Достапни линкови

Владата ја очекуваат многу „пожари“ за гаснење


Протест против поскапување на струјата.
Протест против поскапување на струјата.

Здравствена и економска криза, нерешени прашања во образованието, протести против поскапата струја, се дел од отворените прашања, со кои новата влада мора да се справува уште од првиот ден.

Новата влада уште неизгласана, а веќе ја очекуваат многу „пожари“ за гаснење. Справувањето со пандемијата на ковид-19 и економската криза произлезена од тоа, се главните проблеми со кои треба да се справува новата власт, а тука се и протестите против поскапувањето на струјата, средношколците најавуваат протести со барање дека не сакааат само онлајн настава, незадоволни граѓани си ги бараат парите по пропаѓањето на Евростандард банка.

Но партиите знаеја што ги чека, вели Ненад Марковиќ, професор на Правниот факултет Јустинијан Први. Секоја влада што ќе ја преземе властa во овој период ќе има само поголеми и поголеми проблеми и ќе се соочува со предизвик кој ќе расте екпоненционално, како што ќе се продлабочува кризата, вели Марковиќ. Неочекувано можеби е само пропаѓањето на Еуростандард банка, иако доброупатените велат дека тоа било најавувано како можност, вели Марковиќ.

„Не мислам дека која и да било влада која во предизборието се спремаше да преземе власт во каква било комбинација на партии и политичка консталација, воопшто, дека не беше свесна за ова. Еуростандард е само „додадена вредност“ на целата ова драматична слика која се случува во општествата и во таа смислам секоја влада си имаше одговорност за да se подготви за такво нешто“, вели Марковиќ.

Тој вели дека факт е оти се создаваат повеќе џебови на незадоволство по повеќе основи.

„Знаеја дека ќе се соочат со криза во образование, во економија, сега довербата во банкарскиот сектор можеби е малку нарушена, иако ова е изолиран случај, но тие знаеја дека до ова ќе дојде. Во принцип е многу тешко да удоволите на социјално поларизирани групи, пример за тоа е образованието, не може во исто време да имате настава во живо и онлајн и на сите да им удоволите“, додава тој.

Ќе издржи ли оваа влада четири години?

Зборувајќи за очекувањата он новата влада, аналитичари за РСЕ претходно изјавија дека владата ќе нема меден месец или стандардни 100 дена за докажување, туку веднаш ќе треба да почне да се соочува со натрупаните проблеми.

По изборите што се одржаа на 15 јули, претседателот Стево Пендаровски мандатот за состав на владата на 13 август му го додели на лидерот на СДСМ Зоран Заев да формира влада. СДСМ на изборите освои најмногу пратеници, 46. СДСМ заедно со ДУИ кои освоија 15 пратеници и еден пратеник колку што има ДПА се договорија за коалицирање, но се уште не е избрана новата влада. Коалицијата брои 62 пратеника, но деновиве се пишува за незадоволство во ДУИ од кадровските решенија за министри.

Владимир Божиновски, вонреден професор при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ вели дека коалицијата е на стаклени нозе, па прашање е како ќе функционира и како ќе се прават најавените реформи.

„Ако во изминатите три годни не е направено ништо, ако не може да најдат кој прави дивоградба на крстосница во сред Скопје, за какви реформи правиме муабет? Друго, имаме сериозни кризи кои ќе не удрат многу силно, за некој месец, тука е здравствената криза и многу поопасната економска криза. Не очекуваат две многу сериозни кризни, а имаме влада со вакво мнозинство, која е несихронизирана идеолошки, со повеќе партнери и од секој од нив зависи дали таа влада воопшто ќе опстои“, вели Божиновски.

Во меѓувреме откако Регулаторната комисија за енергетика соопшти дека цената на струјата се зголемува за 7,4 проценти, во неколку наврати граѓани во неколку градови во земјата протестираа и блокираа крстосници против поскапувањето на струјата.

Поради коронакризата промени има и во одвивањето на наставата, па на неколку денови пред стартот на учебната година Сојузот на средношколци најавува протести. Од Сојузот бараат комбиниран модел на настава, не само онлајн. Доколку наставата биде целосно на далечина тие најавуваат бојкот.

Месецов Народната банка ја затвори Еуростандард банка, па луѓе останаа без своите заштеди, а проблеми настанаа и за они кои земаат пензии и социјална помош преку банката. Тие што не успеале во меѓувреме да отворат сметка во друга банка, парите за август нема да може да си ги подигнат сега.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG