Достапни линкови

Преспанскиот договор отвора нови гранични премини со Грција


Затворениот граничен премин Маркова Нога - Герман меѓу Македонија и Грција

Во грчкиот парламент денеска беше изгласано отворање на граничните премини Маркова Нога и Мајден. По промената на името, земјава работи на другите аспекти од спроведувањето на Преспанскиот договор.

За еден месец се навршува точно една година од потпишувањето на Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција. Македонските власти велат дека спроведувањето на договорот оди според планираната динамика, додека во грчкиот парламент се носат закони поврзани со Договорот меѓу двете земји.

Комисијата за трговските ознаки и трговските имиња денеска го одржува првиот состанок во Солун. Во меѓувреме, грчкиот парламент го изгласа отворањето на граничните премини Маркова Нога во Преспа и Мајден во Тиквешко Мариово, јужно од Кавадарци. Предложен и закон со кој канцеларијата за врски во Скопје прераснува во амбасада, а канцеларијата за конзуларни работи во Битола да прерасне во Генерален конзулат.

Поранешниот дипломат Благој Зашов вели дека отворањето на граничните премини, освен економско, има и политичко значење.

„Самото отворање на граничните премини е позитивен чекор во натамошното продлабочување на тие пријателски односи кои сега почнуваме да ги градиме“, вели тој.

Трговските ознаки и имиња за комерцијална намена не беа договорени со Преспанскиот договор, туку Македонија и Грција се согласија „да ги охрабрат своите деловни заедници“ преку искрен дијалог да постигнат заемно прифатливи решенија. За оваа обврска годинава ќе се формира меѓународна група на експерти со претставници на двете држави, која треба да ја заврши својата работа во рок од три години.

Македонското собрание на почетокот на годинава ги донесе уставните измени со кои земјава се преименува во Република Северна Македонија. Потоа беше потпишан протоколот за членство во НАТО, а грчкиот парламент веднаш го ратификуваше. Сега, Атина инсистира на забрзување на македонските евроинтеграции, и се залага земјава да добие датум за преговори за членство во ЕУ.

Во владата беше формирана Меѓуресорска работна група за извршување на обврските од Преспанскиот договор, на чие чело е генералниот секретар на владата, Драги Рашковски.

„Сите предвидени обврски се спроведуваат без никаков проблем. Имаше мал застој кај претседателот, но сега имаме нов претседател и таму сега сè е во ред“, вели Рашковски.

Табли со новото име на граничните премини
Табли со новото име на граничните премини

Владата и сите министерства ги сменија таблите и логоата на сите институции со новото уставно име, а до наредниот месец треба да бидат сменети на сите институции, на централно и на локално ниво.

Претседателот Ѓорге Иванов одбиваше да ја смени таблата, а на интернет страницата, тој се водеше како Претседател на Република Македонија до последниот ден. Откако Стево Пендаровски ја презеде претседателската функција пред неколку дена, беше променето името и на претседателската интернет страница.

Во меѓувреме се формираше и Комисија за историски и образовни прашања, која треба да ги усогласи учебниците меѓу двете земји.

Веднаш по уставните измени беа променети сообраќајните табли на граничните премини и аеродромите, потоа и на меѓународните патни правци во земјава.

Од наредниот месец, МВР треба да почне со издавање на нови регистарски таблички со кодот NMK, а во меѓувреме обезбеди налепници со оваа ознака која се лепи врз досегашниот код MK.

До крајот на годинава, треба да почнат да се издаваат пасоши со новото уставно име, а во меѓувреме, на излезите од земјава, полицијата удира печат во сегашните пасоши на кој пишува дека тие ѝ припаѓаат на Република Северна Македонија.

Првите банкноти со новото име на државата треба да почнат да се печатат од наредната година, а целосно да бидат заменети пет години по отворањето на соодветното поглавје со ЕУ.

До наредниот месец треба да се отстрани Сонцето од Вергина од сите јавни површини, од што се изземени археолошките артефакти.

По потпишувањето на Преспанскиот договор беа потпишани и Акционен план за зајакнување на соработката меѓу двете земји, меморандум за соработка и забрзување на македонските евроинтеграции, за економската соработка и за транспорт и инфраструктура.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG