Достапни линкови

Вести

Заев потврди дека прашувал од каде се финансира 1ТВ

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска изјави дека партијата се рекламирала на телевизијата 1ТВ, како што тоа го правела и на други телевизии, одговарајќи на новинарско прашање како го коментира предавањето на аудио снимката во обвинителството од страна на пратеникот Антонио Милошоски, кој претходно истата ја пушти во Собранието.

„Тоа го правиме на транспарентен начин. Ако видите дека сме помагале на тогашната 1ТВ, сме помагале и на Сител, на Канал 5 и на други и сме добиле сериозен маркетингшки простор преку кој сме имале можност да ги претставиме нашите политики. Зборувам отворено, дури во едно време кога немало никакви докази, ниту сум имал некакви индциии, ниту пак претставил некој нешто пред мене, во такво едно време пред пет-шест месеци пред да се појави случајот Рекет или, пак, мене да ми биде презентиран, како совесен, одговорен претседател на Влада, сум почувствувал дека има одредено сомнително финансирање. Па затоа сум прашувал од каде, ( таму велат „од фраерот од Хрватска“ или од некои други извори), зашто државата мора да води грижа за своите реперкусии од кој било аспект кои може да настанат како штетна последица врз целото наше општество, изјави Заев по учеството на регионалната комора во Прилеп.

Милошоски ја достави до Русковска „бомбата“ која ја пушти во Собрание

Милошоски на аудио снимката, како што рече, се слуша гласот на З.З кој со непознато лице разговара за финансирањето на телевизијата на првоосомничениот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски.

З.З.„Го прашав Боки бе од каде бе тие парите за телевизијата? Ми вика: имав еден фраер од Хрватска и од Циле, (Силјан Мицевски) што му легнаа пари тогаш за старечките домови, ако знаеш.

З.З. Ние на неколку пати така му помогнавме во телевизијата, главно за маркетинг, тоа беше уште порано лани октомври-ноември 2018-та година”.

Заев ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека во август во премиерската вила на Водно се сретнал со поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.

„Последна средба со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева имав во Советот за реформи во правосудството, во Владата, така што ова не е точно“, додаде тој.

Потсекретарот за одбрана на САД кој одобри воена помош за Украина поднесе оставка

Џон Руд, потсекретар за одбрана на САД задолжен за политички прашања
Џон Руд, потсекретар за одбрана на САД задолжен за политички прашања

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска соопшти дека Џон Руд поднел оставка од неговата функција како висок политички претставник во министерството за одбрана по две години од неговото назначување.

„Би сакал да му се заблагодарам на Џон Руд за неговата служба за нашата земја и да му посакам добро во неговите идни напори“, напиша Трамп на Твитер.

Блумберг повикувајќи се на анонимни извори, објави дека Руд се соочил со притисок да си даде оставка, откако официјалните лица изгубиле доверба во неговата способност да ја спроведе агендата на претседателот.

Руд, кој беше назначен за потсекретар за одбрана задолжен за политички прашања во јануари 2018 година, му даде зелено светло на Конгресот во мај да одобри 250 милиони долари воена помош за Украина, која се бори против проруските сили во источниот дел на земјата.

Крај на воената помош на САД за Украина?

Руд преку електронска пошта го предупредил секретарот за одбрана Марк Еспер да не ја задржува воената помош за Украина. Пораката била испратена истиот ден кога претседателот на Украина, Володимир Зеленски, му се заблагодари на Трамп за време на телефонскиот разговор за американската воена поддршка и рече дека неговата земја е подготвена да купи повеќе противтенковски оружја. Трамп во истиот разговор бара од Зеленски неговата земја да отвори истрага за Џо Бајден, кој му е политички ривал.

Трамп ослободен од обвинувањата за импичмент

Демократите потоа покренаа истрага за импичмент на Трамп, кој на почетокот на овој месец. беше ослободен од Сенатот за злоупотреба на службената должност и опструкција на обвиненијата во Конгресот.

Ирачкиот премиер Алави го состави неговиот кабинет

Антивладини протести во Ирак на 6 февруари
Антивладини протести во Ирак на 6 февруари

Ирачкиот премиер Мохамед Тафик Алави изјави денеска дека го составил неговиот кабинет и го повика парламентот да одржи вонредна седница следната недела за да му изгласа доверба. Доколку биде прифатена новата влада, тој порача дека нејзината прва обврска ќе биде да се истражи убиството на демонстрантите и да се изведат сторителите пред лицето на правдата.

Алави исто така вети одржување предвремени избори ослободени од „влијанието на пари, оружје и мешање во странство“ и ги повика демонстрантите да и дадат шанса на неговата влада и покрај кризата на доверба во се што е поврзано со политиката.


Двајца Иранци починале од коронавирус

Карантин во болница во Иран за заразени со коронавирус
Карантин во болница во Иран за заразени со коронавирус

Двајца Иранци кои биле заразени со коронавирусот починале во болница во шиитскиот свет град Ком. Нивната смрт ја потврди портпаролот на Министерството за здравство, Киануш Јаханпур на Твитер. Тие починале од респираторни заболувања, откако биле тестирани позитивно на вирусот.

Јаханпур додаде дека медицинските тимови се распоредени во Ком и останатите лица за кои се сомнева дека се заразени со вирусот се ставени во карантин.

Влада: Поништувањето на решенијата на Чулев е согласно законот

Техничкиот министер за внатрешни работи на Северна Македонија Наќе Чулев.
Техничкиот министер за внатрешни работи на Северна Македонија Наќе Чулев.

Владата денеска ја демантира изјавата на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев дека одлуката за поништување на решенијата и наредбите за распоредување на министерот се незаконски.

„Согласно Законот за Влада и согласно договорите од Пржино од 2016 година, техничкиот министер за внатрешни работи во мандатот на предната влада има право да изврши само 15 промени во раководните структури на МВР, и тоа само по хоризонтална линија. До моментот на одржувањето на 9-тата седница, техничкиот министер имаше направено промени на 14 раководни места по хоризонтална линија, и дури 131 распоредување по вертикална линија што е спротивно на Законот за влада и договорите од Пржино“, соопштуваат од Владата.

Од Владата посочуваат и дека на последната седница пред три дена е донесе одлука за поништување на решенијата, при што му биле објаснети на Чулев одредбите зошто не можел да ги издаде тие решенија и наредби и зошто Владата е овластена да ги поништи.

Чулев: незаконска е одлуката на владата за поништување на распоредувањата

Чулев реагираше дека одлуката на Владата со која се поништуваат конкретните решенија за распоредување на работниците во МВР е противзаконска и донесена во постапка која е спротивна на одредбите од прописите кои го регулираат работењето на Владата, а особено во спротивно со одредбите на Законот за организација и работа на органите на државната управа и Законот за Влада.

Шпанија ќе го поддржи отворањето на преговорите со ЕУ

Македонско знаме и знамиња на ЕУ
Македонско знаме и знамиња на ЕУ

Шефицата на шпанската дипломатија Аранча Гонзалес Лаја изјави денеска дека нејзината земја ќе го поддржи отпочнувањето на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ на состанокот на Европскиот совет во март. Таа по средбата со министерот за надворешни работи Никола Димитров во Мадрид истакна дека Шпанија со Франција работи на обезбедување консензус за ова прашање.

Димитров изјави дека со новата методологија за проширување на ЕУ ќе биде многу тешко, дури и засрамувачки, да и се каже повторно не на Северна Македонија.

Членството во ЕУ на земјите од Западен Балкан се уште можно

Лаја порача и дека очекува многу брзо да се гласа за ратификацијата на Протоколот за НАТО во шпанскиот Парламент и Северна Македонија да стане 30-та полноправна членка на Алијансата. Шпанија е последна земја членка на НАТО која се уште не го ратификувала Протоколот за прием на Северна Македонија во Алијансата.



Хоспитализирани 36 пациенти со грип, еден во критична состојба

Клиника за инфективни болести. Илустрација
Клиника за инфективни болести. Илустрација

На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден се прегледани 24 пациенти со грип. Хоспитализирани се вкупно 36 пациенти со грип и компликации, информираат денеска од таа јавна здравствена установа.

На Одделот за интензивно лекување, како што посочија вчера од Клиниката, во животозагрозувачка состојба е 38-годишен пациент, кој има масивна пневмонија и е на механичка вентилација со потврден грип од типот AH1.

Од Клиниката посочија дека изминатиот викенд починал 86-годишен пациент со масивна бронхопневмонија како компликација од грип од типот AH1. Пациентот имал и деменција и претходно прележана туберкулоза. Тоа е втор смртен случај од компликација од грип по минатонеделниот кога девојче почина на Универзитетската клиника за детски болести.

Утринските сомнителни повици доаѓале од Литванија и Естонија

Илустрација
Илустрација

Пропуштените повици од непознати странски броеви регистрирани изутрината кај домашни корисници на мобилна телефонија најчесто потекнувале од Литванија, Естонија и сателитскиот операторот „Глобал Стар“, информира Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) по денешниот итен состанок со мобилните оператори.

Од АЕК истакнуваат дека операторите ги презеле сите безбедносни мерки и до девет часот изутрината најголем дел од броевите преку кои се остварувала измамата се блокирани, но оти тоа не значи дека нема да се повтори такво нешто од други броеви. Затоа, апелираат до сите претплатници во иднина да не повикуваат кон непознати пропуштени броеви од странски држави, бидејќи ќе им бидат наплатени високи цени на меѓународни повици.

Од агенцијата објаснуваат дека со измамата претплатникот добива краток повик кој прекинува пред да има можност да одговори и ако го повика тој број најчесто добива одговор од гласовна машина и се наплаќа по меѓународна тарифа.

Техеран не ја предава оштетената црна кутија од урнатиот украински авион

Иран- дел од урнатиот украински авион
Иран- дел од урнатиот украински авион

Црната кутија од украинскиот патнички авион кој беше урнат по грешка минатиот месец е оштетена и Иран нема да ја даде на друга земја и покрај притисоците тоа да го стори, јавија денеска државните медиуми повикувајќи се на изјави на иранските министри.

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф рече дека тие имаат право да ја прочитаат црната кутија и да бидат присутни на какво било нејзино испитување. Министерот за одбрана Амир Хатами, пак, наведе дека податоците за летот снимени во кутијата имаат сериозни оштетувања и дека одбранбената индустрија побарала помош за реконструкцијата.

На 8 јануари украински авион Боинг 737-800 по полетувањето од аеродромот во Техеран беше урнат по грешка од страна на Иранската револуционерна гарда. При падот загинаа сите 176 присутни на летот. Од нив 82 ирански државјани, 63 Канаѓани, десет Швеѓани, четворица Авганистанци, тројца Германци и тројца Британци.

Вице Заев демантира дека го имало на снимки поврзани со „Рекет“

Архивска фотографија- рочиште за случајот „Рекет“
Архивска фотографија- рочиште за случајот „Рекет“

Вице Заев, брат на поранешниот премиер, а актуелен лидер на СДСМ Зоран Заев, денеска преку соопштение до јавноста демантира каква било негова или на член од неговото семејство поврзаност со случајот „Рекет“.

„Изнесените невистини дека сум се среќавал со лицата осомничени за овој случај, дека сум седел, дека ме имало на некои снимки ги демантирам, тоа не е точно. Обидите за мое инволвирање на каков било начин во валканата политичка кампања сметам дека е намерно, лажно и тенденциозно со единствена цел, да му се наштети на Зоран Заев и политиките кои ги спроведува“, пишува Вице Заев.

Тој ги повикува сите надлежни институции да ги проверат сите изнесени наводи, да ги објават сите снимки, видеа, аудио материјали односно се што имале, а тврдењата на опозицијата ги нарекува лажни вести.

Неделава на рочиштето за „Рекет“ обвинителството презентираше снимки од посебни истражни мерки, за кои дел од медиумите јавија дека на една од нив се гледал Вице Заев, осудениот во „Рекет“ Зоран Милевски и адвокат близок на семејството Заеви.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, постојано тврди дека во случајот е вмешано семејството Заеви.

„Од сега па натаму „Рекет“ не е изолиран случај или системски пропуст како што сакаше власта да го објасни. Туку тој станува државен рекет каде што премиерот и неговиот брат се вмешани“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.

Инаку во случајот „Рекет“ обвинети се поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски. Според обвинението, тие се здружиле за да му земаат пари на бизнисменот Јордан Камчев, сведок во „Рекет“ во замена за олеснителни околности во предметот „Империја“ кој тогашното СЈО го водеше за него. Милевски на првото рочиште ја прифати вината и доби три години затворска казна.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG