Достапни линкови

Уставните измени усвоени, ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени избори


Власта честита - ВМРО ДПМНЕ бара избори
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:44 0:00

Власта честита - ВМРО ДПМНЕ бара избори

Со 81 глас "за" помина последната фаза од уставните измени што произлегуваат од Договорот од Преспа. ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше на седницата и побара предвремени парламентарни избори.

Со прегратки и честитки заврши седницата на Собранието на која со 81 глас за беа донесени уставните измени со кои Македонија станува Република Северна Македонија.

На седницата која траеше околу еден час, со реплики најмногу меѓу премиерот Зоран Заев во име на владата и пратениците од Беса, Алијансата за Албанците и независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, дел нивни амандмани беа прифатени, дел видоизменети, а дел одбиени.

Непосредно пред седницата беше соопштено дека владата и крилото на Биљаљ Касами од Беса постигнале договор за нивните барања со кои ги условуваа нивните два гласа “за”, неопходни за да има двотретинско мнозинство. Двете страни најдоа решение за прецизирањето на етничката припадност кај граѓаните Албанци во делот на државјанството, што беше барање на Беса.

“Државјанството, македонско/ граѓанин на Република Северна Македонија, во личните документи и патни исправи на граѓаните се пишува на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Државјанството, македонско/ граѓанин на Република Северна Македонија, во личните документи и патни исправи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик и неговото кирилско писмо се пишува на македонскиот јазик и неговото писмо и на тој јазик и неговото писмо ” рече Заев.

Преговори се водеа и со осумтемина пратеници од независната група на ВМРО-ДПМНЕ. Нивниот амандман името Република Северна Македонија да биде само за надворешна употреба не беше прифатен од Владата, а Елизабета Канческа Милевска го потсети премиерот дека порано и тој ветувал дека нема да има промена на Уставот.

Точно е, јас го променив мојот став, но менувањето на ставови носи до прогрес реплицираше Заев. Канчевска- Милевска пак, го обвини и раководството на ВМРО-ДПМНЕ за лажни политики и лажен патриотизам.

“ВМРО-ДПМНЕ длабоко верува дека ова е последна шанса за државата во евроатлантскиот процес и за жал избра да биде нем набљудувач и со тивка деструкција да ја префрли одговорноста и некој друг да биде крив а само не раководството на партијата”, рече Канческа Милевска

На седницата пратениците со 81 глас покрај уставните амандмани 33,34,35 и 36 го усвоија и прогласија уставниот закон за спроведување на амандманите. Во текот на целиот ден, додека се одложуваше и не се знаеше кога ќе почне седницата, првично закажана за во 12 часот, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ заедно со членовите на партискиот извршен комитет беа во седиштето на партијата. Тие денеска не можеа да се видат во зградата на Собранието, а од партијата брифираа дека власта вршела закани и уцени за глас повеќе.

Кратко по изгласувањето лидерот на партијата Христијан Мицкоски рече дека ова е чин на предавство, а со Договорот од Преспа се нанесувала неправда. Мицкоски рече дека денес се покажало дека Македонија со Заев губи и побара предвремени избори.

“Токму поради ова ВМРО ДПМНЕ бара веднаш распуштање на парламентот и оддржување на вонредни парламентарни избори заедно со претседателските избори” рече Мицкоски.

Од владата, пак, испратија сопштение. Од таму им честитаа на сите граѓани и на сите пратеници за преземената одговорност со којашто на земјата и се отвораат вратите за НАТО и ЕУ.

“Остварувањето на овие придобивки дојде преку прецизирање на името на нашата држава со географската одредница – Република Северна Македонија. При тоа, македонскиот јазик ќе биде меѓународно признат во сите сојузи. Нашата химна, нашето знаме - остануваат исти и заштитени. Нашето државјанство ќе биде македонско/граѓани на Република Северна Македонија”, наведоа од Владата.

Во текот на целиот ден, додека се очекуваше седница пред собранието беа собрани граѓани кои бараа оставка од пратеници и владата, прекинување на седницата и извикуваа предавници и пееја патриотски песни.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG