Достапни линкови

Македонија привлекува дигитални номади


Дигитален номад во Охрид
Дигитален номад во Охрид

Времето на дигитална економија и ковид кризата го зголеми бројот на луѓето чија работа не е ограничена со физички простор и фиксно работно време. И во Македонија се подготвува кампања која треба да привлече дигитални номади од кои се очекува позитивен ефект за локалната економија

Работа која не е зависна од фиксна канцеларија и работни часови, слобода во начинот на работење, добар и брз интернет и вешто користење на дигиталните алатки. Сите овие се карактеристики на новиот начин на работа, наречен дигитално номадство. Ковид кризата само придонесе да расте стапката на вработени од далечина, каде токму работните часови и локација се комплетно независни.

Што точно работат дигиталните номади? Одговор на ова прашање побаравме од Нина Николиќ, коосновач на Асоцијацијата „Старт ап Македонија“.

„Дигитални номади се луѓе коишто поседуваат дигитални вештини и нивната работа не е ограничена со физички простор. Тоа се претежно луѓе со авантуристички дух, сакаат да запознаваат нови места и култури, сакаат да патуваат. Имав чест и задоволство да работам со дигитални номади, преку Швајцарската програма за претприемништво, ние досега имаме донесено преку 100 експерти, дел од нив биле и се, дигитални номади кои секогаш кога биле тука работат со нашите старт ап основачи и менаџери на акцелератори и секогаш кажуваат дека би сакале да останат повеќе од законскиот рок од 3 месеци колку што може да престојуваат тука“, вели Николиќ.

Некогаш живеењето дома може да биде поскапо отколку живеење во нова држава. Токму тоа оди во прилог на дигиталните номади кои заработуваат од клиенти во поразвиени држави, а одбираат да живеат во земји со понизок стандард.

Она што некои земји веќе го направија е издавањето на таканаречените „дигитални визи“ со кои им се овозможува подолг престој на номадите во одредена земја. Естонскиот парламент во јуни лани усвои измени и надополнувања на тековните закони за создавање дигитална номадска виза што ќе им овозможи на луѓето да доаѓаат во Естонија како туристи и истовремено да продолжат да работат за странски работодавец или како хонорарци независно од локацијата. Од земјите во регионот Хрватска е првата земја која воведе дигитални визи кои ќе се доделуваат за странци кои ќе работат за некој друг за период од една година.

„Потребата всушност за таа виза е овие луѓе да имаат можност да седат подолго време во земјата и средствата што ги заработуваат од нивната работа наместо да ги трошат на друго место, тие ќе вложуваат во нашата економија преку изнајмување на станови, преку користење на туристички аранжмани, намирниците за секојдневниот живот, а од друга страна нашите старт ап основачи и менаџери ќе можат да ги користат како придобивки знаењата, советите и искуствата на тие експерти од странство и на тој начин ќе се развиваме и одиме напред“, истакнува Николиќ.

Во времето на дигитална економија која овозможува се поголема слобода во начинот на работење, нашата земја интензивно работи на стимулирање и привлекување на дигиталните номади, велат од Фондот за иновации и технолошки развој.

Директорот на ФИТР, Коста Петров уверува дека Северна Македонија ќе стане нова атрактивна дестинација за дигитални номади.

„Веруваме дека Македонија и поради нејзината географска позиција и стандардот на живот им овозможува на дигиталните номади еден квалитетен престој. Значи, не се работи за луѓе кои ќе отвораат фирми во Македонија, (иако тоа ни е крајна цел нели да отвораат сопствени компании тука и да развиваат бизниси), туку за луѓе кои работат за друга фирма од друга земја, но одлучиле да живеат во нашата земја. Во моментот тие можат да седат 3 месеци во Македонија, со законските измени кои ги подготвуваме ќе работиме на дигитална виза со која ќе можат да седат подолго тука“, изјави Петров.

Упатените велат дека освен економскиот ефект кој ќе може да се искористи од присуството на дигиталните номади во земјава, ќе може да се разменуваат и споделуваат знаења, меѓународни искуства, а сето тоа ќе ја позиционира Македонија како регионална „старт-ап заедница“.

Од ФИТР информираат дека веќе се во контакт со многу портали кои се занимаваат со дигитално номадство кои пак веќе ја ставиле Северна Македонија на листата земји кои ќе ја нудат таа услуга. Оттаму додаваат дека тоа нема да се прави преку скапи кампањи, туку само преку алатките односно веб страните кои ги таргетираат дигиталните номади и преку препораките на дигиталните номади кои веќе работеле тука.

Од Владата на Република Северна Македонија велат дека прават постојани напори за создавање поволни услови за развој на старт-ап идеи, со цел да привлече многу домашни и странски претприемачи и експерти. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи неодамна изјави дека нашата „start up“ заедница ќе има голема корист од мрежата на знаење и вештини што ги споделуваат дигиталните номади, што ќе придонесе за забрзан развој на домашната економија, создавајќи нови идеи на пазарот на трудот.

Инаку, дигиталните номади заработуваат од било која работа која е независна од локацијата вклучувајќи блогирање, веб дизајн, оналајн коучинг, маркетинг, финансиско планирање, инвестирање, графички дизајн, преведување, организирање на тренинг обуки, и друго. Во моментов некои од најатрактивните локации за дигитални номади се Естонија, Тајланд, Кипар, Норвешка, Португалија, Британија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG