавноста, односно да глумат до локалните избори дека возилото е на МВР, со цел Груевски да собере политички поени“, вели Кацарска.

Пресудата Јанкулоска ја прочита од медиумите на рочиштето за предметот Таргет -Тврдина, каде се гони за незаконското прислушување. Судот го одобри барањето на Специјалното јавно обвинителство за дополнителни мерки – забрана за напуштање на Скопје. По денешното рочиште таа само кусо рече дека коментарот ќе го даде во жалбата.

Шест години затвор и забрана за напуштање на Скопје за Јанкуловска
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:38 0:00

Обвинителката Фатиме Фетаи тоа го побара од Судот поради опасност од бегство на осудената.

„Определените мерки на претпазливост до сега не ја анулираат опасноста од бегство, па соодветна таква мерка, би била мерката притвор, меѓутоа имајќи ги в предвид моменталните семејни прилики кои што се добропознати за сите нас, имајќи предвид дека има бебе кое што за ништо не е виновно за наметната ситуација од родителот, па затоа чесен Суде предлагам да изречете дополнителна мерка на претпазливост, а тоа е забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето од страна на обвинетата Гордана Јанкулоска“, рече Фетаи во Судот.

Одбраната сметаше дека е неосновано таквото барање.

„Со оглед на тоа дека овој судски совет постапуваше и во претходната постапка против Никола Груевски и Ѓоко Поповски, во истата имаше изнесено став дека обвинетата го поттикнала Ѓоко Поповски да го стори делото. Во таа насока доколку обвинетата сакаше да се даде во бегство тоа ќе го стореше многу одамна а не сега. Вредно е да се спомне дека обвинетата за времетраење на оваа постапка уредно ги почитуваше сите рочишта и беше присутна на секое рочиште“, изјави во Судот адвокатката Сања Алексиќ.

Во „Тенк“ претходно беа осудени поранешниот премиер Никола Груевски на две години казна затвор и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски на 6,6 години затвор, за набавка на блиндирано моторно возило „Мерцедес С 600 Гард“ во вредност од 600 илјади евра. Потоа Апелација му ја потврди казната на Груевски, а му ја намали за две години на Поповски. На последното рочиште пред пресудата, Јанкулоска рече дека не се чувствува виновна и дека кај неа „никогаш не постоела умисла да поттикне некого за набавка на возило“.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG