Достапни линкови

Крај на воената помош на САД за Украина?


Белата куќа разгледува дали и натаму на Украина да и дава воена помош во вредност од 250 милиони долари годишно. Тоа, како што соопштија високи функционери на американската администрација, било во согласност со ставот на претседателот Доналд Трамп дека американската странска помош мора да биде оправдана.

Стотици милиони долари воена помош на САД се влеваат во Украина од 2014 година, но на таквата помош би можело наскоро да и дојде крај.

Трамп ќе ја укине воената помош за Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:03 0:00

Двајца високи претставници на администрацијата потврдија дека претседателот Доналд Трамп размислува да го блокира годишниот пакет од 250 милиони долари, пари наменети за спречување на руската агресија.

Украина ја користи помошта за борба против вооружените сепаратистички движења поддржани од Москва.

Вестите за ревизијата на помошта доаѓаат на неколку дена откако Трамп, на самитот на Групата седум индустриски најразвиени земји во Франција, изјави дека на Русија треба да и биде дозволено да се врати во оваа група.

Русија беше избркана од групата, откако го анектираше Крим од Украина во 2014 година.

„Мислам дека ќе биде подобро да ја имаме Русија внатре во шаторот отколку надвор од шаторот“, рече Трамп на крајот од самитот на Г7 во Франција.

Критичарите велат дека евентуалното кратење на помошта е пример за, како што велат, „капитулантското однесување на Трамп спрема Русија“, прашање што ги мачи уште откако американските разузнавачи заклучија дека Русија се обидела да влијае врз изборите во 2016 година во корист на Трамп.

Некои членови на Конгресот оценуваат дека задржувањето на таа помош ќе биде деструктивно за американската национална безбедност.

Од Белата куќа инсистираат на тоа дека оваа ревизија е во согласност со политиката на Трамп дека секоја странска помош мора да биде оправдана.

Конечната одлука за кратење на парите за Украина треба да ја донесе претседателот Трамп, а дотогаш таа ќе добива воена помош.

Вашингтон досега и има дадено наУкраина повеќе од 3 милијарди долари помош, вклучително и милијарда ипол за смртоносна опрема во последните пет години.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG