Достапни линкови

Странските инвестиции во минус, а каква е бизнис климата?


Фабрика во ТИРЗ Струмица. Илустрација.
Фабрика во ТИРЗ Струмица. Илустрација.

Во второто тримесечје од годинава странските инвестиции се во минус од околу 9 милиони евра. Најмногу инвестиции државата имала во 2018 година, а најмалку во 2012. Владата вети дека за време на новиот мандат ќе оствари милијарда евра странски инвестиции.

По инвестицискиот бум во 2018 година, Македонија бележи пад во странските директни инвестиции. Откако во земјата беше прогласена пандемија на коронавирус странските директни инвестиции се во минус, односно Народната банка во април, мај и јуни регистрирала одлив од 9,3 милиони евра. Во првата половина од годинава вкупните директни инвестиции во земјата изнесуваат 122,6 милиони евра. Лани ситуацијата беше подобра со 326,2 милиони евра странски инвестиции. Но, е далеку од пред две години кога беа забележани рекордни 624,5 милиони евра.

Реално требаше да се очекува дека оваа година ќе има пад на странските инвестиции поради две причини, вели економскиот аналитичар Арбен Халили.

„Првата секако е пандемијата со коронавирусот и не секој инвеститор е подготвен во нејасни ситуации и во вакви услови да инвестира. Од друга страна важен сегмент за странските инвеститори, не само оваа година, туку и претходните години е дека тие внимаваат во која земја ќе инвестираат и дали има политичка стабилност или не. Во последните 10 години ние никако не успеавме да истераме цел мандат на една влада до крај. Секоја втора или трета година имавме избори. Да се надеваме дека таа пракса нема да продолжи понатаму и дека ќе имаме влада која ќе тера мандат 4 години и со тоа ќе покажеме политичка зрелост што ќе биде добар знак и за домашните и за странските инвеститори кои ќе можат да ги насочат своите инвестиции во нашата земја“, вели Халили.

Од СДСМ соопштија дека процесот на реализација на директните странски инвестиции во земјата се одвива тековно и во време на пандемијата со коронавирусот.

„За тоа зборува вториот инвестициски проект на компанијата „ВИК (WIK) Македонија“ во технолошко-индустриската развојна зона Прилеп, кој доби државна поддршка. Станува збор за инвестиција во вредност од 2,5 милиони евра со која е предвидено да се вработат нови 100 лица. Ова е потврда за позитивната и стабилна клима за инвестирање што ја гради Владата предводена од СДСМ, препознавање на предностите од членството во НАТО и забрзаниот процес на интеграција во ЕУ“, наведуваат од владејчката партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека СДСМ во недостиг на ефикасни економски мерки ја манипулира јавноста и дека Македонија тоне во економска криза. Наместо нови инвестиции, според опозициската партија, СДСМ донела повеќе криминал и корупција.

2,7 милијарди евра инвестиции

Во програмата на Владата се наведува дека износот на странските инвестиции го планираат на ниво од најмалку една милијарда евра за 4 години, со фокус на оние базирани на иновации, висок степен на финализација на производи и услуги и одржливост на бизнисите.

Во изминатите десет години вкупната бројка на странски инвестиции изнесува 2 милијарди и 760 милиони евра. Но, 2018 со 624 милиони зазема голем процент од нив или речиси 23 проценти. Втора најдобра година на листата е 2011, но со далеку помалку инвестиции од 344,4 милиони евра. Најслаба година пак е наредната 2012 кога инвестициите изнесувале само 111,2 милиони евра. Во просек на годишно ниво инвестициите изнесуваат по 276 милиони евра.

Според Халили, Владата доколку сака да привлече повеќе инвестиции во иднина не смее веќе да игра на картата дека државата нуди евтина работна сила, туку квалификувана.

„Ние не можеме да бидеме и евтини и квалификувани. Мора да се направи пресек. Ако зборуваме за квалификувана работна рака, треба тоа да е картата на која ќе се игра за сериозно да не сфатат инвеститорите. Секако треба да се насочиме и кон тоа што е интересот на инвеститорите, а тоа е профитот и мерките што Владата ги дава на странските инвеститори кои треба да продолжат и понатаму“, додава тој.

Поволна бизнис клима, проблем корупција и ковид-19

Во извештајот на американскиот Стејт Департмент објавен месецов се оценува дека инвестициската клима во земјата е поволна и дека правната рамка за инвестирање во голема мера е во согласност со меѓународните стандарди и странските инвеститори се третираат исто како и домашните.

Но, според извештајот, целокупната регулатива останува сложена и честите законски измени, заедно со неконзистентно толкување на правилата, создаваат непредвидливо деловно опкружување погодно за корупција.

Во извештајот се предупредува и дека кризата предизвикана од ковид-19 ќе има влијание врз економијата на Македонија и способноста да ги апсорбира странските инвестиции.

„Оваа година фирмите отпуштаа вработени, производството беше насочено кон неопходните потреби, а владата започна да воспоставува ограничувања за намалување на негативните економски ефекти од ковид-19, вклучително и контрола на цените и ограничувања на движењето на луѓето. Вирусот најверојатно ќе има огромни, иако во моментов нејасни, влијанија врз економијата во 2020 година, но и потоа“, се наведува во извештајот на Стејт департментот.

Владата во нејзината програма најавува и дека ќе создаде законска и финансиска рамка со која нивото на јавни инвестиции ќе порасне на 2,2 милијарди евра додека очекуваните директни приватни инвестиции ќе бидат 1,2 милијарди во период од целиот мандат.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG