Достапни линкови

Датумот за преговори ќе зависи од консензусот во ЕУ


Илустрација - гласање на пратеници во Европскиот парламент.
Илустрација - гласање на пратеници во Европскиот парламент.

Датумот за почнување на преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ ќе зависи од консензусот на земјите членки, а не од препораката на Европската комисија, оценуваат аналитичари.

Ќе добие ли Северна Македонија датум за почеток на преговори со Европската унија, какви што се очекувањата на државниот врв кој бара да биде вреднуван „напредокот на земјата“, или, пак, датумот ќе биде одложен, се дилемите во јавноста особено по изјавата на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан кој рече дека Европската комисија „ќе предложи Северна Македонија и Албанија да влезат во подготвителна фаза за пристапните преговори.“

Аналитичари во изјавата на Хан гледаат дека тој најавува оти во голема мера е извесно дека ЕК во извештајот ќе процени дека земјата ги исполнила критериумите за почеток на преговорите и дека за тоа ќе го извести Советот, но оти сепак крајната одлука зависи од консензусот на земјите членки.

Според упатени, Хан со тоа што спомнува „подготвителна фаза“, укажува на процедурата која е иста за сите земји: прво Советот на Европа дава зелено светло за почнување на преговорите, па постои подготвителна фаза до утврдувањето на конкретниот датум кога тие да почнат, а не дека ЕК нема да предложи датум за почнување на преговори.

Слично толкување на изјавата на Хан дава и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој вели дека Хан е еден од најголемите поддржувачи на потребата земјата оваа година да ги почне преговорите со ЕУ.

„Тоа што го кажа Хан е всушност тоа што го кажуваме и ние цело време, дека нашата очекувана варијанта, односно календар на движење на работите е следниот: во јуни да имаме одлука за започнување на преговори, односно потврда на датум со којшто ќе се даде мандат на Европската комисија да подготви преговарачка рамка, со тоа што некаде до крајот на годината би се одржала првата меѓувладина конференција помеѓу Република Северна Македонија и земјите членки на ЕУ, бидејќи преговорите не ги правиме со Комисијата, ги правиме со земјите членки“, изјави вчера Османи.

Тој додаде дека ако таа меѓувладина конференција се одржи на крајот на годината, очекувано е првото поглавје да се отвори во јануари и дека тоа го објаснувал Хан, односно дека во јуни не значи дека земјата одма ќе го отвори првото поглавје, туку дека тогаш ќе биде донесена одлуката за преговори.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на 2 април во Комисијата за надворешни прашања на Европскиот парламент најави дека ЕК на крајот на мај ќе го презентира годишен извештај за напредокот на земјите кандидатки за членство, вклучително и Северна Македонија, истакнувајќи дека е потребно да се направи следен чекор со оглед дека е решен проблемот за името со Грција.

„Очекувам, врз основа на она што забележавме, дека ќе предложиме за Северна Македонија и за Албанија тие да влезат во подготвителна фаза за пристапните преговори и ова ќе биде направено официјално, особено следејќи го позитивниот развој во Северна Македонија. Ми се чини дека ова е повеќе од соодветно“, рече Хан.

Експерти оценуваат дека постои можност датумот за почеток на преговорите да биде одложен, но тоа не го гледаат во изјавата на Хан, бидејќи како што посочуваат ЕК десет години по ред дава препорака за почнување на преговорите, дури и во годините кога земјата имаше „многу полошо демократско досие.“

Љупчо Петковски од Центарот за европски стратегии Еуротинк вели дека одложување на преговорите е можно во случај државите членки да не изградат консензус за отворање на пристапни преговори со Македонија и Албанија.

„При што Албанија е поголем проблем, а Македонија е помал проблем затоа што има позитивни вести што доаѓаат последниве неколку години и тие не се толку поврзани со внатрешните реформи, туку повеќе со решавањето на билатералните спорови. Но, моите информации и мојата претпоставка е дека повторно некои моќни држави членки, како Франција, ќе имаат проблем да дадат согласност за отпочнување на пристапни проговори“, вели Петковски.

Има 35 поглавја кои се основа за почеток на пристапните преговори со секоја земја кандидат. Тие кореспондираат со различните области кои се дел од заедничките права и обврски задолжителни за сите земји членки на ЕУ, за кои се потребни реформи со цел исполнување на условите за пристап.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG