Достапни линкови

Владата доби доверба од Собранието, Заев побара единство за иднината на државата


Илустрација: Собраниска седница

ВМРО-ДПМНЕ со барањето за интерпелација обвини дека владата на СДСМ во изминатата година ја уназадила Македонија и на економски и на политички план. СДСМ се бранеше дека земјата 10 години била уништувана и оти им треба време да ја поправат.

По целодневна дебата, со 40 гласови за и 62 против, Собранието не ѝ изгласа недоверба на Владата на премиерот Зоран Заев. Вкупно гласаа 104 пратеници, од 107 присутни. Воздржани беа двајца пратеници.

Иницијативата за интерпелација на Владата ја поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ со потписи од 40 пратеници.

На гласањето му претходеше долга дебата со обвинувања и критики од опозицијата за „расипништво, криминал и продавање на државата“, како и контраобвинувања од пратениците од власта „дека тешко се поправа она што некој цела деценија душмански го уништувал“.

Последен од опозицијата говореше Никола Груевски, кој по седум часа судење за случајот со мерцедесот од 600.000 евра успеа да стаса во Парламентот, и од говорницата го повика премиерот Заев да се повлече од политиката „додека не направил уште поголема штета на државата“.

На жестоките обвинувања на крајот на седницата одговори премиерот Зоран Заев кој по долгото набројување што се сработила неговата Влада, му се обрати директно на неговиот претходник.

Никола Груевски, Македонија расчисти со тебе, ти си дел од темното минато. Те чека соочување со одговорноста за криминалот и корупцијата во изминатите 11 години. Како едно општество за сите, Македонија чекори напред, слободна, напредна, демократска, земја-пријател со соседите”, рече премиерот Заев и повика на единство за реформите и за иднината на Македонија.

Претходно, премиерот одговараше на обвинувањата и на другите дискутанти од ВМРО-ДПМНЕ.

Единствено што не успеавме досега да го исполниме, согласно прецизните ветувања, е затоа што не можевме да предвидиме колку е заробена државата, колку е финансиски урнисана, колку е душмански ограбена, рече Заев.

Тој ѝ се заблагодари на ВМРО-ДПМНЕ за враќањето во Парламентот, чии пратеници ја обвинија Владата дека „е најнеспособната, најнеработливата и сигурно најкриминалната влада во историјата на Македонија“.

Целодневната седница ја отвори координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, образложувајќи го барањето за интерпелација, обвини дека ова е најнеспособната, најнеработливата и сигурно најкриминалната влада во историјата на Македонија. Токму затоа, вели Данев, владата треба да замине. Според него, партиите од власта заборавиле на предизборните ветувања и работат исклучиво за партиските интереси.

„Животот дојде навистина во Република Македонија, но само и единствено за владините и партиски функционери на СДСМ и на ДУИ и апсолутно за никој друг“, рече Данев.

Тој обвини дека институциите се партизираат, а професионалците се бркаат од работа, дека собранието спротивно на процедурата го донела Законот за јазици, планот 3-6-9 доживеал колапс, економијата доживеала цунами, а владата затвора пратеници на опозицијата уште пред да им биде симнат имунитетот. Според Данев, Македонија станала небезбедна држава од кражби, убиства, рекет и насилства и држава во која притворот се претворил во казна.

„Вработувајте вие нови луѓе, тоа не е спорно, апсолутно и во тоа ќе ве поддржи целата опозиција, но немојте да бркате. Ова е гласот на народот, ова е гласот на илјадници луѓе кои само за три до четири месеци ги зедоа своите отказни решенија и голем дел од нив веќе не одат пред влада да оставаат патики, туку се надвор од границите на Република Македонија“, рече Данев.

Одговорот на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, во голема мера се сведе на „вие ли ќе критикувате, во изминатите 10 години ја уназадивте Македонија и ни треба време да ја поправиме“. Тој рече дека во излагањето на Данев препознал три работи – паушални и лажни констатации, нема критики за министрите за ДУИ, туку само за тие на СДСМ и оти најголеми критики има за најуспешните министерства.

Иронично е ВМРО-ДПМНЕ да критикува за задолжувањата и за злоупотреба на притворот, рече тој. Тунтев ја брани владата дека платите растат и оти планот 3-6-9 не само што не доживеал колапс, туку ќе и донесе позитивен извештај од Европската комисија на Македонија.

„Владин план 3-6-9 доживеал тотален колапс и дебакл. Еве, прва лага. Владиниот план ќе биде остварен и Македонија ќе ја испорача преземената обврска пред меѓународната заедница. За 10 дена тоа ќе го читате во извештајот на Европската комисија“, рече Тунтев.

Тој посочи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 10 години го злоупотребувала притворот како казна и со критиките се исмева со луѓето кои 10 години невини беа држени во притвор.

Од собраниската говорница се обрати и лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, кој рече дека ​Алијансата за Албанците за интерпелацијата на Владата ќе биде воздржана, бидејќи како што нагласи, „премиерот Зоран Заев не ја заслужи поддршката“.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG