Достапни линкови

Корупција на функционери на ДУИ - недопирливи или лажни обвинувања?


Првиот вицепремиер и висок функционер на Артан Груби.
Првиот вицепремиер и висок функционер на Артан Груби.

Дали функционерите од ДУИ во земјава се недопирливи за правдата. Многу отворени обвинувања за корупциски скандали, но досега ниту еден од ДУИ не одговарал. Според лидерот на Демократскиот Сојуз Павле Трајанов, напуштање и со тоа уривање на Владата е џокерот кој ДУИ секогаш го има в рака.

Последните обвинувања за корупција на функционери на ДУИ кои опозицијата ги посочи во Собранието, одново го покренаа прашањето колку институциите се активни кога станува збор за сомнежи за криминал сторен од актуелни функционери.

Опозицијата обвинува дека вицепремиерот Артан Груби им овозможил на негови блиски да заработуваат милиони евра и го повика Обвинителството и Антикорупциската комисија да отворат постапки. Груби тоа го демантираше од собраниската говорница.

Големи корупциски скандали ја одбележаа Македонија од независноста наваму. За нив има обвинети и осудени функционери од најголемите партии ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, но впечатокот во јавноста е дека досега ниту еден функционер на ДУИ не одговарал за сомнежи за корупција.

Тоа е така бидејќи институциите се партизирани, но повеќе поради џокерот кој ДУИ секогаш го има в рака да излезе и да ја сруши Владата, вели пратеникот и претседател на Демократскиот сојуз Павле Трајанов кој деновиве ја напушти владината коалиција на СДСМ и ДУИ.

„Во седумте институции кои се одговорни за борба против корупцијата, против тешките облици на криминал, раководат партиски луѓе. Тие не можат да започнат оперативна истрага против носител на јавна функција ако се работи за кадар на ДУИ, бидејќи таа има силен механизам да влијае на тоа дали Владата понатаму ќе опстои или не“, вели Трајанов во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

ДУИ како политика партија беше основана во 2002 година, по укинувањето на таканаречената Ослободителна народна армија (ОНА) во конфликтот во Македонија во 2001 година. Тогаш стана најголема политичка партија од албанскиот блок и трета најголема во државата, по ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, и повеќе од 18 години е дел од власта, а само две години беше во опозиција.

На парламентарните избори во 2002 година ДУИ со 16 пратеници стана дел од владеачкото мнозинство со СДСМ. Иако на изборите во 2006 освои најголем број на пратеници од албанските партии (13), ДУИ две години беше во опозиција, откако тогашниот мандатар Никола Грувски ја покани ДПА да учествува во владата како втора албанска партија по број на освоени мандати. Но, коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ беше формирана по предврмените парламентрани избори во 2008 година и траеше до 2016 година, кога ДУИ одлучи да продолжи во власта со СДСМ и која се уште е актуелна.

Трајанов, кој деновиве ја напушти владејачка коалиција на СДСМ и ДУИ, објаснува дека досега ниту еден функционер на ДУИ не одговарал бидејќи ДУИ со механизмот за излез од Владата има моќ да влијае врз министрите и премиерот да спречуваат отворање на постапки против нивните членови.

„Тука е целата работа, тука е браната, тука е влијанието на министрите, на претседателот на Владата врз овие институции, да не отворат случаи, дури и таму каде што е очигледно дека има криминал - да не го отвораат, да не го проверат, да не го документираат и се разбира да не се поднесе кривична пријава против некои од носителите на високи позиции ако е кадар на ДУИ“, вели Трајанов.

Демократскиот сојуз чиј претседател е Трајанов деновиве го напушти владиното мнозинство, откако владата предводена од СДСМ и ДУИ постигна договор Алијанса за Албанците да влезе во Владата.

За последните обвинувања за корупција од страна на опозицијата Груби возвраќа дека тие се невистинити и ги нарече ширење на лажни вести од страна на опозицијата. Тој ги повика Обвинителството и другите институции да направат истрага за ваквите обвинувања.

„Го повикувам Обвинителството да постапи и да истражат се што има во наводите, не само на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на било кој друг во однос на мене, во однос на ДУИ или на било кој од ДУИ. Не знам колку да бидам потранспарентен и како ова да биде поубедливо за граѓаните, кога велам истражете. Доколку они имаа нешто за кое што се сигурни, а не да алудираат преку лажни вести, тие ќе ги поднесеа во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, но тоа не го направија“, изјави Груби за телевизија Канал 5.

Трајанов вели во државата е потребно итно да се воспостави неселективна борба и систем кој ќе гарантира ефикасна борба против корупцијата. Тој додава дека по завршувањето на реконструкцијата на Владата, преку Собранието ќе бара имплементација на проект и формирање на независна агенција за борба против корупцијата.

Годинава Македонија се најде на 85-то место, со 40 индексни поени на Индексот на перцепција на корупција на Транспаренси интернешнал. Иако се бележи минимално подобрување од лани, во државата лани имаше големи корупциски скандали. Индексот користи скала на бодови од нула како многу корумпирана земја, до 100 поени за некорумпирана земја.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG