Достапни линкови

Дали СЗО е таа што треба да го запре ковид-19?


Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебреjeзус

Логично е кога светот е погоден од голема здравствена криза да и се обрати на Светската здравствена организација за да го заштити. Оваа агенција на ОН се најде под огромна критика за нејзиниот одговор на пандемијата на коронавирус, но поблискиот поглед на организацијата, нејзините овластувања и нејзиното финансирање сугерира дека не мора да биде така.

Светската здравствена организација, или СЗО, се најде под остри критики за нејзиниот одговор на пандемијата на коронавирус во која досега починаа повеќе од 200 илјади луѓе низ целиот свет.

Но, додека оваа агенција на ОН е обвинета за нејзиниот одговор на избувнувањето на коронавирусот во Кина кон крајот на декември, други ја бранат, тврдејќи дека нејзина цел не била никогаш да биде чувар, односно единица за итни случаи.

Остри критики

Критиките се предводени од Соединетите Држави, кои регистрираа четири пати повеќе инфекции и двојно повеќе смртни случаи, над 50.000, од втората по жртви земја - Шпанија.

Станува збор за податоци што ги собира Универзитет Џон Хопкинс, а се потпираат врз информации дадени од владите, при што некои може да бидат нецелосни поради нивната нетранспарентност.

Вашингтон тврди дека СЗО била бавна во одговорот на здравствената вонредна состојба, односно ја пофалила Кина кога требало да ја искара и оти била соучесник на Пекинг во минимизирање на обемот на појавата, придонесувајќи за неговото ширење.

СЗО жали за одлуката на САД за финансирањето

Претседателот Доналд Трамп, кој обвини дека организацијата е „Киноцентрична“ наведе дека Пекинг треба да се соочи со последици доколку е „свесно одговорна“ за пандемијата и суспендираше 400 милиони долари пари наменети за СЗО.

Соединетите држави се најголемиот финансиер на оваа организација.

Државниот секретар Мајк Помпео тврди дека организацијата „јасно не успеа“ да ги спроведе барањата утврдени во меѓународните здравствени регулативи што стапија на сила во 2007 година, а со кои земјите членки и даваат на СЗО „навремени, точни и доволно детални информации за јавното здравје“.

СЗО - извршител?

Бранителите на СЗО велат дека ваквите обвинувања не се фер и не се засновани врз факти.

Пауер: ОН треба да имаат клучна улога против ковид -19
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:46 0:00
Директен линк

Во интервју за Радио Слободна Европа, поранешната американска амбасадорка во ОН Саманта Пауер рече дека идејата оти СЗО е „инструмент за брза реакција“ била „погрешно разбрана“.

„Станува збор за техничка експертиза. Таа собира податоци од целиот свет со цел да се прогласи епидемија или пандемија. Значи, таа е повеќе систем за предупредување, отколку систем за одговор. Затоа паралелно ни треба систем за одговор“, вели таа.

Лоренс Гостин, директор на Центарот за глобално здравство на СЗО и професор на универзитетот Џорџтаун бранејќи ја организацијата од тврдењата на Трамп вели дека е „многу фер да се каже дека Кина не е целосно транспарентна, но додава:

„Тоа не е вина на СЗО, тоа е вина на Кина“. Гостин исто така ги отфрла тврдењата дека СЗО не прогласила вонредна состојба доволно брзо, велејќи дека сугестијата е „погрешна“.

„Всушност“, вели тој, „СЗО нема моќ да прогласи пандемија, туку само го дава своето мислење. Она што го стори беше да ги искористи сите сили што можеше“.

Не толку силна?

Овие сили веројатно не се многу големи.

“СЗО требаше да биде скептична во врска со тоа што и го кажуваа Кинезите, но таа е целосно на милост и немилост на она што и го обезбедуваат владите“, изјави Даниел Спигел, поранешен американски амбасадор во ОН под администрацијата на претседателот Бил Клинтон, за „Вашингтон пост“.

Според него, СЗО нема разузнавачки способности и истражна моќ.

Основана во 1948 година, по Втората светска војна, СЗО имаше за цел да го промовира глобалното здравје и да заштитува од заразни болести, како што се колерата и детската парализа.

Вухан се уште живее во страв
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:27 0:00

Но, организацијата не е вистински независен орган, тврдат експертите, додавајќи дека е целосно зависна од нејзините 194 земји-членки, како и од приватните субјекти за финансирање.

Гостин го споредува годишниот буџет на СЗО со оној на „голема американска болница“ и вели дека сумата - што изнесувала 4,4 милијарди долари во текот на 2018-2019 година е „целосно неспоредлива со нејзините глобални одговорности“.

И Бил Гејтс го критикува Трамп поради СЗО

Најголемите сили во светот, вклучително и Кина ја финансираат организацијата.

Покрај тоа, организацијата е одговорна само за 25 проценти од сопствениот буџет, бидејќи голем дел од финансирањето е наменето за непредвидени состојби.

Гостин апелира финансирањето на СЗО да стане задолжително, заклучувајќи „И ако ја немавме СЗО ќе требаше да ја измислиме“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG