Достапни линкови

Чарлс Трети, новиот крал на Обединетото кралство


Принцот Чарлс станува шеф на државата на Обединетото Кралство
Принцот Чарлс станува шеф на државата на Обединетото Кралство

На формална церемонија во Лондон, кралот Чарлс Трети денеска и официјално е прогласен за британски крал, а во согласност со вековната традиција, прогласот е јавно објавен и од балконот на палатата Свети Џејмс пред насобраниот народ

Кралот Чарлс Трети денеска и официјално е крунисан за британски монарх, на церемонија исполнета со античка традиција и политичка симболика, а која за прв пат се емитуваше во живо.

Чарлс автоматски стана крал кога неговата мајка, кралицата Елизабета Втора, почина во четвртокот, но церемонијата за прием е клучен уставен и церемонијален чекор во воведувањето на нов монарх во земјата.

На церемонијата во палатата Сент Џејмс во кралската резиденција во Лондон, присуствува и Советот за пристапување, кој се состои од високи политичари и функционери кои го советуваат монархот. Тие прво се сретнаа без Чарлс за официјално да ја потврдат титулата, а потоа тој им се придружи за да даде серија заклетви и изјави.

Ова е првпат да се одржува церемонија од 1952 година, кога кралицата Елизабета Втора го презеде тронот.

На церемонијата Чарлс беше придружуван од неговата сопруга Камила, кралицата сопруга и неговиот најстар син принцот Вилијам. Вилијам сега е престолонаследник и познат по титулата што Чарлс долго ја има, Принцот од Велс.

По церемонијата, службеник на глас го прочита прогласот од балконот на Палатата Свети Џејмс.

Два дена откако 96-годишната кралица почина во замокот Балморал во Шкотска по невидени 70 години на тронот, луѓето продолжуваат да и оддаваат почит пред Бакингемската палата во Лондон. Сцената се повтори во други кралски резиденции низ Обединетото Кралство и во британските амбасади ширум светот.

Во својот говор во петокот, монархот вети дека ќе ја продолжи „доживотната служба на кралицата“, со свој модерен печат.

Критики и пофалби за новиот крал

Чарлс го очекуваат тешки предизвици во својата нова улога, со оглед на тоа што неговата мајка беше многу популарна и почитувана, но замина во време кога угледот на кралското семејство е нарушен, а Бакингамската палата се соочува со обвинувања за расизам.

Чарлс е соочен со овие предизвици на 73-годишна возраст, како најстариот монарх кој го презма тронот во кралската лоза, која се протега 1.000 години наназад.

Критичарите сметаат дека новиот крал е слаб, суетен и дека не ги поседува потребните квалитети за улогата на монарх.

Во неколку наврати е исмејуван поради тоа што разговора со растенија и неговата опседнатост со архитектурата и околината, а сè уште е во сенка на неговиот неуспешен прв брак со покојната принцеза Дијана.

Поддржувачите пак велат дека тоа е искривување на добрата работа што ја прави, дека едноставно е погрешно разбран и дека во областите како што се климатските промени тој бил „пред времето“.

Тврдат дека е внимателен и се грижи за граѓаните од сите заедници и општествени слоеви. Неговата добротворна организација им помогна на повеќе од милион невработени и ранливи млади луѓе во изминативе речиси 50 години.

„Проблемот е што сте во безизлезна ситуација. Ако не правите апсолутно ништо ќе го критикуваат тоа. Ако се обидете и не успеете да помогнете, исто така ќе критикуваат“, изјави Чарлс во документарен филм.

Во текот на својот живот, тој беше растргнат помеѓу модернизацијата на монархијата, обидувајќи се да го најде своето место во општеството кое брзо се менува и станува порамноправно, додека истовремено се обидуваше да ги одржува традициите кои и даваат привлечност на институцијата.

Оваа тензија се рефлектира и во животот на неговите синови.

Најстариот, Вилијам (40), кој сега е наследник, води живот исполнет со традиционални должности, добротворни работи и воени церемонии.

Помладиот син Хари (37) пак, живее во Лос Анџелес со неговата американска сопруга, поранешната актерка Меган и семејството, градејќи нова кариера повеќе во склад со Холивуд отколку со Бакингемската палата.

Подготовка за тронот

Чарлс Филип Артур Џорџ е роден во Бакингемската палата на 14 ноември 1948 година, во 12-тата година од владеењето на неговиот дедо, кралот Џорџ Шести.

Имал само 3 години кога станал наследник откако неговата мајка била крунисана во 1952 година. Воспитувањето на Чарлс секогаш било различно од претходните идни монарси.

Неговите претходници своето образование го добиле со помош на приватни тутори. Сепак, Чарлс отишол во училиштето Хил Хаус во Западен Лондон пред да се префрли во училиштето Чим во Беркшир каде подоцна бил еден од најдобрите ученици.

Повторно кршејќи ја традицијата, Чарлс потоа заминува на колеџот Тринити, Кембриџ, да студира археологија и антропологија, но подоцна се префрла на историја.

За време на студиите, тој беше формално крунисан за принц од Велс, титулата која традиционално ја носи престолонаследникот, на голема церемонија во 1969 година.


Следната година, тој стана првиот британски наследник кој добил диплома.

Како и многу членови на кралското семејство пред него, тој се приклучи на вооружените сили, прво во Кралските воздухопловни сили во 1971 година, а подоцна и во морнарицата.

По напуштањето на морнарицата во 1976 година, тој бараше улога во јавниот живот бидејќи немаше јасна уставна работа за наследник, велејќи дека мора да ја „создаде по пат“.

„Тоа е она што го прави толку интересно, предизвикувачко и секако комплицирано“, рече тој за својата улога во документарниот филм по повод неговиот 70-ти роденден.

Бракот со Дијана

Сепак, многумина во Британија и пошироко секогаш ќе го поврзуваат Чарлс со неговиот неуспешен брак со леди Дијана Спенсер и неговата афера со Камила Паркер Боулс.

Кога се ожени со Дијана во 1981 година, свадбената церемонија ја следеа околу 750 милиони луѓе на телевизија ширум светот.


На почетокот се изгледаше совршено. Синовите Вилијам и Хари се родени во 1982 и 1984 година. Но, зад сцената, се појавија проблеми во бракот и Дијана ја обвини Камила за разводот во 1992 година, во славната изјава во едно ТВ интервју кога рече: „Ние бевме тројца во овој брак - така што беше малку хаос“.

Чарлс рече дека останал верен „додека бракот не се распаднал неповратно“. Двојката се разведе во 1996 година.
Кога Дијана загина во сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година, медиумите беа преполни со написи против него и Камила, а неговата популарност меѓу јавноста опадна.

Повеќе личеше на активист отколку на престолонаследник

Чарлс често се бореше да ја задржи страста за својата работа, изразувајќи ги своите надежи и стравови кои често повеќе звучат како на активист отколку како на иден монарх, анализира CNN.

Поради ова, тој е обвинет за закана за независноста и непристрасноста на монархијата. Еден пример се климатските промени, за кои тој зборува од 1968 година.


Чарлс беше истакнат поддржувач на Парискиот климатски договор од 2015 година и разговараше за тоа со Доналд Трамп на чај во декември 2019 година, додека тогашниот американски претседател се подготвуваше да ја повлече својата земја од пактот.

На Светскиот економски форум 2020 година во Давос, Швајцарија, Чарлс одржа моќен говор, прашувајќи:

„Дали сакаме да влеземе во историјата како луѓе кои не направија ништо за да го вратат светот од работ на бездната кога можевме? Не го сакам тоа“, рече Чарлс.

Презирот на Чарлс кон медиумите

Таблоидите во континуитет го следат животот на Чарлс. Тој не крие дека ги презира папараците.

"Не сум многу добар во тоа. Мислам дека сум прилично приватен човек. Не сум подготвен да настапувам кога сакаат да настапам", изјави тој во 1994 година.

Додека медиумите се фокусираа на неговиот приватен живот, Чарлс сакаше да зборува за социјални и духовни прашања и никогаш не бегаше да ги искаже своите ставови за работи кои му се блиски на срцето.

Сепак, потези како што е основањето на брендот „Duchy Originals“ за промовирање на органска храна, и тврдењата дека разговарал со своите растенија и се ракувал со дрвјата кога ги садел, наведоа некои медиуми да го означат како „некој кој повеќе би сакал да биде земјоделец отколку принц“.


Тој беше критикуван и за неговите искрени ставови за архитектурата. Тој еднаш го нарече „чир“ планираното модернистичко проширување на Националната галерија во Лондон. Беше обвинет и за „надрилекарство“ затоа што се залагал за употреба на алтернативни лекови.

Биографот Том Бауер во една прилика рече дека принцот престолонаследник е посветен на прашања како што е животната средина, но е тврдоглав и не може да поднесува критики.

„Тој е посветена личност, која несомнено сака да прави добро, но не разбира дека последиците од многу негови постапки предизвикуваат многу проблеми“, рече Бауер.

Критиките се намалија во последниве години бидејќи медиумите почнаа да го напаѓаат неговиот син Хари, но сепак не исчезнаа во целост.

Тајни писма до Владата

Неговиот широк спектар на интереси како принц од Велс понекогаш предизвикуваше контроверзии.

Неговите писма, кои станаа јавни во 2015 година, покажаа како Чарлс се обидуваше да влијае на јавното мислење неколку години испраќајќи тајни писма до владата на теми од негов интерес, како што се климатските промени, глобалната одржливост и домувањето.

Уставните експерти предупредија дека како крал ќе мора да го промени својот пристап.

Тој пак рече дека сака максимално да ја искористи својата позиција во кралското семејство.

Најсреќен во неговата градина

Далеку од кралската должност или кампања, Чарлс е најсреќен во градината во неговиот дом во западна Англија или кога шета и оди на риболов, каде што слика и акварели.


Има напишано и книга за деца, а исто така, ја сака уметноста, особено делата на Шекспир, операта и Леонард Коен.

Приватно има „црна смисла за хумор“, но е истворемено и строг, велат соработниците.

Грижа за ранливите луѓе

Неговите поддржувачи велат дека сето тоа покажува дека новиот крал е сериозен човек кој искрено се грижи за својот народ.

Според други, тој ќе се најде во невозможна улога - или ќе биде обвинет за политичко мешање ако се интересира за општествени прашања или ризикува да биде етикетиран како разгален монарх.

„Зошто мислите дека го правам сето ова сите овие години?“, рече тој во ТВ интервју во 2021 година за климатските промени. „Затоа што се грижам и секогаш се грижам за идните генерации“, додаде тој.

„Со години го имав ова необично чувство дека сакам да ги подобрам работите“, изјави тој за американскиот магазин Тајм. „Чувствувам повеќе од било што друго дека е моја должност да се грижам за сите и нивните животи во оваа земја, да се обидам да најдам начин да ги подобрам работите ако е можно“, додаде тој.

Не сака да размислува за тронот

И покрај неговото долго чекање за тронот, тоа не е нешто за што често размислува, изјави неговата сопруга Камила.

Запрашана дали зборува за неговата улога како крал, таа рече: „Не многу, не. Тоа е нешто што ќе се случи само по себе“, додаде таа.

Истото го има ијавено во неколку прилики и самиот Чарлс.

„За жал, тоа е последица на смртта на вашата мајка, вашиот родител, што во најмала рака не е толку убаво, па подобро да не размислувате премногу за тоа“, рече тој во 2010 година.

XS
SM
MD
LG