Достапни линкови

Борба против короната или борба за власт?


Собрание на РСМ
Собрание на РСМ

Политичката јавност се сомнева во намерите на пратениците токму сега да се свика и да почне со работа Собранието. Избори во јуни би и донеле повеќе поени на власта, но нивно одложување пак не оди во прилог и на противењето на опозицијата да се свика стариот состав, велат аналитичарите.

Иницијативата на владејачкиот Социјалдемократски сојуз за повторно свикување на Собранието со цел да се потврди одлуката на претседателот Стево Пендаровски за продолжување на вонредната состојба предизвика низа реакции во јавноста и сѐ уште го остава отворено прашањето за тоа колку се искрени намерите на политичките партии во овој момент.

Зошто баш сега ваква иницијатива, а не во март, кога прв пат беше прогласена вонредна состојба поради опасноста од ширење на коронавирусот? Дали во позадина на иницијативата која содржи две точки: свикување на седница за потврдување на одлуката на претседателот Стево Пендаровски за вонредна состојба и за ставање во употреба на Парламентот кој на 16 февруари се распушти во очекување на избори, е всушност обидот да се отвори вратата за одржување избори во јуни?

Политичкиот аналитичар Насер Зибери не гледа ништо спорно во фактот што сега се поднесува иницијативата, оти според него никој не се надевал дека вонредната состојба ќе трае 60 дена.

„Симптоматични можат да бидат намерите ако некој од субјектите мисли дека зад оваа иницијатива стои нешто друго. Но, јас лично не мислам така. Мислам дека парламентарното мнозинство тогаш мислеше дека вонредната состојба нема да трае 60, туку само 30 дена и дека ќе заврши овој процес. И второ, мнозинството заборави на фактот дека Уставот дозволува повторно свикување на седница на собрание без оглед на тоа што тоа е распуштено“, вели Зибери.

Иницијативата на СДСМ не ја поддржа опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачката ДУИ од каде што сметаат дека секоја понатамошна одлука треба да се носи со консензус на сите партии. Претходно, претседателот на Собранието Талат Џафери во неколку наврати истакна дека нема правна можност да се свика парламентот кој се распуштил, затоа што со тој чин пратениците го вратиле мандатот кај граѓаните.

Извршниот директор на МЦМС Александар Кржалоски вели дека е чудно што токму во овој момент се појавува иницијативата за повторно свикување на Собранието, но истата не ја доживува како своевиден притисок врз здравствените власти за олабавување на мерките и одење на избори, зошто според него мерките се прават во согласност со препораките на светските здравствени власти.

„Сѐ уште немаме параметри кои ќе кажат дека сме надвор од кризата ниту пак мерките се тргнати за да има услови за нормално одржување на избори. Секој си калкулира или со едното или со другото. За мене лично е пологично да работи Собранието и требаше ваква иницијатива уште кога се прогласи прв пат вонредната состојба, малку е чудно што тоа не се направи, ама за мене е уште почудно и ако се одбива да не се состане парламентот доколку се пролонгира оваа состојба“, вели Кржалоски.

Во меѓувреме претседателот Стево Пендаровски за првата половина на следниот месец најави лидерска средба на која ќе се разговара за натамошниот тек на политичкиот процес во земјата, како и за можните термини за одржување на следните парламентарни избори.

На последната лидерска средба што беше одржана во март партиите беа едногласни дека во услови на пандемија од коронавирусот, не треба да има избори. Најавите за нова лидерска следуваат откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара од претседателот Пендаровски да свика средба во врска со иницијативата на СДСМ и коалициските партнери. Според Мицкоски државата се наоѓа во многу деликатна ситуација, бидејќи поранешни пратеници не можат да поднесат иницијатива и тоа е сериозен преседан кој што ќе значи директно кршење на Уставот.

За Зибери пак неразбирлив е мотивот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да не ја поддржи оваа иницијатива, зошто според него улогата на опозицијата е да биде контролор во Собранието и да врши политичка контрола на одлуките на власта.

„Тие изгледа сакаат избори да нема поскоро, туку во некој подоцнежен период. Се разбира тоа го објаснуваат со ситуацијата со епидемијата, но очигледно е дека стојат мотиви дека државата ќе има сериозна економска криза и со тоа ќе се разниша довербата на граѓаните во владата а тоа автоматски ги зајакнува позициите и шансите кај опозицијата. Нема никаква логика за однесувањето на опозицијата бидејќи и датумот за избори може да се пролонгира ако се свика собранието“, вели Зибери.

Кржалоски пак посочува дека избори во блиска иднина им одговараат и на власта, но и на опозицијата.

„На сите им одговара да има порано избори. На СДСМ му одговара поради членството во НАТО, препораките за отворање преговори со ЕУ, иако тоа не помина бомбастично. Второ веќе има пад на економијата и тоа ќе се рефлектира допрва, па на СДСМ тоа нема да му одговара. Од друга страна на ВМРО-ДПМНЕ им одговара порано избори прво затоа што тие ги бараа предвремените, а од друга страна еве се спротиставуваат да се состане парламентот, значи не се согласуваат да се обнови стариот парламент и тоа оди во насока дека сакаат побрзо избори“, вели Кржалоски.

Дека политичарите не се раководат од она дали интерпретацијата на Уставот е ваква или онаква и дека политичарите се водат од тоа дали нешто е политички опортуно во даден период потврдува и професорот од Правниот факултет, Ненад Марковиќ. Во интервју за нашето радио тој изјави дека во овој момент правните толкувања не се критериум, туку политичкиот интерес.​

Во меѓувреме, изборниот процес е во мирување, а новиот датум за избори ќе треба да го одреди ДИК според роковите кои преостанаа по завршувањето на вонредната состојба. Пратениците нема да бидат повикани да одредат нов датум за избори затоа што со уредбата која ја донела владата на 22 март, сите изборни процеси се ставени во мирување. Тоа значи дека Државната изборна комисија ќе треба да продолжи онаму каде што застанала со работата пред прогласувањето на вонредната состојба, по утврдувањето на избирачките листи.

По завршувањето на здравствената криза, ДИК ќе има задача да донесе нов ревидиран роковник во кој што ќе ги утврди преостанатите дејствија кои најмногу ќе се однесуваат на избирачкиот список. Тоа според упатените би значело дека, ако на 16 мај заврши вонредната состојба и се укинат условите за нејзино продолжување, тогаш датумот за избори би требало да биде во почетокот на јуни.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG