Достапни линкови

Трамп-Путин „ресет“ - дипломатија зад сцена


Дали коронавирусот и падот на цената на нафтата ги тера Москва и Вашингтон да се обидат да ја обноват нивната проблематична врска? Односно, што стои зад зачестените телефонски повици меѓу Белата куќа и Кремљ во последните неколку недели?

На 30 март рускиот лидер Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп зборуваа по телефон. Тоа беше првиот од петте повици меѓу нив во текот на следните пет седмици.

Комуникација без преседан за време на три ипол години откако Трамп дојде на функцијата.

„Имавме одличен разговор“, изјави подоцна Трамп пред новинарите. Кремљ пак, го опиша разговорот како „долг“ и соопшти дека двајцата лидери „изразија сериозна загриженост во врска со опсегот на ширењето на коронавирусот“ и „разговараа за поблиска соработка“.

Претседателите на Русија и САД Владимир Путин и Доналд Трамп, Осака, Јапонија, 28.06 2019.
Претседателите на Русија и САД Владимир Путин и Доналд Трамп, Осака, Јапонија, 28.06 2019.

Во меѓувреме, дипломатите на двете држави зборуваа барем три пати во истиот период, што исто така се совпадна со необичната руска хуманитарна помош поврзана со коронавирус за Соединетите држави.

За многу набљудувачи во Русија, мноштвото повици од зад сцената и другите комуникации се јасен показател дека нешто се случува.

По неколку години анимозитет, дали Вашингтон и Москва преминуваат во „ресетирање“ на односите?

Трамп и Путин разговарале за коронавирусот и енергетскиот пазар

„Тоа е необична комуникација, но ова се невообичаени времиња“, вели Дмитриј Суслов, професор и експерт за надворешни работи од Москва, додавајќи:

„Во никој случај не може да резултира тоа во какво било ресетирање. За какво ресетирање можеме да зборуваме ако има силен консензус, во обете држави, дека сме противници“.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, запрашан за разговорите меѓу Трамп и Путин во интервју за руската државна телевизија на 11 април рече:

„Двајцата претседатели се во можност во соодветно време да се повлечат од стратешките несогласувања и тактички да се вклучат во конструктивен дијалог. Тие апсолутно се разбираат. Тие разбираат дека не постои алтернатива за некакво заедничко дејствување и разбирање. И ова е целосно демонстрирано во последните два телефонски разговора“.

Претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин, Хелсинки, 16.07. 2018
Претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин, Хелсинки, 16.07. 2018

Заедно со пандемијата на коронавирусот и колапсот на глобалните цени на нафтата, го засили дијалогот, велат експерти во Вашингтон и Москва.

„Тоа е своевидна можност, можеби не голема, да ги подобриме американско-руските односи на ниво на меѓусебно разбирање и доверба“, оценува Иван Курила, професор по меѓународни односи на Европскиот универзитет во Санкт Петербург.

САД го потврдија пристигнувањето медицински материјал купен од Русија

Оксана Антоненко, директор во лондонската компанија „Контрола на ризици“, пак, се сомнева оти ќе има голема трансформација во односите меѓу двете земји.

Сепак, таа вели дека и администрацијата на Трамп и онаа на Путин биле критични за тоа како Обединетите нации и Светската здравствена организација реагирале на коронавирусот.

Ресетирање наспроти преоптоварување

Напорите за „ресетирање“ на руско-американските односи датираат уште од периодот откако Барак Обама стана претседател на САД во 2008 година.

Врските меѓу Москва и Вашингтон беа нарушени од војната во Грузија, која заврши со влез на руските сили на грузиската територија.

Кога Трамп го наследи Обама во Белата куќа во 2017 година, неговата администрација беше засенчена од наводите дека Русија правела заговор за да влијае врз изборите во негова корист.

Лидерите на Г20, Буенос Аирес, 30.11. 2018.
Лидерите на Г20, Буенос Аирес, 30.11. 2018.

Дмитриј Тренин, кој е раководител на центарот Карнеги во Москва, вели дека ресетирањето е долгогодишна цел за Кремљ, но тоа е невозможно со оглед на сомневањето дека Русија виси над Белата куќа.

„Кога ќе се појави голема криза што ги зафаќа обете држави и целиот свет, Кремљ се обидува да допре до Белата куќа со идејата за здружување на силите за борба против заедничката закана“, изјави тој за време на панел-дискусијата чиј домаќин беше „Карнеги“ Донација за меѓународен мир, во Вашингтон на 20 април.

Трамп: договор со Русија и Саудиска Арабија за нафтата

Првично, падот на глобалните цени на нафтата се должи на пропаѓањето на шестгодишниот договор меѓу Москва и нафтениот картел ОПЕК. Тоа ги поплави пазарите како што светската побарувачка падна заради коронавирусот.

Падот на цените на нафтата ги повреди не само руските и саудиските производители, туку и американските производители на нафта, па токму затоа Трамп беше поттикнат да помогне во дијалогот меѓу Москва и Ријад, велат експертите.

„Јас работев со Путин и со саудискиот крал на тоа“, рече Трамп.

Две недели претходно, Русија испрати авион со медицински материјали, наводно, со цел да им помогне на Соединетите држави во борбата со ковид-19.

Руски авион со медицинска опрема, Њујорк, 01.04.2020.
Руски авион со медицинска опрема, Њујорк, 01.04.2020.

Додека гестот се чинеше благонаклонет, во товарот беа вклучени две компании под санкции воведени од Соединетите држави како одговор на руската анексија на Крим.

Покрај тоа, имаше спротивставени изјави дали пратката била платена и од кого.

Критичарите на Белата куќа рекоа дека станува збор за пропагандна победа за Москва, која долго време се обидува да ја убеди Белата куќа да ги укине санкциите.

Шефот на американската безбедност негира дека дека Русија му помага на Трамп

Џон Саливан, американски амбасадор во Русија, ја бранеше пратката, а истовремено сигнализираше дека американската администрација не размислува за олеснување на санкциите.

Кон ова и оценката на Стејт департментот дека Русија и Кина спроведуваат кампања за дезинформации околу коронавирусот против Соединетите држави.

Нов СТАРТ, стар СТАРТ

Кремљ јасно стави до знаење дека неговиот втор приоритет е договорот за нуклеарно оружје Нов СТАРТ.

Пактот, кој ќе истече во февруари, освен ако Москва и Вашингтон не се согласат да го продолжат уште пет години, е единствениот договор меѓу САД и Русија за контрола на оружјето.

Администрацијата на Трамп, првично даде мешани сигнали за продолжување на Новиот СТАРТ.

илустрација
илустрација

Неодамна, американските власти соопштија дека сакаат да го прошират договорот за да се вклучи Кина, иако Пекинг ја отфрли идејата за трилатерални преговори.

Без продолжување на договорот, ќе се поттикне нова трка во вооружување, предупредуваат аналитичарите.

Сандерс го повика Путин да не се меша во кампањата

„Целосно се согласуваме со администрацијата на Трамп, контролата на оружјето, како што постои денес, е застарена“, изјави Суслов за Радио Слободна Европа.

„Ни треба време да го разработиме системот, да го прошириме. Но, невозможно е да се направи сега“.

Во телефонскиот разговор на 17 април, државниот секретар на САД, Мајк Помпео и неговиот руски колега Сергеј Лавров, разговараа за ова прашање, се вели во соопштението на Стејт департментот.

„Администрацијата бара контрола на оружјето што може да обезбеди вистинска безбедност на Соединетите држави и нејзините сојузници и партнери и сè уште не донесе одлука дали и како продолжувањето на договорот Нов СТАРТ ќе биде елемент на тој напор“, оцени Стејт департментот по телефонскиот разговор меѓу Помпео и Лавров.

Најдолгата војна во Европа од Втората светска војна

Пет дена по пристигнувањето на руската пратка за помош во Њујорк, тројца поранешни амбасадори на САД во Украина објавија напис во кој се вели дека пандемијата на коронавирус претставува можност за решавање на војната во источна Украина.

Украински војници - илустрација
Украински војници - илустрација

Во шест годишниот конфликт, во кој украинските владини сили се борат со милициите поддржани од Русија, загинаа повеќе од 13.000 се раселени повеќе од милион луѓе.

„Бидејќи ширењето на коронавирусот и падот на цените на нафтата се повеќе тежат врз Кремљ, Соединетите држави и нејзините сојузници треба да понудат укинување на меѓународните санкции против Русија ако Путин ги прекине своите воени упади во Украина“, напишаа тројцата дипломати.

Ова е пожелно размислување, вели Суслов, додавајќи:

“Украина сега е премногу важна за Кремљ и правењето отстапки ќе предизвика прашања од руските јастреби: зошто земјата претрпе низа години економски санкции само за да попушти пред западниот притисок. Нема шанси коронавирусот или падот на цената на нафтата да ја сменат позицијата на Кремљ за Украина“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG