Достапни линкови

Антиката нема да се вади од учебниците


Што e тоа иредентизам во македонските и грчките учебници?
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:30 0:00

Што e тоа иредентизам во македонските и грчките учебници?

Виктор Габер координатор во Комитетот со Грција вели дека учебниците во Македонија и Грција ќе се преразгледуваат, а владите ќе одлучат дали одговараат на духот на Преспанскиот договор со кој двете земји стануваат сојузници.Тој вели дека антиката нема да се вади, но проблем се формулациите.

Господине Габер неодамна во Атина имавте прв состанок на интердисциплинарниот комитет на експерти меѓу Македонија и Грција за историски, археолошки и образовни прашања. Дали за нешто конкретно се договоривте­­­?

Да, тоа е прв состанок на кој се утврдува рамката на нашата работа. Ние заеднички утврдуваме, еден документ кој го викаме “Правила за постапување”. Врз основа на тие правила ние се движиме во обработка на оваа материја што ни е дадена како надлежност да ја обработиме согласно Договорот кој што е потпишан во Преспа на 17-ти јуни оваа година. А таа материја е значи учебниците од кои учениците ќе ги учат во основното и во средното образование да се преразгледа и да се види дали има моменти, формулации, точки, карти и слично каде што се предизвикува поинакво чувство кај учениците од другата страна. Значи тоа е нашата должност. И владите значи ќе одлучат дали тие препораки што ние ги даваме од стручна гледна точка, дали одговараат на она што е духот на Преспанскиот договор, а тоа е дека двете земји стануваат сојузници.

Од која теме ќе почнете да работие. Што ќе се вади кај нас од учебниците а што во Грција односно за што очекувате да има најмногу забелешки?

Ние како македонска страна во овие разговори поаѓаме од она што е нашиот интерес, додека Грција ќе поаѓа од она што е интерес во рамките на она што претставува материја што се предава актуелно или која евентуално ќе се предава од први септември другата година. Тоа значи дека се договараме прво на она што се теми кои што се најевидентни, да појдеме од нешто, да создадеме една основа, која што ние ќе им ја претставиме. Сега не може да ви кажам вас кој е нашиот интерес, евидентно е дека имаме интерес. Така и тие имаат интерес и кога ќе седнеме на следниот состанок, каде ја црпиме оваа наша позиција да кажам, ја црпиме од нивните учебници кои ги примивме комплетно и нашите ги предадовме комплетно. И почнавме да ги проучуваме темите кои што сме од интерес да им ги претставиме на првиот состанок кој ќе се одржи за два месеци гледано од денеска.

Се кажува дека од учебниците ќе се отстрануваат работи кои предизвикуваат иредентизам. Што е иредентизам?

Иредентизам зависи како го сфаќате. Она што е наведено во Договорот од Преспа тоа подразбира создавање на чувства, во учебниците зборувам сега, создавање чувства дека некој некому сака нешто да му одземе, да му извлече или да предизвика состојби политички, културни економски и слично кои кај другиот ќе создадат кусок, значи ќе им се одземе нешто. Ние така баш не го гледаме тој проблем и затоа ќе имаме дискусии заедно со грчката страна во врска и со тој термин -Што значи тоа иредентизам? Затоа што, еве на пример нација, што претставува нација, за нас и за нив има малку теоретска разлика. Има приод кој што не ни дозволува да кажеме дека имаме воедначени мислења. Имете француски приод на тоа што е нација, имате англиски приод, имате источно европски приод каде што етничкото е многу појако отколку државното. Затоа велам дека ние имаме уште многу, многу работа. Но тоа не значи дека нема елементи кои што не спојуваат и кои што ни саздаваат клима за подобро разбирање и за одење напред. Ние едноставно сакаме да бидеме сојузници во НАТО и ЕУ.

Како се поима антиката дали таа ќе се вади од учебниците?

Не, сигурно дека нема да се вади антиката. Проблемот е формулациите. И кај нив и кај нас. Што претставува еден историски настан, што претставува односот на некој владетел кон одредена ситуација? Антиката е цивилизациска тема која денеска служи за подобро разбирање на развојот на општеството. Не можеме ние да речеме дека не постоела таа антика, или нека се рипне. Можеби во текот на разговорите ќе дојдеме до теми коишто во учебниците не се присутни или се присутни по наше мислење погрешно и недоволно за да кај другите ученици од другата страна создадат поинаков третман на историјата.

Што е со граѓанската војна во Грција и Балканските војни. Премиерот Заев изјави дека целта е преку овие стручни комисии да се извадат аргументите на двете страни Што значи тоа?

Точно. Кога се пишува историја, еве и јас сум бил вклучен во тие процеси на третман на одредени историски настани, авторите тргнуваат од своите видувања, образование, култура, домашно воспитување, она што е наталожено во нивната свест, во менталитетот и тоа е логично, и тоа не треба да се критикува. Меѓутоа кога државата презема одговорност за сите тие автори и да ги пренесе и на учениците и да создаде нова генерација, тогаш треба многу да се внимава. Нашата задача е во тие учебници да нема елементи односно истите настани да се евидентираат, образложат, аргументираат на начин којшто ќе ги задоволи и двете страни. Ако нема согласност за некоја работа, тогаш нема да има промена, но мултидисциплинарна е нашата комисија и сакаме еден поинаков, цивилизациски приод на темите коишто и вие ги спомнавте, коишто низ историјата во двете општества и заради политичките системи, создале многу нејаснотии. Ние тоа сакаме да го избегнеме.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG