Достапни линкови

НАТО одбележува 70-годишнина, Македонија сè поблиску до Алијансaта


НАТО одбележува 70 години од формирањето, а Македонија одбројува до влегувањето во Алијансата. За два месеци откако е потпишан Протоколот, го ратификуваа 11 земји членки на НАТО.

Македонија има поминато доста долг пат до НАТО. Но, иако сега земјата е со една нога во Алијансата, патувањето сè уште не е завршено. Приказната започна на крајот на 1993, кога Собранието усвои Резолуција за членство во сојузот. Во 1999 година, на Самитот во Вашингтон, Македонија стана кандидат за полноправно членство во НАТО.

Во 2008 имаше неуспешен обид за зачленување, поради грчкото вето. На почетокот на годинава, откако беше решен повеќедеценискиот спор за името со Грција беше потпишан протокол за членство во Алијансата, останува уште протоколот да биде ратификуван од земјите членки на НАТО и земјата да стане 30 членка на Алијансата. Додека земјата не стане полноправна членка, државата ќе биде дел од телата и органите на НАТО, но без можност да гласа.

За два месеци откако е потпишан Протоколот, го ратификуваа 11 земји членки на НАТО. Грција тоа го стори прва, а потоа протоколот го ратификуваа и Албанија, Словенија, Црна Гора, Данска, Литванија, Романија, Бугарија, Хрватска, Полска и Словачка.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вели дека членството е заслужено, не е подарок.

„Целта е процесот брзо и ефикасно да се заврши. Ние, можеби тоа го видовте во изминатите две години, не сме нестрпливи, меѓутоа научивме како држава дека не е добро да го губиш времето, затоа што од губење време завршуваш со изгубена декада“, рече Шекеринска.

Целосната ратификација зависи од правната држава и од начинот на уредување на секоја од земјите кои треба да го ратификуваат протоколот, вели Илија Џугуманов од Северноатлантскиот совет на Македонија. Тој вели дека како атлантист сака ратификацијата да заврши што поскоро и во декември, кога има најави дека ќе се организира церемонијален самит по повод 70-годишнината на НАТО, земјата да стане полноправна членка.

„Некои проценки укажуваат дека најспоро ратификацијата би одела во САД каде е потребно двотретинско мнозинство во Сенатот и таму малку правниот начин оди поспоро, меѓутоа имаме информација дека САД и Франција го почнаа процесот. Од друга страна како Велика Британија, која во овој период има други домашни проблеми сепак таму не мора да има одлука на Парламентот, така што процесот може да се заврши многу побрзо. Во целава оваа приказна балканските земји се наметнаа како одличен пример“, вели тој.

Евроатлантскиот совет од своите партнерските организации во земјите членки побарале поддршка при лобирање за ратификација на протоколот.

„Се надевам дека овие симпатии од сите земји кои ни се наклонети во последната година и на еден начин да ни се одолжат сите земји за десетгодишното чекање за влез во Алијансата“, вели Џугуманов.

ВМРО-ДПМНЕ се противи на промената на името, но го поддржува членството во НАТО. Шефот на собраниската делегација во Парламентарното собрание на НАТО, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека ратификација на протоколот за членство оди со забрзано темпо.

„Мислам дека може да се успее да бидеме можеби рекордер, ако не, би биле некаде во рамки на досегашниот рекорд од девет месеци и тоа е добро и треба да се поддржи и со моето учество во тој процес давам пример“, рече тој.

Словенечкиот амбасадор Милан Јазбец, чија амбасада е и контакт-амбасада на НАТО во Македонија, рече дека земјава направила голем напредок за многу кратко време и очекува многу брзо да стане 30-та членка на Алијансата.

„Ова се случува помалку од еднаш во животот. Јас не можам да се сетам на ниедна земја-членка на НАТО која имала девет ратификации за месец и половина. Ова е навистина фасцинантно и ја заслужува благодарноста на сите земји коишто го направија тоа, вклучувајќи ја и Словенија“, рече Јазбец.

Која е добивката од соработката меѓу Северна Македонија и Грција?

Членството во НАТО ќе значи поголема безбедност и повеќе пари, од друга страна земјата ќе мора да одвојува повеќе средства за Армијата. Кога Македонија ќе стане членка на НАТО, грчкото воздухопловство ќе биде задолжено за надгледување и на македонското небо по влегувањето, најавија на заедничката прес-конференција во Скопје, премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев. Ова е трета земја од регионот за чие небо ќе биде задолжена Грција. Нивната авијација, заедно со италијанската, која е исто така дел од Алијансата, го нагледуваат небото и над Албанија и Црна Гора.

НАТО се финансира на директен и индиректен начин. Директното финансирање се однесува на НАТО буџетите, тоа се воениот буџет, цивилниот буџет и НАТО инвестициската програма за безбедност. За оваа ставка земјата ќе треба да одвои околу два милиони долари за директно финансирање. А во делот на индиректното финансирање треба да се оствари прагот од 2 отсто од буџетот да се одвојува за одбрана.

Премиерот Зоран Заев вели дека се подготвени како идна земја членка целосно да го споделат товарот, должностите и одговорностите.

„Владата донесе одлука за зголемување на трошоците за одбраната за 0,2 проценти од БДП секоја година со конечна цел да ги постигнеме двата проценти од БДП-то не подоцна од 2024 година. Нашата влада ќе стори се за да го зголемува нашето учество во мисиите предводени од НАТО, како и во структурите во НАТО, ова е приоритет за нас кога стануваме полноправна членка на Алијансата“, изјави Заев.

Упатените очекуваат отворањето на вратите на НАТО за доведат и до зголемување на директните странски инвестиции, зголемување на БДП-то, намалување на невработеноста, подобрување на конкурентноста на приватниот сектор. Но напоменуваат дека НАТО е само еден од факторите за нивно остварување, но дека тоа не може да биде замена за квалитетни економски политики.

70 години НАТО, од воен пакт до глобална сила
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:26 0:00

70 години НАТО, од воен пакт до глобална сила

Изминаа 70 години откако 12 земји се согласија во рамките на Северноатлантската алијанса да почнат меѓусебно да се бранат ако некоја од нив биде нападната. Да го видиме никнувањето на НАТО во услови на Студената војна, како и првите битки на Алијансата на Балканот и нејзиното актуелно соочување со поранешните непријатели.

Гоце Атанасов

Пред 70 годинив, во почетокот на Студената војна, 12 земји од Европа и Северна Америка се собраа во Вашингтон каде што го потпишаа Северноатлантскиот договор.

„Ако има нешто што е сигурно денес, ако има нешто што е неизбежно во иднина, тоа е волјата на луѓето во светот за слобода и за мир“, изјави Хари С. Труман, претседател на САД во Вашингтон на 4 април 1949 година.

Во јадрото на НАТО беше членот 5 на Договорот - колективна обврска да се брани секоја земја потписничка ако таа биде нападната. Главната закана за Алијансата беше Советскиот Сојуз. Кога Западна Германија му се приклучи на НАТО во 1955 година, како одговор на тоа беше формиран Варшавскиот пакт, сојуз меѓу Советскиот Сојуз и неговите сателити.

Во шеесеттите години на минатиот век се случија неколку клучни настани: Берлинскиот ѕид, кубанската ракетна криза и говорот на претседателот Џон Ф. Кенеди во Берлин.

„Има некои кои велат дека комунизмот е патот на иднината. Нека дојдат во Берлин“.

Падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година доведе до големи промени за НАТО. Во почетокот 90-тите години, кога започна конфликтот на Балканот, Алијансата воспостави поморски блокади и зони забранети за летови.

Во 1999 година, авионите на НАТО го бомбардираа остатокот од Југославија на Слободан Милошевиќ откако се појавија докази за масакри врз косовските Албанци. Стотици илјади од нив беа протерани од нивните домови.

На 11 септември 2001 година, Алијансата за првпат се повика на својот член 5 од Повелбата, откако Ал Каеда ги нападна Соединетите Држави. Набргу потоа, силите на НАТО предводени од САД ѝ се приклучија на војната во Авганистан против талибанските милитанти и другите исламистички групи.

Со проширување со нови членки Алијансата ја зацврсти својата сила, но, исто така, предизвика тензии со Русија.

Претседателот Владимир Путин проширувањето на НАТО го оцени како „директна закана“. Алијансата засега има 29 членки, додека неколку други земји чекаат на влез. Грузија придонесува за мисиите на НАТО и бара членство, дури и кога сепаратистите поддржани од Русија, контролираат два дела од нејзината територија. Украина ги рестартираше напорите за влез во Алијансата откако Русија го анектираше Кримскиот Полуостров, а силите поддржани од Русија држат дел од регионот Донбас во земјата. Северна Македонија и Босна и Херцеговина, исто така, се стремат кон членство.

Но, и самата Алијанса, се бори со внатрешни политички тензии. Претседателот Доналд Трамп вели дека НАТО сојузот е премногу зависен од американските пари.

„Јас сум многу, многу директен, велејќи дека членките на НАТО конечно мора да придонесат за фер удел и да ги исполнат своите финансиски обврски“, рече тој.

Во текот на изминатите 70 години, НАТО од воен пакт на Студената војна се трансформира во глобална сила која делува на многу фронтови. Интервенираше во конфликти, спроведуваше мировни мисии, обучуваше сојузници аспиранти и помагаше на жртвите од природни катастрофи. И покрај многуте предизвици во и надвор од НАТО, Алијансата докажува дека може да преживее.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG