Достапни линкови

Груевски не се чувствува виновен за насилствата во Центар, Лазаров призна вина


Протест за поддршка на црквата Св. Константин и Елена пред општина Центар на 7 јуни 2013

Поранешниот премиер Никола Груевски рече дека не се чувствува за виновен за „насилствата во Општина Центар“, на денешното рочиште на кое тој е еден од обвинетите. Како невин се изјасни и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој е второобвинет во случајот, како и третообвинетата, пратеничката Даниела Рангелова.

Поранешниот советник во Општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Томислав Лазаров, кој е четвртообвинет, рече дека се чувствува виновен за делото кое му се става на товар и оти се кае за стореното.

Тие четворица и уште десетмина други се обвинети за насилствата во општина Центар на протестите против наводното уривање на црквата Св. Константин и Елена.

Одбраната претходно два часа се обидуваше да го одложи рочиштето.

Еден од обвинетите, Димче Крстев, побара одложување затоа што не се чувствувал добро. Поради отсуство на минатото рочиште, тој утринава во Основниот суд Скопје 1 беше спроведен со полиција.

Обвинителката Фатиме Фетаи побара издвојување на постапката за него на што судот се согласи со цел почнување на главната расправа. Крстев замина од судницата.

Одбраната на останатите обвинети бараше да се одложи судењето за сите.

На судењето се присутни и поранешниот градоначалник на Општина Центар Андреј Жерновски и актуелниот градоначалник Саша Богдановиќ како оштетени лица во овој случај.

XS
SM
MD
LG