Достапни линкови

Законот за јазици се уште не е испратен во Службен весник


Архивска фотографија - Собрансиска седница за законот за јазиците.
Архивска фотографија - Собрансиска седница за законот за јазиците.

Претседателот на Собранието Талат Џафери се уште не го испратил Законот за јазиците во Службен весник. Дел од експертите велат дека тој може да го потпише указот кога претседателот Иванов не ги извршува надлежностите. Други сметаат дека Уставниот суд постапката ќе ја врати на почеток.

Законот за употреба на јазиците се уште не е испратен во Службен весник, ни изјавија од Кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери, кој во мината недела најави такви чекори.

Во изминатиот период тој неколку пати кажуваше дека последна алтернатива што му преостанува е законот, што Собранието го донесе во март, да го испрати во Службен весник само со негов потпис, откако претседателот Иванов по втор пат одби да го потпише.

Во дел од јавноста преовладува мислењето дека Џафери може да го потпише указот и да го испрати во Службен весник, со образложение дека претседателот на државата го крши Уставот, но има и согледувања дека со тоа нема да биде решен проблемот, затоа што претстои пречка во врска со примената на тој закон во сила, а тоа е Уставниот суд.

Она во што сите се согласни е дека, според Уставот, шефот на државата има право само еднаш да го врати Законот.

Според професор Мирјана Најчевска, пуштањето на законот во Службен весник без потпис на претседателот на државата не е противуставно. Како главна причина за овој нејзин став таа го наведува претходното прекршување на Уставот од Иванов кога тој по вторпат не го потпиша законот.

„Станува збор за обид да се избориме со едно неправо. Постапувањето на претседателот на државата е противуставно и не постои друг механизам, освен заобиколување на претседателот во ситуација кога тој не ги извршува своите основни надлежности“, вели професор Најчевска.

Но, има и експерти кои го застапуваат мислењето дека потписот треба да претставува гаранција оти Законот е донесен во согласност со Деловникот на Собранието и додаваат дека во тој случај можно е да се поднесе барање до Уставниот суд за оценување на уставноста на законот. Така, според нив, целата постапка за законот би се вратила од почеток. Реагирајќи на овие посочувања, Најчевска вели дека можноста законот да се најде пред Уставниот суд е голема, но таа очекува и Уставниот суд да ја идентификува неуставноста на постапката на Иванов.

„Голема е веројатноста дека ќе дојде пред Уставниот суд. Но, во моментот кога уставните судии ќе ја ценат исправноста на одлуката треба да го прават тоа во контекст на неуставната постапка на претседателот. И ова е добар начин да се примораат уставните судии да ја обзнанат неуставноста на постапката на претседателот како основа за негово разрешување“, вели Најчевска.

Судијката Маргарита Цаца Николовска, исто така оценува дека Уставот мора да се толкува пошироко од она што е напишано. И таа вели дека во Уставот на претседателот само еднаш му се дава можност да не го потпише законот. Мора да се најде решение во констатацијата дека претседателот мора да го потпише законот, нагласува Николовска.

Кога таа обврска не се користи треба тоа да се констатира и на тој начин е дадена можност понатаму Собранието да презема соодветни чекори. Со тоа што секако дека таа одбивност да потпише треба на некој начин да се санкционира. Дали ќе се оди на импичмент или кривична постапка, тоа е работа на оние кои ја ценат одлуката на претседателот во делот на потпишувањето“, изјави Николовска.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, минатата недела изјави дека наскоро ќе го пушти Законот за употреба на јазиците за објавување во Службен весник, но тој не прецизира точно кога би било тоа. По оваа најава на претседателот на Собранието, преку социјалните мрежи се огласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој коментираше дека објавување на Закон за јазици без потпис од Иванов е ново кривично дело.

Собранието во средината на март во тензична атмосфера со 64 гласа „за“ и без против и воздржани, по втор пат го донесе законот без амандманска расправа. За законот гласаа и пратениците од немнозинските заедници.

На трето читање на законот опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе околу 35 илјади амандмани.

Неколку дена дена подоцна, претседателот Иванов соопшти дека не го потпишува законот со образложение дека Законот за јазиците е неуставен.

По одлуката на претседателот, премиерот Зоран Заев најави испраќање на Законот до Венецијанската комисија.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG