Достапни линкови

Што ја чека новата Влада?


Премиерот Зоран Заев и министрите во новата Влада.

Справувањето со последиците од коронакризата врз економијата и здравствената криза се приоритет за новата влада. Фирмите и граѓаните чекаат нов сет на економски мерки. Премиерот најавува стабилен период на политички план, вложување во економијата, борба со загадувањето.

Приоритети на новиот владин состав ќе бидат економијата, правосудството, образованието, администрацијата, животната средина, рече премиерот Зоран Заев, откако беше изгласана новата влада. Тој вети зголемување на платите, справување со кризата со ковид-19, борба против криминалот и корупцијата... За новиот владин состав гласаа 62 пратеници, а 51 гласаа „против“.

Партијата која ја предводи Заев, СДСМ на предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 15 јули, освои најмногу пратенички места, 46. Потоа формирање коалиција со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, чија партија на изборите освои 15 пратенички места и со и со ДПА која освои еден пратеник. Трите партии имаат мнозинство од 62 пратеници во Собранието.

Сите очекувања свртени кон економијата

Еден од главните предизвици со кои треба да почне да се соочува новата влада се лошите економски параметри. Економијата е погодена од последиците од пандемијата на коронавирусот, па многу фирми се на работ на опстанок. По појавата на вирусот во март, како дел од мерките за сузбивање на болеста, се воведе ограничување во работењето на фирмите, луѓе останаа без работа, имаше проблеми со увоз и извоз поради затворените граници. Поради тоа приходите во буџетот се намалија, се очекува помал економски раст, над 20 илјади луѓе останаа без работа, а државата дополнително се задолжи за да им помогне на граѓаните и фирмите погодени од кризата.

Јавниот долг на крајот на јуни надмина 6,5 милијарди евра, односно 59,5 отсто од БДП-то. Според проценките на Фајнанс тинк, оваа година економијата ќе доживее пад од 3,8 проценти.

„Чекор кој може да влее оптимизам е робустен старт на новата влада на полето на економијата. Од тој аспект сметам дека е потребно што поскоро владата да излезе со нови мерки за ревитализација на економијата, меѓутоа исто така да се идентификуваат оние сектори, они полиња кои може да претставуваат мотор на економијата и да бидат двигател на економијата во следниот период, особено во овој пост-корона период“, вели Благица Петрески, извршна директорка на Фајнанс тинк.

Најголемиот удар на корона-кризата беше во второто тримесечје од годинава, кога имаше делумно затворање на економијата, но во втората половина од годинава состојбата почна да се стабилизира.

Во ек на кризата, владата донесе три сета на мерки за помош на компаниите и граѓаните да ја пребродат кризата во вредност од 500 милиони евра, но податоците на Министерството за финансии покажуваат дека досега биле искористени помалку од една третина од нив, односно околу 165 милиони евра. Мерките вклучуваа помош за фирмите за исплата на минимална плата за вработените, помош за оние кои изгубиле работа поради корона-кризата, бескаматни и евтини кредити за компаниите, одложување на плаќањето на ратите за кредит за граѓаните и фирмите, платежни картички за домашни производи за невработени и луѓе со ниски примања, помош за млади, како и ваучери за туризам за вработените со мали плати. Владата најавува и четврт сет на економски мерки. Мерките ќе бидат за пензионерите кои имаат пензии до 15 илјади денари, за невработените, односно неактивни баратели на работа и за самохраните родители да добијат домашни платежни картички.

Справување со ковид -19

Од почетокот на пандемијата во земјава се регистрирани повеќе од 14 илјади заразени, од нив 600 луѓе починале, има 11 илјади излекувани и околу 2600 активни случаи.

Како дел од мерките за справување со вирусот се уште се активни така наречените „меки“ мерки, како држење дистанца, носење маска во затворен простор и на отворено каде што нема услови за држење растојание, препораките за одржување хигиена. Како дел од мерките е и организирањето на наставата. Учебната година ќе почне со еден месец задоцнување, односно на 1 октомври, и во најголем дел ќе се одвива онлајн. Важат и мерките за хронично болните кои не одат на работно место и ако има услови работат од дома. Од работа се ослободени и родители кои имаат деца во градинка, оти градинките се уште не работат. Со владина одлука од почетокот на март затворени се училиштата, градинките и факултетите како мерка за сузбивање на ширење на вирусот. Сега новата влада треба да изгласа измени во законот за образование, со кои ќе се организира наставата во училиштата.

Први септември годинава се паѓа на први октомври

Министерот за здравство, Венко Филипче пред два дена во видео обраќање рече дека претстои уште еден период во кој мора да се штитиме уште повеќе и уште подисциплинирано да ги почитуваме мерките за ковид -19. На шест месеци откога беше регистриран првиот случај во земјата, Филипче им се заблагодари на граѓаните за поддршката што ја даваат во борбата против вирусот.

„Со почитување на мерките за заштита на сопственото здравје, освен што се штитите себеси и своите блиски, давате личен придонес во напорите на здравствените работници кои секојдневно се борат за секој еден живот“, рече Филипче.

Лекции од средношколците за наставата
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:29 0:00

Заев ветува стабилен период на политички план

Коалиционите партнери ја најавија владата како влада со четиригодишен мандат. Коалицијата брои 62 пратеници што е за само еден повеќе од неопходните 61 за парламентарно мнозинство. СДСМ и ДУИ беа партнери и во претходната влада која не издржа четиригодишен мандат, оти беа распишани предвремени избори, откако земјава на самитот на ЕУ во октомври минатата година не доби покана за датум за почеток на преговори со ЕУ, и покрај тоа што го смени името во Република Северна Македонија.

Партиските лидери првин се договорија избори да има во април, но тие беа одложени поради пандемијата со ковид 19 и потоа се одржаа на 15 јули. Но, и досега владиното мнозинство во ист состав СДСМ и ДУИ имаше проблеми во соработката. Во предизборниот период дополнително се затегнаа односите меѓу партнерите, откако Заев рече дека ќе ги прати ДУИ во опозиција, а ДУИ излегоа со предлог за Албанец за премиер. Но по изборите откако и двете партии освоија најмногу гласови, СДСМ во македонскиот и ДУИ во албанскиот блок формираа коалиција. Премиерот Заев рече дека претстои стабилен период на политички план, период на предвидливост и порача дека секој граѓанин треба да ја зграпчи таа можност.

Нема отворени етнички прашања

Премиерот Зоран Заев откако беше изгласана новата влада рече повеќе нема отворени етнички прашања во државата и дека сите се еднакви.

„Мора да работиме заедно за граѓаните, за сите граѓани подеднакво “ рече премиерот.

Во предизборието, и по периодот по изборите до формирањето на нова влада, на социјалните мрежи изобилуваа со изјави и обајви со препукување на база на национализам, поделби, меѓуетнички тензии. Ненад Марковиќ, професор на Правниот факултет Јустинијан Први во разговор за Радио Слободна Европа вели дека со формирањето влада ќе стивнат меѓуетничките тензии.

„Мислам дека ќе ги обедини желбата за власт, дека ќе ги обедини „поделбата на пленот“ кој го добија на изборите, така што ќе спласнат сигурно, до некои следни избори кои би можеле да бидат за жал многу брзо. Дотогаш ќе имаме примирување. Нема некои особени причини, надвор од ова предизборно и постизборно мерење на силите условно кажано, особено меѓу ДУИ и СДСМ, да постојат меѓуетнички тензии. “

Според испитувањето на јавното мислење спроведено од американскиот Национален демократски институт (НДИ) објавено во јули, граѓаните меѓуетничките односи ги ставаат на незначително место како проблем со кој се соочува земја. На прашањето кој е првиот најголем проблем со кој се соочува земјата денес 33 отсто од граѓаните одговориле економски проблеми, 22 отсто ковид-19 и 31 отсто системски проблеми. Во делот системски проблеми спаѓаат и меѓуетничките односи, но во тој оддел прв проблем е криминалот и корупцијата со 24 отсто, а последен меѓуетничките односи со еден отсто.

Владата се обврза на борба против загадувањето

Новата влада се обврза на „силна, бескомпромисна борба против загадувањето“.

„Чистиот воздух и здравата животна средина се тема за која не смее и нема да има никаков компромис. Наша обврска е да обезбедиме чист воздух, чисти води и чиста почва и на тоа ќе сме силно посветени. Ќе ги зајакнеме инспекциските служби, но и ќе ги зголемиме казните за оние кои ја загрозуваат нашата заедничка животна средина. Но најважно од се, ќе спроведеме акции каде секој од нас ќе треба да се вклучи и да исчисти дел од заедничката средина. Знам дека она што денес сами ќе го исчистиме, утре нема повторно да го загадиме“, рече Заев преставувајќи на програмата на новата влада.

Во земјава, особено во зимскиот период, енормно се зголемува загадувањето на воздухот. Во поголемите градови,како Скопје, Куманово, Битола, Тетово, воздухот зимно време е загаден по неколку пати над дозволеното. Со години траат обидите и дебатите како загадувањето да се намали, но засега ефективни решенија нема.

Во полето на животната средина предизвици се и малите хидроцентрали, изградбата на неколку „спорни“ рудници, справувањето со отпадот. Во новата владина програма се најавува забрана на нови мали хидроелектрани, но само во заштитените подрачја на земјата. До ова доаѓа откако во изминатите неколку години изградба на вакви проекти беше дозволено во националните паркови Маврово и Пелистер. Исто така во програмата на Владата во делот за енергетика се вели дека Владата има „амбициозен план“ до 2024 година над 50 проценти од вкупната инсталирана електрична моќност во државата да биде од обновливи извори на енергија.

Не запираат протестите против отворање на на рудник за бакар и злато во близина на струмичките села Иловица и Штука. Претходната влада вети дека нема да се отвора рудник и го раскина договорот за концесија, но потоа Управниот суд ја поништи таа одлука, оттогаш еколошки здруженија протестираат против одлуката на судот.

Во август протестираа граѓани кои го блокираа пристапот до депонијата Русино во Гостивар. Тие бараат да се запре горењето на ѓубриштето во депонијата, да се најдат тие кои подметнуваат пожар и да се одреди нова локација и изградба на регионална депонија согласно ЕУ стандардите. Во земјава само депонијата Дрисла кај Скопје исполнува стандарди за депонија. Според Законот за управување со отпад, предвидено е формирање на осум регионални депонии во земјава за да се реши проблемот со отпадот депониран во општинските депонии кои не исполнуваат стандарди за заштита на животната средина, како и со отпадот од бројните диви депонии на стотици локации во Македонија.

Владата веднаш треба да засука ракави

Справувањето со пандемијата на ковид-19 и економската криза произлезена од тоа, се главните проблеми со кои треба да се справува новата власт, но партиите знаеја што ги чека, вели Ненад Марковиќ, професор на Правниот факултет Јустинијан Први. Владата што ќе ја преземе властa во овој период ќе има само поголеми и поголеми проблеми, вели тој.

„Во принцип е многу тешко да удоволите на социјално поларизирани групи, пример за тоа е образованието, не може во исто време да имате настава во живо и онлајн и на сите да им удоволите“, додава тој.

Владата ќе нема меден месец или стандардни 100 дена за докажување, туку веднаш ќе треба да почне да се соочува со натрупаните проблеми, вели комуникологот Петар Арсовски. „Прераспределбата во некои клучни сектори дава индиција дека владата сака да прати порака дека ќе бидат поактивни во наредниот период, но тоа ќе мора да го направат многу побрзо имајќи го в предвид целиот политички контекст околу изборите, целиот наратив на изборите беше да се зафатиме побрзо со проблемите кои не очекуваат, така што тие не треба да очекуваат толерантност од јавноста во смисла на првите резултати“, вели Арсовски. Во новиот владин кабинет има 19 министри, 11 од коалицијата на СДСМ и осум од ДУИ.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG