Достапни линкови

И во време на криза, може да се води успешен бизнис


илустрација

За некои фирми годината зад нас беше тешка на економски план. Загуби, отпуштања на работници, затворање на фирми. Но има и такви фирми што покажаа дека и во време на пандемија, со добра проценка и пренамена на дејноста може да се води успешен и прифитабилен бизнис

За фирмите кои вршат транспортни услуги, минатата година беше една од најтешките. Сепак, предизвикот да се надмине кризата, па уште и да се работи со добивка, успешно го совладал Бесник Исаку. Тој бил сопственик на компанија за меѓународен транспорт , а првите неколку месеци од пандемијата биле клучни за Исаку да ја пренамени својата дејност и основал нова фирма во карго индустријата. Оваа фирма подразбира поддршка на он лај продажбата, има сопствен систем за следење пратки и врши дистрибуција на секаков вид роба во рамките на државата.

„Бидејќи ние во досегашната кариера имавме добро обучен тим, дел од луѓето веднаш ги пренасочивме во новата фирма во карго индустријата, во поштата и успеавме во јули во време на пандемијата да вработиме 30 нови луѓе. Освен што не отпуштивме, успеавме и да вработиме луѓе“, раскажува Исаку.

Фирмата која ја основал денеска има возен парк од 52 возила и 6о вработени. Она што го истакнува е потребата од постојана едукација и вложување во човечките ресурси. Како пример ги посочува дигиталните вештини кои во ова време на пандемија се покажале клучни за неговите вработени.

„Новата фирма ја почнавме од нула. Креиравме возен пат од нула, наш софтвер за електронско следење на пратки. Дел од тимот кој претходно работеше на меѓународна логистика го пративме во брзата пошта и успеавме да креираме добар и професионален тим. Ние секоја година инвестираме во нашите вработени, во обуки за дигитализација на пример. Затоа бевме однапред подготвени и кај нас е интересно тоа што секој тим се обучува за тесна специјалност, значи не бараме еден човек да работи многу работи, туку точно за тоа за кое е обучен, значи да бидат професионални за својот сектор,“ вели Исаку.

Примерот на Исаку покажува дека со добри претприемачки вештини и инвестирање во човечкиот потенцијал, економските кризи полесно се надминуваат. Тој е убеде дека овој вид бизнис има светла иднина , а трендот на онлајн купување само го потврдува неговиот впечаток.

Инаку, транспортниот сектор е еден од најпогодените од пандемијата со корона. Од Асоцијацијата на превозници „Макам-транс“ велат дека последнава година работата опаднала за дури 50 проценти. Велат дека превозниците претрпеле големи загуби и дека доста од нив всушност ги искористиле своите заштеди од претходниот период.

Во однос на владините мерки за помош, од Асоцијацијата велат дека тие донекаде се инфузија за одредени фирми, иако нивната искористеност не била висока.

„Нема голем број транспортни фирми кои користеа поволости во однос на кредити и сл. земаа помош во однос на платите кои ги даваа пролетта, но бидејќи се што беше условено до дополнително плаќање на камати, враќање кредити итн, беше причина некои од фирмите да проценат дека е подобро да ги искористат залихите и кога ќе заживее стопанството да се вратат во полна сила“, вели Биљана Муратовска, генерален секретар на Макам-Транс.

Во моментот нормално се одвива транспортот на меѓународните превозници, а возачите освен што пополнуваат апликации за да се пријават како транспортери, се ослободени од дополнителната документација која во првите неколку месеци од пандемијата се бараше од страна на владите на државите во кои патуваа.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG