Достапни линкови

Законот и примената на албанскиот јазик во практика


Од моментот на стапување во сила на Законот за јазици, албанскиот јазик ќе добие проширена употреба. Покрај македонскиот, во институциите службен јазик станува и албанскиот, што ќе се применува во комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните.

Што ќе донесе примената на Законот за употреба на јазиците? Тоа би значело дека сите закони и други акти донесени од Собранието ќе бидат објавувани на македонски и на албански јазик. Истото важи и за одлуките кои ќе ги носи Владата. Покрај македонскиот во институциите службен јазик станува и албанскиот, што ќе се применува во комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните пред сите органи што ја сочинуваат државната власт.

„Во суштина ќе биде поразлично во односот на институциите на централната власт кон граѓаните кои зборуваат албански. Некои делови од тоа беа регулирани и порано, но реално се спроведуваа во зависност од тоа кое министерство од каков министер е менаџирано, дали од министер Албанец или не. Од друга страна, употребата ќе се прошири на подрачните единици на министерствата кои се дел од централната власт, иако се лоцирани во локалните самоуправи“, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Граѓаните Албанци ќе можат до сите органи на централната власт да се обратат и писмено и усно на својот мајчин јазик и органот ќе треба писмено да им одговори на нивниот јазик. Службениците во тие органи не се должни својата усна комуникација да ја водат на тој јазик, туку на службениот, но мора да се обезбеди превод и писмената комуникација да се одвива на јазикот на кој им се обраќа странката, објаснуваат упатените.

„Овој закон подразбира и формирање на Централна агенција за примена на јазикот и со денешните можности на технологијата, тоа не значи дека кој било службеник ќе треба да го научи албанскиот јазик, ако тоа не го сака или не му е мајчин јазик. Со формирањето на оваа агенција и овој товар ќе падне на агенцијата, која ќе треба да обезбеди електронска можност за комуникација на друг јазик. На пример, некој Албанец кој сака да го оствари своето право во подрачна единица на министерство за земјоделство во Штип тоа би можел електронски да го оствари“, појаснува Муслиу.

Законот ги обврзува судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции да овозможат користење, употреба и примена на кој било од службените јазици и нивните писма во своите постапки. Упатените посочуваат дека во кривичните постапки и досега се применуваше овој закон, но дека сега неговата употреба ќе се прошири и во граѓанските постапки и пред Управниот суд. Тоа значи дека тие граѓани ќе можат да се обраќаат пред судовите или обвинителството на својот мајчин јазик, а органот ќе треба да обезбеди преведувач.

Законот предвидува ваква двојазична комуникација и во органите на локалната самоуправа. Називите на институциите, другите натписи и патокази во подрачјата каде што најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот, ќе бидат напишани покрај македонски и на јазикот кој го зборува немнозинската етничка заедница. Сите органи на државната власт ќе имаат двојазични веб страни. Освен на македонски јазик, содржината на веб страниците, ќе биде објавувана и на албански јазик.

Доколку одреден орган не ги применува одредбите од законот, ќе следува и казна, која се однесува само на институциите.

„Казнените мерки не се адресираат на обичниот граѓанин. Тие се однесуваат на носители на јавни функции или раководители на органи кои не ги спроведуваат мерките од овој закон. За обичниот граѓанин овој закон во поглед на казнената политика е нерелевантен“, објаснува Муслиу.

Две прашања во овој закон се сметаат за резервирани, се додека за нив не се изјасни Венецијанската комисија. Тоа се прашањата за банкнотите и за униформите во Армијата. Законот предвидува двојазичност на униформите на државните службеници во Скопје и во другите градови каде Албанците се присутни со над 20 отсто од населението. Книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо.

Агенцијата за примена на јазикот ќе биде финансирана од државниот буџет и за нејзината работа ќе бидат одвојувани по 1,7 милиони евра годишно. Освен тоа законот предвидува и формирање на Инспекторат за употреба на јазиците во рамки на Министерството за правда.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG