Достапни линкови

Вести

Столтенберг: Кина и Русија шират дезинформации за НАТО

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги обвини Кина и Русија дека шират дезинформации во врска со одговорот на организацијата на пандемијата на коронавирусот. Тој на видео конференција со РСЕ/РЛ и други медиуми истакна дека и двете земји се обидуваат да ги прикажат НАТО сојузниците како неспособни во заеднички одговор на пандемијата и заштитата на граѓаните, што не е точно затоа што сите земји членки работат заедно.

„Ние имаме неколку пример на изјави кои доаѓаат од Москва и Пекинг, кои што не се точни, со кои се обидуваат да ја поткопаат кохезијата на НАТО сојузниците, при што се портретира Алијансата на погрешен начин“ изјави Столтенберг.

Тој нотира дека министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата неодамна решија да ја забрзаат и засилат соработката, затоа што, како што вели, тие ја увидоа вредноста од заедничкиот пристап на сојузниците.

Столтенберг ја истакна и соработката меѓу сојузниците како што се обезбедување на авиони, медицинска поддршка и транспорт на пациенти.

Минатата недела, набљудувачи од ЕУ идентификуваа „трилатерална конвергенција на наративи за дезинформации кои ги промовираат Кина, Иран и Русија за пандемијата на коронавирусот.

Во меѓувреме, заменикот генерален секретар на НАТО Мирчеа Џоана на денешната видео средба со колегите од Европа изјави дека сега не е време да се намалат инвестициите во одбраната.

„Оваа пандемија не направи да исчезнат безбедносните ризици со кои се соочуваат милијарда граѓани“, изјави Џоана.

Тој додаде дека „живееме во свет кој што стана уште понепредвидлив“ и дека во овие тешки месеци на пандемија сојузниците покажаа солидарност.

Русија ја надмина Кина во бројката на заболени од Ковид 19

Илустрација
Илустрација

Русија го надмина бројот на заболени од коронавирусот во Кина со тоа што денешниот биланс на заболени се искачи над 87 илјади евидентирани случаи. Руските власти денеска завеле над 6 илјади нови случаи на заболени од Ковид 19 по што вкупниот број на заболени во Русија изнесува 87 147, што е за 3 илјади повеќе од бројката на заболени што ја објавија кинеските власти. Вирусот, кој прв пат се појави во Кина, предизвика смрт кај речиси 800 луѓе во Русија.Во меѓувреме, се зголеми и притисокот врз руската влада за олеснување на рестриктивните мерки поради зајакнување на „заразената “ економија.

Пендаровски и Помпео разговарале за справувањето со Ковид 19 и прашањето за Косово

Претседателот Стево Пендаровски
Претседателот Стево Пендаровски

Македонскиот претседател Стево Пендаровски му изрази сочуство на американскиот државен секретар Мајк Помпео во денешниот телефонски разговор за смртта на над 50 илјади американски граѓани како последица од КОВИД-19 и изрази солидарност со американскиот народ.

Тие во разговорот размениле информации за актуелните состојби околу справувањето со пандемијата на КОВИД-19, при што Пендаровски изразил благодарност за досегашната американска помош за справување со вирусот, која изнесува над еден милион американски долари, соопштија од кабинетот на Пендаровски.

Претседателот Пендаровски го информираше државниот секретар Помпео за последните случувања во регионот, со посебен осврт на прашањето за Косово, се вели во соопштението.

Украинските пожарникари и натаму се борат со пожарите околу Чернобил

Украинските пожарникари и денеска продолжија да се борат со серија пожари кои настанаа во близина на одамна затворената нуклеарна централа во Чернобил. Станува збор за пожари кои избувнаа пред еден месец. Државната служба за вонредни состојби соопшти дека пожарникари се уште се обидуваат да ги изгаснат пожарите кои беснеат во шумската околина на централата.

„Главните напори се насочени на локализација на два пожари во шумата“ соопшти службата и додаде дека зрачењето во областа не ги наминува дозволените нивоа.

Украинските служби велат дека до сега неколку пати ги гаснат пожарите, но се појавуваат нови во областа. Полицијата соопшти дека до сега се приведени две осомничени лица за подметнување на првиот пожар кој избувна на 3 април.

Областа беше испразнета во април 1986 година по нуклеарната катастрофа во Чернобил. Вчера беа одбележани 28 години по експлозијата во централата Чернобил, од која последици почуствува цела Европа, Русија и Белорусија од зголемената радијација.

Протести во Словенија поради аферата поврзана со Јанша

Стотици граѓани денеска протестираа во главниот град на Словенија против Владата на премиерот Јанез Јанша. Причина за протестот беше објавувањето на аферата со набавката на медицинска и заштитина опрема за потребите на словенечките лекари кои се борат со епидемијата на коронавирусот. Со транспаренти на кој пишуваше „Доста е од пропаганда на омразата” тие побараа оставка од Владата.

Граѓаните се обидоа да протестираат на главниот плоштад во градот но таму беа пречекани од полициски сили кои поставија и заштитни ленти со цел да се спречи собирањето на самиот плоштад.

Полицијата неколку пати со мегафони ги потсетуваше собраните луѓе дека мораат да бидат меѓусебно оддалечени два метри, што е обврска поради борбата со коронавирусот, јавува новинската агенција МИА.

Во петокот Националното биро за истраги на Словенија официјално отвори истрага по објавените снимени разговори и документи, со кои според дел од медиумите се фрла голем сомнеж за неправилности и при набавката за медицинска опрема за потребите на државата.

„Никола Младенов“ за Владо Апостолов, РСЕ доби пофалница за истражувачка сторија

Наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија 2019
Наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија 2019

Новинарската награда „Никола Младенов“ која во изминативе години ја доделува Македонскиот институт за медиуми за истражувачки стории годинава му припадна на новинарот Владо Апостолов за сторијата „Жив и надграден: Лукративниот бизнис-клуб околу РЕК Битола“. Сторијата е објавена на интернет-страницата „Призма“и открива како се злоупотребува системот на јавни набавки за внесување фирми блиски на власта во профитабилниот бизнис за ископ на јаглен за потребите на термоелектраната РЕК Битола.

Второто место им припадна на новинарите Мери Јордановска и Кристијан Ландов, за серијалот текстови за злоупотребите на пратеничките привилегии, објавени на интернет-страницата „А1он“. Додека третото место им припадна на Катерина Спасовска Трпковска и Бранислав за анимираната видео-сторија на тема „Ѕирни во џебот на државата“, објавена на онлајн-магазинот „Балкон3“.

Македонскиот институт за медиуми додели пофалница за истакнат новинарски ангажман на Зорана Гаџовска Спасовска од Радио Слободна Европа за сторијата „Имотот на МПЦ и ИВЗ и даночната истрага на УЈП за нив“.

Колку тежи МПЦ – што истражува УЈП?

Колку имот и какви бизниси има ИВЗ?

Пофалници добија и Александар Манасиев за сторијата „Починати, а редовно добиваат пензија“, објавена на интернет-страницата на редакцијата на македонски јазик на „Дојче Веле“ и на Маја Јовановска и Сашка Цветковска, за серијалот текстови на тема „Кој му дели памет на премиерот“, објавен на интернет-страницата на „Истражувачката репортерска лабораторија“ (ИРЛ).

Комисијата констатира дека со текот на годините квалитетот на новинарските истражувања постојано се подобрува со тоа што во конкуренција биле вкупно 137новинарски текстови.

Во извештајот на Комисијата е наведено дека имајќи предвид колкави ресурси се потребни за квалитетни новинарски истражувања, дека традиционалните медиуми сè уште не успеваат во целост да изградат капацитети за континуирано практикување на истражувачко новинарство. Од друга страна, и на годинешниот конкурс присутен е трендот на доминација на интернет-страниците и специјализираните центри за истражувачко новинарство, кои со поддршка од странски донатори ги реализираат своите опсежни истражувања.

Владата утре ќе одлучува за полицискиот час за првомајските празници

Комисијата за заштита од заразни болести предложила за првомајските празници да биде воведен полициски час сличен на оној за Велигденските празници. Тоа значи дека предлогот кој утре ќе се разгледува на владина седница е полицискиот час да почне вечерта в четврток до понеделник на утро, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој истакна дека се уште е рано за опуштање и дека на седницата ќе се разгледаат и други предлози и во текот на утрешниот ден ќе се знае од кога ќе почнат ограничувањата за да можат граѓаните да планираат.

„ Во меѓувреме видов и реакции на министерот Чулев, сметам дека не треба да станува збор за какво било какво лично мислење или тенденција, заради тоа што сите овие мислења се темелат на стручните сознанија на Комисијата за заразни болести. Така функциониравме до сега, се темелеа на бројот на пациенти на тоа што може да очекуваме од рестриктивните мерки, има медицинска издржаност за тоа што го препорачуваме. Се разбира дека граѓаните не сакаат да седат дома, кој би сакал да седи дома три дена затворен, но има причина зошто тоа е така предложено“, изјави Филипче.

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, на својот официјален фејсбук профил објави дека до Координативниот кризен штаб во Владата предложил за претстојниот продолжен викенд за 1-ви Мај да нема продолжен полициски час, како што беше за велигденските празници, туку тоа да биде како изминатиот викенд - од сабота од 15 часот до 5 часот наутро во понеделник.

Чулев: За 1-ви Мај да нема полициски час како за Велигден

Според последните анализи на Комисијата проценките за пикот на заболени се очекува да се движи од 1600 до 1800, рече Филипче.

Во последните 24 часа Институтот за јавно здравје регистрира 53 оздравени од Ковид-19, 4 починати лица, и 13 нови евидентирани како заболени од коронавирус со што што вкупниот број се искачи на 1399.

Филипче изјави дека поради последните извештаи за направени пропусти во Центарот за јавно здравје Велес ќе биде разрешен актуелниот директор и дека ќе биде поставен нов во текот на утрешниот ден. Дополнитено изјави дека цените на јавното претпријатие Бутел за закоп на починати од коронавирус ќе бидат намалени.

Заболените од Ковид-19 од утре ќе се лекуваат со крвна плазма

Влада: Немаше ни владина седница, а камо ли кавга за 1 Мај

Влада на Република Северна Македонија
Влада на Република Северна Македонија

Ја информираме јавноста дека Владата денеска не одржува седница, ниту пак таква седница е закажана за денеска, ниту пак имало било каква „жестока расправа", ниту постои било каков план за дополнително заострување на мерките.

Ова се вели во демантот од Владата, по објавата во дел од медиумите дека „на денешната владина седница имало жестока расправа откако на ставот на владата да има продолжен полициски час за 1 мај, се спротивставил министерот за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев“.

„Ги информираме граѓаните дека Владата ќе продолжи со концептот мерки кои беа воведени пред неколку дена, а кој се темели на помали рестрикции на движењето, но со задолжително носење заштита на лицето, држење дистанца и негрупирање. Владата при носењето на мерките се води пред се од препораките на епидемиолозите и исклучиво со цел заштита на здравјето на населението. Одлуките за ограничувањата на движењата за претстојниот викенд ќе бидат донесени на првата следна владина седница, штом истата биде закажана. Владата бара од сите веб портали и медиуми кои ја објавиле дезинформацијата да ги повлечат лажните вести и да го објават овој демант“, стои во реакцијата од Владата.

Пред објавата на владиниот демант, министерот Чулев, на својот официјален фејсбук профил, објави дека до Координативниот кризен штаб во Владата предложил за претстојниот продолжен викенд за 1-ви Мај да нема продолжен полициски час, како што беше за велигденските празници, туку тоа да биде како изминатиот викенд - од сабота од 15 часот до 5 часот наутро во понеделник.

Чулев: За 1-ви Мај да нема полициски час како за Велигден

Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев
Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, на својот официјален фејсбук профил објави дека до Координативниот кризен штаб во Владата предложил за претстојниот продолжен викенд за 1-ви Мај да нема продолжен полициски час, како што беше за велигденските празници, туку тоа да биде како изминатиот викенд - од сабота од 15 часот до 5 часот наутро во понеделник.

„Во пресрет на продолжениот викенд за 1 мај, сметам дека Владата треба да донесе одлука која ќе биде идентична на изминатиот викенд. Секое ограничување кое ќе биде построго и поригирозно негативно ќе се одрази на граѓаните. И понатаму стојам на ставот дека шумите и планините треба да останат отворени во периодот кога е дозволено движењето за граѓаните, но тие да се користат за рекреирање, а не за групирање на граѓаните. Апелирам до граѓаните да ги почитуваат одлуките кои се однесуваат на задолжителна употреба на соодветна заштитна опрема“, објави Чулев на својот профил на Фејсбук.

По ова, на редовната прес-конференција, министерот за здравство Венко Филипче, реагираше да не се изнесуваат такви мислења и не треба, како што рече, „да се изнесуваат лични желби или желби на групи“, бидејќи вакви одлуки треба да се донесуваат и се донесуваат врз основа на стручни мислења.

Српската опозиција најави протест против првомајски карантин

Претседателот на Двери, Бошко Обрадовиќ, оцени дека претседателот Александар Вучиќ (на фотографијата) и премиерката Ана Брнабиќ го прекршиле Уставот
Претседателот на Двери, Бошко Обрадовиќ, оцени дека претседателот Александар Вучиќ (на фотографијата) и премиерката Ана Брнабиќ го прекршиле Уставот

Во пресрет на утрешната седница на српскиот Парламент, на која треба да бидат потврдени одлуката за воведување вонредна состојба и 83-часовен карантин, пратениците на опозицискиот Сојуз за Србија (СзС) порачаа дека нема да присуствуваат на собраниската седница, бидејќи со тоа, како што велат, би го поддржале кршење на Уставот. Лидерот на Движењето за пресврт, Јанко Веселиновиќ, најави дека ќе побара оценка на уставноста на одлуката за воведување вонредна состојба, јави МИА од Белград.

Пратениците од СзС најавија и протести за в четврток, со почеток во 18 часот, поради неуставното воведување вонредна состојба и против мерките на затворање на српските граѓани. Но Веселиновиќ истакна дека нема да ги повикуваат граѓаните на протест.

Претседателот на Двери, Бошко Обрадовиќ, оцени дека претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ го прекршиле Уставот и дека СзС ќе протестира пред српскиот парламент в четврток во 18 часот против повторното затворање на граѓаните на „четири дена во четири sида“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG