Достапни линкови

Собранието ја избра новата Влада


Седница на Собранието на Република Северна Македонија со единствена точка на дневен ред - избор на нова Влада. 29.08.2020.
Седница на Собранието на Република Северна Македонија со единствена точка на дневен ред - избор на нова Влада. 29.08.2020.

Со 62 гласа „за“, 51 „против“ и без воздржани Собранието вечерва ја избра новата Влада, по два дена дебата која започна со експозето на мандатарот и лидер на СДСМ Зоран Заев во кое ја презентираше новата владина програма.

По гласањето пратениците на опозицијата ја напуштија собраниската сала и не присуствуваат на давањето заклетва на министрите на новата Влада и на потпишувањето на свечените изјави.

Дискусијата за избор на Владата траеше два дена. Претставниците на парламентарното мнозинство дадаоа поддршка за предлог-програмата на Владата, додека опозициските пратеници беа со став дека во владината програма нема јасни цели за развој на државата.

Седницата за избор на новата Влада беше закажана откако Заев го доби мандатот од претседателот Стево Пендаровски за формирање на Влада, по резултатите од предвремените парламентарни избори на 15 јули оваа година на кои СДСМ освои најмногу пратенички мандати (46).

Тој ќе ја предводи новата Влада, откако постизборно формираше мнозинство во Собранието по договорот за коалиција кој го постигна со лидерот на ДУИ Али Ахмети – партија која освои 15 пратеници на изборите и со ДПА која освои еден пратеник. Трите партии имаат мнозинство од 62 пратеници во Собранието.

За изборот на Владата беше потребно просто мнозинство од 61 пратенички глас.

Заев и пратенениците од парламентарното мнозинство на седницата за избор на Владата најавија дека приоритети на новиот владин состав ќе бидат економијата, правосудството, образованието, администрацијата, животната средина. Тој вети зголемување на платите, справување со кризата со Ковид-19, борба против криминалот и корупцијата...

„Важно е новата Влада да го заокружи новиот мандат од четири години за да се обезбеди поволен амбиент за остварување на економската програма, како и за нашите евроинтеграции“, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Критики меѓу мнозинството и опозицијата на седницата за избор на Влада

Опозициските пратеници, пак, рекоа дека нема да гласаат за новиот владин тим и упатија критики кон Заев и неговата партија СДСМ и за промената на името на државата за време на претходниот мандат и за потпишаните договори со соседите Грција и Бугарија.

Тие рекоа дека не веруваат оти со предложената владина програма ќе бидат направени потребните реформи во државата, особено во сектори како што е образованието.

„Најслаба точка во земјата е образованието“, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска - Давкова. Таа додаде дека државата издвојува многу малку средства за науката, а истовремено има многу универзитети по глава на жител.

Пратениците од парламентарното мнозинство рекоа дека ќе глсаат за избор на Владата, бидејќи веруваат во преложените кадри кои треба да раководат со министерствата, како што изјави Арбр Адеми од ДУИ.

Критики за власта упатија и од коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива, кои наведоа дека сметаат оти партијата ДУИ нема да придонесе за подобрување на статусот на Албанците во земјата.

Во новата Влада, покрај премиерот Заев, ќе има 19 министри, што е за седум министерски места помалку од претходниот владин состав. Од нив 11 се од предизборната коалиција на СДСМ и осум се од ДУИ.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG