Достапни линкови

Приоритет е враќањето на довербата во судството


Независноста на судството e еден од многуте предизвици низ кои поминува земјaва, вели генералниот секретар на ОБСЕ Томас Гремингер во интервју за Радио Слободна Европа. Тој објаснува дека новата влада мора да се сконцетрира на враќањето на довербара во институциите и демократските процеси.

Судството во Македонија е исправено пред нов и силен предизвик. Враќање на довербата на граѓаните во Судот е една од приоритетните работи со кои ќе може да се истуркаат дел од промените во општеството. Такво нешто е можно само со структурни реформи, со тргање на страна на рацете на политичарите од правдата, како и со отворање на судот кон граѓаните, согласни се меѓународните и домашните аналитичари. Проблемите како незаконито однесување на дел од судиите мора да се индивидуализира и секој да си преземе одговорност за стореното.

И покрај долгогодишните меѓународни обиди да се подобри состојбата со македонското судство, европската оценка беше дека нашата земја е заробена држава. Земјава помина низ многу предизвици во последните неколку години, вклучувајќи ја и независноста на судството, вели генералниот секретар на ОБСЕ Томас Гремингер во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе биде објавено в недела.

„Со меѓународна поддршка, вклучувајќи го и ОБСЕ, новата влада мора да се концентрира на враќање на довербата во институциите и зајакнување на демократските процеси. И дефинитивно, посебно внимание треба да се посвети на независноста на судството и владеењето на правото. Ја поздравуваме обврската на владата да работи на реформите во оваа област, но исто така сме свесни дека значителни промени не можат да дојдат преку ноќ. Одржливите реформи бараат силна политичка волја и одлучност за решавање на недостатоците“, вели тој.

Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев вели дека е потребно судот да се отвори за граѓаните, затоа што таа институција постои за народот.

„Сите тие судења треба да бидат јавни. И во кривичната постапка, и во граѓанската постапка, има нејавни седници на повисоките судови. Зошто? Сите граѓански предмети кои се на ревизии во Врховен суд се нејавни. Зошто? Затворено е затоа што има судии, кои кога би ги слушале би си помислиле од каде се дојдени овие. Е од тука потекнува сомнението, местењето, политичката зависност, корупцијата“, вели Илиев.

Тој објаснува дека е потребна поголема вклученост на адвокатската фела во правниот систем, а меѓу другото и во реформскиот процес.

„Замислете, има преку 3500 адвокати кои постапуваат правно, но никаде ги нема. Затоа па од друга страна има стотина нотари и извршители кои системот ги произведе во богаташи. Работа којашто ја работеа судовите за минорни трошоци. Сето тоа сега влијае врз недовербата во системот. Оваа адвокатура како што функционира, па најлесно им е да кажат дека поради нивната неподготвеност за предметот да кажат дека судот бил ваков или таков. Таквите ситуации со отворање на судот за јавноста ќе исчезнат, фактите и аргументите за процесите ќе бидат јасно и јавно достапни“, објаснува Илиев.

Новиот претседател на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев, по положувањето на заклетвата, изјави дека основна задача ќе му биде враќањето на довербата во судот.

„Ме чека многу работа. Судот е без секретар, без управител, а наскоро заминуваат и 15-тина судии кои овде беа делегирани од други судови, бидејќи им истекува мандатот. Ќе има испразнети места, ќе мора веднаш да се реагира и да се види кои клучни места не трпат одлагање во кадровското екипирање“, изјави Џолев за Дојче веле.

Дел од најавените реформи во Нацрт - стратегијата за судството имаат шанса да ги подобрат состојбите, но на дел треба уште да се работи, велат познавачите на состојбите во судството.

Во изминатиов период започна и спроведување на дел од нив. Владата до пратениците испрати предлог измени на законот за Судскиот совет со кои се бара да се зголеми транспарентноста во работата на Советот и да се поедностави дисциплинската постапка за утврдување на одговорноста на судија. Владата бара од пратениците укинување на Советот за утврдување на факти затоа што сите досегашни оценки покажуваат дека овој Совет не си ја исполнил основната цел.

Во меѓувреме, Уставниот суд донесе одлука со која се укинува законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, поради неусогласеност со уставните начела. Со овој закон кој беше донесен во 2014 година и кој беше често цел на критика од експертите се изгуби индивидуализацијата на казната и слободното судиско убедување, што во превод доведе до ситуации во кои за кражба на ќебапчиња се казнува со три години затвор, а злоупотреба на службена должност како во случајот на поранешниот началник од Петта управа Горан Грујевски се казнува со година и пол затвор.

Владата предложи и измени на законот за заштита на сведоци со кои, ако се согласат две третини од пратениците, ќе ѝ се овозможи на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева да може сама да одлучува за вклучување на луѓе во програмата за заштита на сведоци, за предмети коишто се во надлежност на СЈО.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG