Достапни линкови

Рок од 5 години за Северна Македонија во личните документи


Знаме на РМ
Знаме на РМ

Во рок од пет години или најдоцна до 2024 година личните документи на граѓаните ќе го носат новото име „Република Северна Македонија“. Со новите амандмани во нив ќе биде наведена и етничката припадност на малцинските заедници во државата.

Нови лични карти и пасоши ќе треба да си набават граѓаните, како и нови ознаки на регистарските таблички на нивните возила, најдоцна во рок од пет години откако ќе биде ратификуван договорот за името во грчкиот Парламент и откако македонските пратеници со усвојувањето на потребните уставни измени го запечатија новото име на државата „Република Северна Македонија“.

Регистарските таблички во иднина ќе ја носат кратенката НМ или НМК, а новото име на земјата ќе биде вметнато во личните карти и патните исправи. Во рок од 5 години ќе треба да се смени и сета останатата документација на јавната администрација за надворешна употреба, но и за внатрешна употреба и нивното издавање ќе почне со отворањето на секое поглавје на релеватното поле во преговорите со ЕУ. Тоа значи дека секоја институција етапно ќе го менува своето име и документацијата.

Се уште не се знае како ќе бидат сменети личните документи на граѓаните кои нема да истечат во дадениот рок, иако тоа нема да биде на нивен товар, барем според досегашните најави од страна на Владата. Во секој случај до 2024 година, граѓаните ќе треба да имаат лична карта или пасош под новото државно име.

Најтешкиот дел беше усвојувањето на уставните измени, но се очекуваат и потешкотии во спроведување на договореното во зависност од политичката состојба во земјата, вели политичкиот аналитичар Џељал Незири. Според него, со отворањето на перспективите за Македонија и членството во НАТО би се создале подобар терен за договорот за името без пречки да биде имплементиран.

„Во спротивно ако овој НАТО ефект не се случи или ако процесот на интеграција кон ЕУ не ги даде очекуваните резултати мислам дека спроведувањето ќе биде тежок процес“, смета Незири.

Кои беа првичните амандмани на владата, а што дополнително се прифати на крај?

Владата првично најави четири уставни амандмани кои дирекно произлегуваа од Договорот од Преспа. Но, по месеци дебати, политички маневри и со цел обезбедување на потребното дво третинско мнозинство тие претрпеа измени.

Најпрвин беше прифатено барањето на ДУИ, Охридскиот рамковен договор да се вметне во Преамбулата на Уставот. Пратениците го усвоија и амандманот на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ со кој уставните амандмани не важат доколку Грција не ја исполни својата обврска од Договорот за името.

Најтешко беше во последната фаза на усвојувањето на уставните измени кога по неколку дневни преговори премиерот Зоран Заев постигна договор со партијата Беса на Биљал Касами, која ги имаше клучните два пратеника за за заокружување на процесот.

Незири посочува дека целта на политичките партии била собирање на политички поени.

„Сите овие партии и групи фактички не се водеа од тоа дали договорот е добар или не, туку се водеа од тоа што ќе добијат конкретно како политички партии и групи. Мислам дека тие амандмани суштествено не го менуваат тоа што беше договорено и што стои како договор меѓу двете страни во Преспа и нема да се одрази во понатамошниот процес на спроведување“, додава Незири.

Со амандманот на Беса освен државјанството кое ќе биде македонско ќе стои и националноста, односно етничката припадност на граѓаните од малцинските заедници. Се прифати и амандманот со кој се потврдува дека Републиката наместо за Македонците, подеднакво води грижа на сите свои граѓани во дијаспората, како и амандманот со кој се наведува дека Македонија има нов сосед Република Косово.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG