Достапни линкови

Што сега кога Иванов не сака да го потпише указот на Законот за јазиците?


Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Според Уставот, шефот на државата има право само еднаш да го врати Законот, вели професор Љубомир Фрчкоски.

По вчерашното повторно изгласување на Законот за употреба на јазиците, претседателот на државата, според Уставот, е должен да го потпише указот за негово прогласување, велат правните експерти, и дополнуваат дека тој го прекршил Уставот. Но, има и согледувања дека Иванов од друга страна има морални причини да не го потпише указот и по вторпат, со аргументација дека Собранието не ги разгледа неговите забелешки за законот.

Според Уставот, по првото враќање на законот во Собранието пратениците повторно го разгледуваат и ако го усвојат со мнозинство гласови претседателот е должен да го потпише. Иванов изјави дека нема да го потпише указот зашто тоа не му го дозволува совеста.

Експертите велат дека Иванов го прекршил Уставот со тоа што не го потпишал указот и поради тоа Собранието може да побара негов импичмент, но дополнуваат дека за негово отповикување е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.

Според Уставот, шефот на државата има право само еднаш да го врати Законот, вели професор Љубомир Фрчкоски од Правниот Факултет во Скопје.

„Во второто читање на законот нема право на вето и тоа е уставен императив. Преовладува силата на парламентот во судирот околу законот по првото вето“, вели професорот Фрчкоски.

Но, со оглед дека без потпис од претседателот законот не може да се објави во „Службен весник“ и да стапи на сила, според дел од експертите на повидок се нови компликации на релација Собрание -Влада - Претседател - Уставен суд. Во дел од јавноста преовладува мислењето дека е можно законот да биде објавен во Службен весник со потпис на претседателот на Собранието Талат Џафер со цел да започне неговата примена. Други пак, го застапуваат мислењето дека неговиот потпис треба да претставува гаранција оти Законот е донесен во согласност со Деловникот на Собранието и додаваат дека во тој случај можно е да се поднесе барање до Уставниот суд за оценување на уставноста на законот. Така, според нив, целата постапка за законот би се вратила од почеток.

Професор Фрчкоски нагласува дека Иванов не може да излегува надвор од неговите надлежности.

„Каде е таа норма, тоа уставно директно е решено. Претседателот може да опомене со првото вето, но ако собранието инсистира тој мора да се повлече. Кај законите посилна е позицијата на Собранието. И не смее тука да се случи кикс инаку би го урнале системот кој не е претседателски“, вели Фрчкоски.

Во врска со оценувањето на уставноста на законот, тој вели дека тоа е друга постапка. Законот стапува на сила, Уставниот суд може да одлучува и оваа постапка со другата не треба да се меша, вели тој.

Ако Иванов не сака да го потпише законот и, како што вели Фрчкоски, претседателот ги меша своите лични емоции и политички приоритети со уставната обврска да му даде приоритет на Собранието, во тој случај веднаш функционира одредбата на Уставот со која претседателот на Собранието го заменува претседателот на државата во вршењето на уставните должности.

„Тоа не е напишано директно кога тој не сака да ја исполни својата уставна должност, туку кажано е кога не е во земјата или не може, но по аналогија се применува тој член и претседателот на Собранието го потпишува и како претседател на Собранието и како заменик претседател на Републиката и тој оди на објавување веднаш“, изјави Фрчкоски.

Инаку, познат е случајот во 2001 година кога претседателот Борис Трајковски два пати одбил да го потпише Законот за привилегии на пратеници и тој не влезе во сила.

Собранието вчера во тензична атмосфера со 64 гласа „за“ и без против и воздржани, по втор пат го донесе законот без амандманска расправа За законот гласаа и пратениците од немнозинските заедници.

Законот, кој првпат беше изгласан на 11 јануари, повторно се најде пред пратениците откако претседателот Иванов не го потпиша и го врати на повторно разгледување во Собранието.

По најавата на шефот на државата дека нема да го потпише указот за овој закон претедателот на Собранието Талат Џафери, денеска изјави дека Претедателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ќе ги прекрши уставните одредби доколку не го потпише указот за прогласување на Законот за јазиците.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната прес-конференција соопшти дека не го признава овој закон.

„Само затоа што две партии меѓу себе се договориле, изгласаа закон кој е неуставен, неприменлив и штетен. Но, тоа не е и договор прифатен од граѓаните“, рече лидерот Христијан Мицкоски.

Експертите не сакаат да коментираат за политичките последици или за можните блокади на Собранието, но велат дека не очекуваат тензии на политиката сцена, нагласувајќи дека правниот систем не смее да се блокира со притисоци и конфузија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека законот за јазици нема да биде пречка за опозициска поддршка на реформските закони, но на социјалните мрежи се споделуваат остри критики за Законот за јазици, а се најавуваат и нови протести пред Парламентот.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG