Достапни линкови

Ќе издржи ли оваа влада четири години?


Скопје- средба на лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети за формирање владино мнозинство, 18.08.2020

Новата влада од лидерите на СДСМ и на ДУИ е најавена како влада со четири годишен мандат. Тенкото мнозинство, според политикологот Владимир Божиновски, не ветува стабилност за полн мандат, а според аналитичарот Алберт Муслиу, тоа не е пречка, а мнозинството може и да се зголеми.

Оваа влада ќе биде со полн четири годишен мандат. Ваквата реченица секојдневно и по неколкупати се слуша од претставниците на СДСМ, нивниот лидер Зоран Заев, а ја споменува и првиот човек на ДУИ Али Ахмети. Неколкупати ја повтори Заев и по договорот со Ахмети во Клубот на пратениците неделава. Договорот рече дека е за влада со полн мандат, која во следните четири години ќе работи посветено во интерес на граѓаните и државата, а Ахмети оцени дека ова партнерство за уште четири години ќе биде најуспешното.

Според Алберт Муслиу, политички аналитичар од Асоцијацијата за демократски иницијативи, ова често повторување дека владата ќе има четири годишен мандат е поради претходните гласини за ротација на премиер меѓу СДСМ и ДУИ. Поради тоа, смета тој, се инсистира дека оваа влада ќе има четири годишен полн мандат и како што е договорено во последните сто дена пред избори владата ќе ја води премиер по предлог на ДУИ. Тој вели дека можно е и мнозинството да се зголеми.

„Има прашања за кои може да добијат и апсолутно мнозинство, прашања кои се врзани за европските интеграции. Минатиот мандат мнозинството се соочи и се справи со сериозно тешки прашања, а за некои од нив имаше потреба и од двотретинско мнозинство“, вели Муслиу.

Двете страни, пак, имаат мнозинство од 62 пратеници, 46 на коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ, 15 на ДУИ и еден на ДПА. Ваквото скромно парламентарно мнозинство, кое има само еден пратеник повеќе од неопходните 61, не ветува стабилност од четири години, оценува Владимир Божиновски, вонреден професор при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

„Прашање е како всушност ќе функционира таа коалиција и да се прават воопшто реформи кога целата власт, буквално е на стаклени нозе“, вели Божиновски.

Инаку, преставувајќи ја коалицијата мандатарот Заев најави дека приоритет во следните четири години ќе бидат странските инвестиции, неселективната и длабинската борба со криминалот и корупцијата, прочистување на правосудството и проверката на парите и капиталот на секој функционер, сите вработени според Рамковниот договор во првите шест месеци да тргнат на работа, животната средина и повисоки казни за загадувачите, а борбата со коронавирусот, рече, останува врвен приоритет.

Но, и досега владиното мнозинство во ист состав СДСМ и ДУИ имаше проблеми во соработката. Една таква сцена се случи лани зимaта во собранието кога на дневен ред беше процедурата за одземање на имунитетот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски. Од СДСМ тогаш го обвинија ДУИ за “криминална коалиција со ВМРО-ДПМНЕ”, а од ДУИ возвратија дека пратениците од СДСМ се договарале со ВМРО-ДПМНЕ, а ги исклучиле нив. Од кога заврши оваа расправија, двете страни останаа коалициски партнери, а имунитет на Вељаноски не му беше одземен.

Последни редовни парламентарни избори до кои владата беше со полн четири годишен мандат се одржаа пред 14 години, во 2006 година. Потоа во 2008 година имаше вонредни парламентарни избори, па три години подоцна, во 2011,пак се одржаа избори, а повторно, три години подоцна, во 2014 владиното мнозинство, тогаш составено од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, одлучи заедно со претседателските да се одржат и предвремените парламентарни избори. По само две години и објавените прислушувани разговори од Зоран Заев, тогаш лидер на опозицијата, во декември 2016 година се организираа нови избори.

Последната влада предводена од Заев исто така не истера цел мандат. По три години на власт, на 15 јули се одржаа последните предвремени парламентарни избори на инсистирање на ВМРО-ДПМНЕ од кога земјава не доби датум за почеток за преговори со Европската унија и покрај промената на името. Ако сега, оваа влада, опстои четири години тоа значи дека ќе има мирен мандат со само едни избори- редовните локални кои треба да се одржат идната година.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG