Достапни линкови

Преку самовработување со кредитирање до сопствен и одржлив бизнис


илустрација

За невработените граѓани кои одлучиле да отворат сопствен бизнис, еден од начините да го направат тоа е преку Проектот за самовработување со кредитирање на Агенцијата за вработување. Од оваа институција велат дека одржливоста на бизнисите кои се отвориле е на високо ниво

Минатата година 67 лица добиле работно место во 53 правни субјекти кои биле регистрирани во земјава преку проектот за самовработување со кредитирање кој го спроведува Агенцијата за вработување. Во 2019 година пак, бројот на вработени и регистрирани субјекти бил удвоен, односно 137 лица се вработиле во 104 правни лица. Невработените кои сакаат да почнат сопствен бизнис имаат можност да се пријават на новиот оглас за вработување кој е во тек и притоа да добијат кредит од 5000 до 10 000 евра.

Рита Конзулова е една од оние кои се пријавиле на последниот повик и добиле кредит од 5000 евра. Со помош на средствата таа отворила пилатес студио. Со парите од кредитот ја купила потребната опрема која се користи за тренинзите, но и инвентар во салата каде што се одржуваат вежбите.

„Јас првпат аплицирав и добив кредит. Сумата е сосема доволна за едно невработено лице да почне сопствен бизнис, можеби ќе треба и некоја дополнителна инвестиција од сопствениот буџет, но горе-доле доволно се парите. Јас започнав со работа и задоволна сум засега како ми оди, за понатаму очекувам и поголем одзив се разбира доколу нема повторно карантини и ако не се влоши ситуацијата со епидемијата“, вели Конзулова, сопственик на пилатес студио „Фејм-Фит“.

Проектот за Самовработување со кредитирање Агенцијата за вработување го спроведува од 2008 година, а целта велат надлежните, е намалување на невработеноста со отворање на нови бизниси или формализирање на постоечките бизниси. Инаку проектот низ годините се финансира од истите средства кои се револвинг средства односно од средствата кои се наплаќаат по основ на поврат на кредитите заедно со каматата од 1% согласно договорените услови.

Од Агенцијата за вработување велат дека досега се пласирани околу 30 милиони евра за главница за невработени и правни лица, провизија, надомест за хипотека и провизија за присилна наплата, надомест за правни услуги. За тоа какви се ефектите од оваа мерка одговор побаравме од Весна Милчевска, вработена во Агенцијата.

„Досега со овој Проект регистрирани се околу 4.000 правни субјекти, а вработени се околу 5000 лица. Важно е да се каже дека одржливоста на бизнисите е на високо ниво. Нашите податоци говорат дека околу 75% од вработените лица сеуште се во работен однос, а има и правни субјекти кои го зголемиле бројот на своите вработени“, изјави Милчевска од АВРСМ.

Од Агенцијата објаснуваат дека согласно Проектот самовработување со кредитирање, кредитните средства се доделуваат со цел невработеното лице да регистрира трговско друштво или правен субјект, односно да ја регистрира дејноста и да ги реализира вработувањата. Доколку корисникот на кредитот го намали бројот на вработените лица должен е во рок од 30 дена на нивно место да вработи други лица во спротивно се обврзува во целост да ги врати доделните кредитни средства. Од друга страна, доколку невработените лица доцнат со сервисирањето на обврските повеќе од 90 дена, деловната банка започнува постапка за наплата на кредитните средства односно активирање на гаранцијата за поврат на кредитот.

Се чини дека вакви мерки се посебно потребни во периодот на пандемијата, кога поради економските последици од кризата голем број граѓани останаа без работа. Еден од нив е и Горан Бошковски, кој преку сличен проект добил грант за да започне свој сопствен бизнис. Тој е во подготовки да отвори несекојдневен бизнис , односно за првпат во Скопје да профункционира таканаречената „антистрес соба“. Заинтересираните прво резервираат термин, пред да влезат во собата облекуваат заштитна опрема и потоа почнуваат да кршат најразлични предмети (повеќето од нив со можност да се рециклираат). На тој начин објаснува Бошковски тие се ослободуваат од насобраниот стрес.

„Јас добив грант од 4000 евра, вложив и нешто што имав заштедено плус, за да можат да се завршат сите процедури околу регистрација на фирма и сл. Сега засега е се во ред, и како што ќе работиме и ќе доаѓаат средства, ќе инвестираме се повеќе финансиски средства во бизнисот. Да не беше целата ситуација со пандемијата и да ја немав таа можност за финансиска помош, немаше да се решам на овој чекор, но вака сега се повеќе сум убеден дека ова е одличен чекор и едно искуство кое едвај чекам да го започнам“, раскажува Бошковски.

Во меѓувреме, бројот на згаснати фирми во минатата година е во рамки на просекот, за разлика од бројот на невработени лица кој забележа раст поради пандемијата на коронавирусот. Во минатата година биле згаснати 6214 компании. Во исто време, работата поради корона кризата ја загубиле 17.026 лица или во просек месечно по околу 1400. Со петтиот пакет мерки за помош на економијата се обезбедени 50 милиони евра од Буџетот, а реализацијата на мерките ќе започне во февруари.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG