Настаните на денот низ фотографии - 24 март 2023
Контраофанзива

1
МАКЕДОНИЈА - Осудениот поранешен директор Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков доби условна казна затвор за предметот „Плацевите на Водно, откако Апелациониот суд денеска соопшти дека му ја уважиле жалбата на пресудата со која беше осуден на 1 година и 3 месеци затвор. За разлика од него на поранешниот премиер од ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски Апелација го осуди на две години повеќе од предвиденото во пресудата односно на вкупно 9 години затвор за истиот предмет.

2
ЕСТОНИЈА - Министерството за надворешни работи на Естонија соопшти дека денеска го повикало вршителот на должноста на руската амбасада во Талин и му врачило дипломатска нота дека вработен во руската амбасада со дипломатски статус е прогласен за „персона нон грата. Според извештаите, Министерството за надворешни работи на Естонија смета дека активноста на рускиот дипломат била спротивна на Виенската конвенција за дипломатски односи и тој мора да ја напушти Естонија најдоцна до 29 март.

3
МАКЕДОНИЈА - На четириесет и двегодишен битолчанец му се слошило откако испил вода во угостителски објект по што бил пренесен во Клиничката болница во Битола, а оттаму на Клиниката за токсикологија во Скопје. Директорот на Клиниката за токсикологија во Скопје, Ридван Бајрами во изјава за МИА потврди дека кај нив е примен пациент од Битола, кој според исказот, побарал вода во угостителски објект, но наместо тоа му е дадено корозивно средство.

4
МАКЕДОНИЈА - Полицијата спречи шверц на 35 килограми марихуана, во вредност од 100 илјади евра, соопшти Министерството за внатрешни работи. Во акцијата се уапсени двајца луѓе во чие возило била откриена дрогата. Уапсените се од скопско село Арачиново. Тие не го испочитувале знакот да запрат што им го упатиле полицајците на наплатна станица Тетово, на автопатот Гостивар – Тетово и побегнале, оштетувајќи службено полициско возило, но набргу се запрени и приведени. Во багажникот на возилото, полицијата пронашла четири вреќи со марихуана, со вкупна тежина од околу 35 килограми, со вредност од околу 100.000 евра.