Достапни линкови

Имоти за политичари, за народот ни леб


Празни рафтови во маркетите каде што треба да е лебот. Скопје 02.03.2023
Празни рафтови во маркетите каде што треба да е лебот. Скопје 02.03.2023

Њузлетер 03.03.2023 - Сомнителни богатења на политичари и функционери, народот, буквално, без леб, децата без образование.

Обвинувања за криминал, институциите во зимски сон

Партиите, минатиот месец, објавија повеќе афери за корупција, но не поднеле пријави до надлежните институции. Зошто? Тие си знаат.
Антикорупциската комисија на сопствена иницијатива отворила предмети за проверка на имотната состојба на вицепремиерот Артан Груби, за дуќани, тендери, како и за лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, за сомнително купената куќа. Сомнежи за злоупотреби беа објавени и за премиерот Ковачевски за лична промоција преку социјални мрежи, и за лидерот на опозицијата Мицкоски, за новоизградена куќа.

Пријави не се стигнати до Јавното обвинителство, до кое изгледа не допираат гласови. Анти-корупциска, политичарите па и другите институции не ја есапат, а Јавното обвинителство е приказна за себе. Така, покажувањето документи, фотографии и слично, од страна на партиите, се сведува на политички маркетинг без никаква завршница.

Тешко дека некој „од надвор“ ќе ни ја расчисти корупцијата

Кога домашните институции се „заробени“ и не расчистуваат со криминалот и корупцијата, луѓето, па и некои политичари „се крстат“ во странска помош, односно некој друг да ни го измете дворот. За нив, јасна порака...

„Верувам дека најдобар начин да се борите против корупцијата, не е преку американски санкции, туку преку домашните истраги и домашните институции, преку зацврстување на владеењето на правото. Нашите санкции не се замена за домашните процеси и институции кои се тука за да го промовираат владеењето на правото. Јас ги охрабрувам владата на Северна Македонија и сите влади во земјите од Западен Балкан да се посветат на борбата против корупцијата, која е нешто што им е заедничко на сите шест земји и единственото нешто важно за нивниот економски и демократски капацитет“, порача американскиот заменик-помошник државен секретар и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Пазарџиски расправии во Парламентот

Кога нема никаква одговорност за никого, дури и за сомневања за криминал, уште помалку има за пратениците, кои од собраниската говорница можат да кажуваат што сакаат. Но, тоа отиде дотаму што дискусиите се претворија во лични навреди, кавги, мешање на семејствата, сопруги, деца...
Од навреди кои алудираат на машкоста на премиерот до тоа дали пратениците користат дрога, преку мерење на интелигенција па до семејни врски, криминални „групировки“ и говор на омраза.

„Колку е по некултурен, или условно речено колку повеќе навреди ќе искаже кон претставникот од спротивната страна, толку тој себе си во своите очи или во очите на партиските водачи може да се гледа како храбар или смел“, вели Ѓулистана Марковска.

Марковска: Ова Собрание, кога би го оценувале граѓаните би добило жолт картон
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:07 0:00
Директен линк



За народот ни сув леб

До каде дојдовме, лебот да биде главна тема во државата, а не корупциските скандали.
Власта, покрај грижата за себе, води сметка и за народот, се труди да му обезбеди евтин леб, ја замрзна цената на 33 денари во наредните 3 месеци.
Тоа не важи за ѓеврекот, бурекот баничките... а да не зборуваме за другите прехранбени продукти, чии цени драстично скокнаа во последните месеци.

Лесно може да се пресмета колку ќе заштедат граѓаните месечно ако купуваат по еден до два леба дневно, ... околу 400 до 600 денари месечно. Арно ама, леб, од евтиниот, снема по продавниците, пекарите саботираат.
Многу галама за ситни пари, па ништо чудно некој да се сети и да им порача на обичните луѓе, „ако немате за леб, јадете колачи“.

Кошмар за учениците и родителите

Затајуваат институциите и во борбата против сајбер криминалот. Заканите со поставени бомби во училишта траат со месеци. Речиси секојдневно учениците губат настава, родителите ги напуштаат работните места и бараат чаре каде да ги однесат, а сега, плус и да им најдат компјутер и интернет за да следат онлајн настава.

Децата не добија учебници, губат часови, живеат во стрес, не знаат што ги чека утре, па може да се претпостави какво образование ќе стекнат.
Власта нашла „итро“ решение за заканите со бомби, - ги смениле емајл адресите на училиштата, но заканувачите веднаш ги дознале, барем така изјави премиерот Ковачевски.

Лајкови по социјални мрежи собира и Вучиќ

Изгледа нашиот премиер добил инспирација за себе промовирање од Белград. Вработени во партијата на српскиот претседател Александар Вучиќ и државни службеници од цела Србија биле дел од мрежа која ја таргетирала домашната публика на многу интернет сервиси, како и во локалните медиуми. Целта им била да се создаде перцепција за широка поддршка за Вучиќ и за Српската напредна странка.

Кој го плаќа тоа, не е познато. Истрага има, резултат нема.

Битката за Бахмут во Украина

Руската офанзива на истокот на Украина сè повеќе е фокусирана кај градот Бахмут во Донецк, соопшти украинската армија на 28 февруари. Претседателот Володимир Зеленски предупреди дека ситуацијата станува „исклучително тешка“ за украинските бранители на градот.
Бахмут е речиси опустошен од секојдневните борби и гранатирања. Репортерот на Радио Слободна Европа Марјан Кушнир беше со украинските војници кои се борат за одбрана на градот. Опколени се од руските сили кои настојуваат да го освојат. Ако успеат русите, може да падне целиот Донецки регион.

Украинските сили под жесток оган во опколениот Бахмут
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:23 0:00

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG