Достапни линкови

Владината помош за минимална плата да продолжи и од септември


Илустрација: Текстилна фабрика

Голем број фирми сè уште се на работ на опстанок и затоа е потребно и во септември да продолжи владината помош за исплата на минимална плата од 14.500 денари, бараат стопанските комори. Мерките сепак, треба да бидат попрецизно таргетирани за да дојдат до тие на коишто навистина им треба.

Владината мерка за помош за исплата на минимална плата од 14.500 денари треба да продолжи и од септември, затоа што голем дел од фирмите се уште се соочуваат со проблеми предизвикани од пандемијата на коронавирус, велат бизнисмени и аналитичари.

Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Неби Хоџа вели дека освен помош за плати, неопходно е да продолжи и поддршката со евтини кредити за оние фирми кои може да придонесат за развој на економијата.

„Стопанската комора на северозападна Македонија, базирајќи се врз анализите од терен, ѝ предлага на новата влада да продолжи со субвенционирање на платите до крајот на октомври, а ако пандемијата продолжи и до крај на годината. Исто така, многу е битна финансиската поддршка за компаниите за да се одржи финансиската ликвидност на микро, малите и средни компании. Од друга страна, кредитите со минимална каматна стапка од Банката за развој бараме да продолжат за компаниите кои може да придонесат до развој на економијата“, вели Хоџа.

Извршната директорка на Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк, Благица Петрески вели дека е потребен нов сет владини мерки за помош на стопанството кое се соочува со криза предизвикана од пандемијата на коронавирус, но тие мерки треба да бидат многу прецизно таргетирани за да завршат кај фирмите на кои најмногу им треба и да дадат максимален ефект. Во интервју за Радио Слободна Европа, кое во целост ќе го емитуваме в недела, таа вели дека треба да продолжи владината мерка за помош за исплата на минималната плата од 14.500 денари за да се зачуваат работните места.

„Таа мерка спаси околу 60 илјади работни места, меѓутоа доколку земеме предвид дека беше овозможено 140 илјади работни места да ја искористат оваа поддршка, тоа значи дека 80 илјади работни места би опстојале и без оваа поддршка. Тоа упатува дека во следната фаза на дизајнирање мерки потребно е поспецифично таргетирање и идентификување на најзагрозените сектори, така што можеби треба да се реобмисли таа мерка, која треба да продолжи и од септември, затоа што забележуваме дека дел од секторите велат дека не можат понатаму да издржат и треба одново да се доанализира таа мерка, се со цел таргетот да биде многу поспецифичен“, вели Петрески.

Според проценките на Фајнанс тинк, оваа година економијата ќе доживее пад од 3,8 проценти. Најголемиот удар на корона-кризата беше во второто тримесечје од годинава, кога имаше делумно затворање на економијата, но во втората половина од годинава состојбата почна да се стабилизира.

Во ек на кризата, владата донесе три сета на мерки за помош на компаниите и граѓаните да ја пребродат кризата во вредност од 500 милиони евра, но податоците на Министерството за финансии покажуваат дека досега биле искористени помалку од една третина од нив, односно околу 165 милиони евра. Мерките вклучуваа помош за фирмите за исплата на минимална плата за вработените, помош за оние кои изгубиле работа поради корона-кризата, бескаматни и евтини кредити за компаниите, одложување на плаќањето на ратите за кредит за граѓаните и фирмите, платежни картички за домашни производи за невработени и луѓе со ниски примања, помош за млади, како и ваучери за туризам за вработените со мали плати.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG