Достапни линкови

Вести

Лидерите на албанските партии од Македонија ја почнаа средба со Рама во Тирана

Премиерот на Албанија Еди Рама.
Премиерот на Албанија Еди Рама.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, во Тирана вечерва одржува средба со лидерите на албанските партии во Северна Македонија, на која присуствува и министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка, јави албанскиот медиум „Њуз 24“.

Според медиумот, тема на средбата е внатрешно-политичката ситуација во Северна Македонија, улогата на албанските партии во надминувањето на ќорсокакот за уставни измени поврзани со напредокот и продолжувањето на процесот на евроинтеграции.

Македонија и Албанија во пакет на 19 јули 2022 започнаа преговори за влез во Европската унија, но македонското Собрание треба да донесе уставни измени и да ги внесе Бугарите во Уставот за да почне отворањето на поглавја во преговорите со ЕУ.

На средбата учествуваат Али Ахмети од ДУИ, Африм Гаши од Алтернатива, Мендух Тачи од ДПА и Арбен Таравари од Алијанса за Албанците. Поканата ја одби Билал Касами од Беса. ДУИ, Алтернатива и ДПА се дел од владејачката коалиција.

Власта водеше разговори и со Алијансата за Албанците за влез во Влада, но засега од тоа нема ништо, додека Беса беше дел од власта, но ја напушти коалицијата.

Ахмети за ТВ 21 пред средбата рече дека разговорите ќе ги фокусираат на зајакнување на заедничката стратегија кон заедничкиот европски пат.

„Средбата е пријателска и братска, темите ќе видиме да ги разгледаме сите теми кои што мислиме дека се корисни, особено ме интересира зајакнувањето на заедничката стратегија за приближување на патот кон Европската Унија, а тоа е исклучително важна мисија за нашите земји, исклучително важна за зајакнување на мирот, стабилноста и напредокот на економијата. И тука најмногу ќе го фокусирам моето внимание“, изјави Ахмети.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред средбата за „Клан Македонија“, рече дека ќе било убаво и од Беса да присуствуваат.

„Секој има своја автономија при одлучувањето. Времето ќе докаже колку е продуктивно тоа размислување“, изјави Ахмети.

Дел од албанските аналитичари велат дека ова не може да се толкува како мешање во внатрешните работи на Македонија. Шефот на дипломатијата Бујар Османи, по вчерашниот состанок со амбасадорите на САД и на Јадранската повелба, изјави дека средбата во Тирана, околу која се плетат разни сценарија, е новогодишна и без некоја конкретна агенда.

види ги сите денешни вести

Талат Џафери: Има обиди за изборен инжинеринг

Талат Џафери, технички премиер на Република Северна Македонија
Талат Џафери, технички премиер на Република Северна Македонија

Имам добиено извештаи од учесниците во изборниот процес за вознемирување во однос на обиди за изборен инжинеринг со вон-институционален меѓупартиски договор за гласање и надгласување во Државната изборна комисија (ДИК), во врска со симптоматичните приговори поднесени од страна на учесниците во изборите, рече техничкиот премиер Талат Џафери на прес-конференција на 16 мај во Владата.

„Според извештаите, овие претензии за изборен инжинеринг имаат за цел менување на соодносот на бројките во Собранието, преку политички договор на маса. Кредибилноста на изборите и на демократскиот процес, прифатен и поздравен од сите партии и од меѓународната заедница, сега е во рацете на Управниот суд. Ги поканувам сите институции да постапат согласно законот, без партиски и политички директиви од која било страна и да го штитат кредибилитет на изборниот процес до крај“, рече Џафери на прес конференцијата.

На две пратенички столчиња се надеваат четворица кандидати за пратеници од три изборни коалиции, по одлуката на ДИК да се прегласува во седум избирачки места од две изборни единици по спроведените парламентарни избори на 8 мај.

На 17 мај, кога истекува рокот за одлучување по доставени жалби до Управниот суд, ќе се знае дали има основ за да се прегласува во седум избирачки места, од кои шест во изборна единица 5 и едно избирачко место во изборна единица 6.

Според изборните правила, доколку се прегласува на оние места каде што се запишани околу илјада гласачи, тоа би можело да влијае врз избориот количник. Право на глас по втор пат на паралментарните избори ќе имаат над четири илјади граѓани, и нивниот избор може да го промени за две пратенички места распоредот на силите во Собранието.

Коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ, поднесе жалба до Управниот суд за одлуките на Државната изборна комисија која прифати приговори за неправилности на седум избирачки места, на кои може да има повторно гласање. Доколку Управниот суд ги одбие жалбите на Европскиот фронт, Државната изборна комисија ќе треба да одлучи дали ќе има повторно гласање на овие седум избирачки места.

Според првичните изборни резултати, ВМРО-ДПМНЕ осво 58 пратенички места, ДУИ доби 19, додека СДСМ има 18. Од коалицијата Влен во собранискиот состав влегуваат со 13, а партиите Левица и ЗНАМ со по 6 пратеници.

Мицкоски: Мое човеково право е како ќе ја нарекувам мојата држава

Северна Македонија - Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Сиљановска - Давкова, претседателка на Република Северна Македонија
Северна Македонија - Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Сиљановска - Давкова, претседателка на Република Северна Македонија

Достоинствена беше заклетвата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, очекував честитка од јужниот сосед за убедливиот триумф, но за жал, добивме политички мускули, изјавипретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар Христијан Мицкоски на 16 мај.

Според Мицкоски, ако Грција смета дека земјава го прекршила Преспанскиот договор, постои Меѓународен суд за правда.

Тој потсети и дека нашата држава во целост го има имплементирано Преспанскиот договор, „а кај јужниот сосед не се завршени ни основните три работи“.

„Ако некој очекува од ВМРО-ДПМНЕ да ги повтори грешките од минатото, бидете сигурни дека тоа нема да го направиме. Немаме намера на нивните политички мускули да одговориме со преименување на автопатите и аеродромите или да градиме споменици. Не очекувам односите меѓу двете држави да се темелат на политички мускули, очекувам да имаме одлични меѓусоседски односи. Ценам дека ВМРО-ДПМНЕ и тамошната влада предводена од Нова Демократија имаат свој став поврзан со Преспанскиот договор, бидејќи ниту на едните, ниту на другите ни се допаѓа тој договор“, рече Мицкоски.

За разлика од таму, нагласи, Преспанскиот договор тука е дел од македонските институции, од македонскиот Устав и законите.

„Многу пати во минатото сме кажале дека тоа е реалност. Комуникацијата во македонските инститиуции останува согласно Уставот и законите, но мое основно човеково право е како ќе ја нарекувам мојата држава. И додека давам изјави или се обраќам, и јас, а очекувам тоа да биде начин на однесување и на Сиљановска, да се користат термините Македонија и придавката „македонски“, бидејќи на тој начин, според нашето толкување на Преспанскиот договор, нема негово прекршување. Ако тие мислат дека сме го прекршиле Преспанскиот договор, постои Меѓународен суд за правда, може да почнат процес па таму ќе ги вкрстиме и едните и другите аргументи. Не би сакал до тоа да дојде. Повикувам на добрососедски и пријателски односи, рече Мицкоски.

Тој повика на добрососедски и пријателски односи со Грција и апелира да нема веќе закани, опструкции и враќање назад во минатото, туку двете страни да гледаат кон иднината. Рече и дека наскоро очекува средба со грчкиот премиер со кој би разговарал за економијата, туризмот, образованието...

Кога ја даваше свечената заклетва во Собранието, Сиљановска-Давкова употребуваше само Македонија за името на државата, без додавката „северна“. Тоа предизвика реакции од меѓународната заедница и од властите во Грција и во Бугарија.

Пораката е дека од почитувањето на Договорот од Преспа постигнат со Грција во 2018, како и Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017, зависи и понатамошниот пат на Северна Македонија кон полноправно членство во ЕУ.

Мицкоски: Успешно консолидиравме 61 пратеник

Северна Македонија - Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Скопје, 8 мај 2024 година
Северна Македонија - Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Скопје, 8 мај 2024 година

Покрај 58 пратеници на коалицијата, имаме консолидирано точно 61 пратеник, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар, Христијан Мицкоски на 16 мај.

„Како ВМРО-ДПМНЕ и коалиција „Твоја Македонија“ ги завршуваме разговорите со неколку од пратениците кои не се дел од коалицијата „Твоја Македонија“ и можам да кажам дека во моментов успешно консолидиравме 61 пратеник, не можам да кажам детали“, изјави Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања пред затворењето на Самитот Македонија 2025, Мицкоски информира дека разговорите со коалицијата„Вреди“ се водат во вистинска насока.

„Нашата втора цел е заедно со коалициските партнери да успееме да консолидираме две третини во Собранието. Потребни се затоа што имаме намера да направиме сериозно реструктуирање и реекипирање на владиниот кабинет“, изјави Мицкоски.

Претходно се одржа и средба меѓу работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ за преговори за формирање коалиција за нова влада.

Пред почетокот на состанокот куса изјава за медиумите даде Азир Алиу од Алијансата за Албанците на Арбен Таравари, кој кажа дека ќе се разговара за методологијата и динамиката на работа на овие групи.

Одговарајќи на новинарски прашања Алиу речи дека најверојатно од наредниот состанок на работните групи ќе почнат поконкретните разговори вклучувајќи ги и кадровските решенија.

Алиу на состанокот на работните групи во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ дојде заедно со другите членови на работната група од оваа коалиција. Според информациите на ВМРО-ДПМНЕ, членови на работната група од нивна страна се потпретседателите на партијата Владо Мисајловски, Александар Николовски, Тимчо Муцунски и Гордана Димитровска Кочовска.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со потпретседателите и првите луѓе од партиите од коалицијата Вреди Изет Меџити, Африм Гаши и Арбен Таравари имаа средба во саботата во седиштето на коалицијата “Вреди“ кога и официјално почнаа разговорите за формирање влада.

Според роковите во Уставот, Владата би требало да биде предложена најдоцна до крајот на јуни. Таа треба да биде изгласана со мнозинство од 61 пратеник од вкупно 120 во Собранието.

Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 436.036 гласови на парламентарните избори на 8 мај, речиси тројно повеќе од коалицијата на СДСМ, кој ја предводеше Владата на Северна Македонија по последните седум години.

Грција e против логиката на Сиљановска-Давкова за употреба на уставното име формално, но не и во јавни настапи

Северна Македонија - Инаугурација на Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Северна Македонија, Скопје, 12 мај 2024 година
Северна Македонија - Инаугурација на Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Северна Македонија, Скопје, 12 мај 2024 година

Неприфатлива за Грција е логиката на Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Северна Македонија, да го употребува уставното име во формална комуникација, но не и во јавни настапи, рече Павлос Маринакис, портпарол на грчката влада, пренесе МИА.

Маринакис рече дека кога станува збор за највисоката позиција, за позицијата претседател на државата, „за еден од столбовите на демократијата на една земја, не можеме да говориме за двоен јазик и лично право“.

„Мислам дека е лицемерно ова да се кажува и да се слуша. За некои работи, каде што треба, ќе бидеме формални, а во нашите јавни настапи ќе го правиме она што сакаме или затоа што веруваме во тоа или затоа што ѝ служиме на нашата публика. Ова не може да биде прифатено од Грција, ниту од која било друга сериозна земја. Кога велиме дека треба да се согласиме дека треба да се почитува еден договор, затоа што таква е нашата обврска од фактот што е ратификуван овој договор, да го правиме тоа во сите наши формулации“, рече Маринакис.

За трите меморандуми за соработка кои СИРИЗА вчера ги достави во грчкиот Парламент, владиниот портпарол рече дека е „еден од најнесфатливите потези на опозицијата“,

„Ниту еден грчки граѓанин не сфаќа на што му служи оваа постапка, зошто такво брзање. Од моментот кога претседателката на Северна Македонија не ја прифаќа основната, првата точка од Договорот, главната опозиција во Грција сака ние сè да направиме, сè да изгласаме“, рече Маринакис и додаде дека доколку видат соодветна позиција од новата Влада, тогаш ќе влезат во конкретната дискусија.

Кога ја даваше свечената заклетва во Собранието, Сиљановска-Давкова употребуваше само Македонија за името на државата, без додавката „северна“. Тоа предизвика реакции од меѓународната заедница и од властите во Грција и во Бугарија.

Пораката е дека од почитувањето на Договорот од Преспа постигнат со Грција во 2018, како и Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017, зависи и понатамошниот пат на Северна Македонија кон полноправно членство во ЕУ.

Уапсен маж во Србија кој му се заканувал на Вучиќ

Србија - Александар Вучиќ, претседател на Србија, 8 мај 2024 година
Србија - Александар Вучиќ, претседател на Србија, 8 мај 2024 година

Маж во Србија е уапсен поради закана за загрозување на безбедноста на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, на 16 мај изјави дека е уапсен Д.М. од Сомбор.

„Полицијата доби наредба да му биде задржан 48 часа“, рече Дачиќ.

Од Министерството за внатрешни работи на Србија не кажаа повеќе детали.

Радио-телевизијата на Србија (РТС) објави дека под објавата на претседателот на Србија на мрежата Икс (поранешен Твитер) се појавиле заканувачки пораки до Вучиќ откако тој изјави дека е шокиран од обидот за атентат врз словачкиот премиер Роберт Фиц.

Вучиќ кажа дека жителот на Сомбор, кој беше уапсен поради закани преку социјалните мрежи, претходно извршил околу 50 кривични дела, меѓу кои и разбојништва и тешки кражби.

„Тој човек ги правеше најтешките злосторства секој ден од својот живот - од грабеж до тешка кражба“, изјави Вучиќ за новинарите во Котор, каде што учествуваше на самитот за Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, пренесе агенцијата Бета.

Според пишувањата на медиумите, полицијата во јануари уапсила и Борчанец кој преку социјалната мрежа Икс му се заканувал на претседателот на Србија.

Зеленски: Ситуацијата во североисточниот регион Харкив е „исклучително тешка“

Украинскиот претседател Володомир Зеленски
Украинскиот претседател Володомир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека воената ситуација во североисточниот регион Харкив е „исклучително тешка“, но сепак „под контрола“.

Изјавата ја даде по состанокот со неговите воени началници во близина на линијата на фронтот.

„Ситуацијата во регионот Харкив е генерално под контрола, а нашите војници му нанесуваат значителни загуби на окупаторот. Сепак, ситуацијата во областа останува исклучително тешка“, напиша тој во објавата на Телеграм, откако ги слушнал извештаите од неговите команданти во Харкив, регионален главен град на 30 километри од руската граница.

Претходно денеска, украинската армија објави дека го запрела руското напредување во некои области на североисточниот регион Харкив, каде Русија започна нова офанзива минатата недела.

„Ситуацијата во регионот Харкив сè уште е комплицирана, но се развива на динамичен начин. Нашите одбранбени сили делумно ја стабилизираа ситуацијата. Напредувањето на непријателот во одредени зони и локалитети е запрено“, рече портпаролот на армијата утрото на 16 мај.

Предупредување за воздушен напад беше прогласено рано во четвртокот и во Киев и во неколку украински региони, при што украинските воздухопловни сили предупредуваа на закана од балистички ракети истрелани од Русија.

На словачкиот премиер Фицо ќе му биде извршена уште една операција

Словачкиот премиер Роберт Фицо
Словачкиот премиер Роберт Фицо

Словачкиот премиер Роберт Фицо врз кого вчера (15 мај) беше извршен атентат во градот Хандлови, го чека уште една операција, пишува словачкиот портал Правда.

Абдоминалното крварење на Фицо е запрено, но тој се соочува со операција на колкот.

Во меѓувреме, полицијата го обвини напаѓачот на премиерот за убиство со предумисла и се соочува со казна од 25 години до доживотен затвор.

Како што пренесува порталот, напаѓачот, за кого медиумите пренесуваат дека е 71-годишниот писател Јурај Цинтула, рекол дека е горд на својот чин.

РТВС објави дека напаѓачот моментално се наоѓа во ќелијата на Националната агенција за криминал во Нитра.

Лекарите во текот на ноќта успеале да ја стабилизираат состојбата на словачкиот премиер по вчерашниот атентат во градот Хандлови, но таа се уште е тешка, соопшти претходно денеска директорката на болницата во Банска Бистрица, Миријам Лапуникова.

Два медицински тима го оперираа словачкиот премиер пет часа.

„Во моментов се преземаат дополнителни активности за подобрување на неговата состојба“, рече словачкиот министер за одбрана Роберт Калињак.

Словачкиот министер за внатрешни работи Матус Шутај Ешток денеска побара од вицепремиерот Томаш Тараба да го свика Советот за национална безбедност, а Владата ќе одржи седница.

Министерот за внатрешни работи информираше дека ќе ја зајакне заштитата на политичарите и одредени медиуми.

Напаѓачот пукал пет пати, по што полицијата веднаш го привела, а премиерот веднаш бил префрлен во болницата во Банска Бистрица.

Самит на лидерите од регионот и ЕУ: „Секој треба да ја заврши својата работа“

Самит на лидерите на Западен Балкан и Европската Унија на 16 мај во Котор, Црна Гора
Самит на лидерите на Западен Балкан и Европската Унија на 16 мај во Котор, Црна Гора

Планот за раст на Западен Балкан претставува јасен сигнал за посветеноста на Европската Унија за економска и демократска трансформација на Западен Балкан, изјави црногорскиот премиер Милојко Спајиќ на Самитот на лидерите на Западен Балкан и Европската Унија во Котор.

Советот на ЕУ одобри план од шест милијарди евра за поддршка на земјите од Западен Балкан со цел да се забрзаат реформите и економскиот раст, од кои две милијарди грантови и четири поволни заеми гарантирани од ЕУ.

На самитот чиј домаќин е Спајиќ, покрај лидерите од регионот, учествуваат и европскиот комесар за соседство и проширување, Оливер Вархеји и помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О'Брајан.

О'Брајан рече дека приоритет на Планот за раст за Западен Балкан е да се создаде единствен пазар на циркулација на пари, да се намалат трошоците, да се олесни движењето на пазарот и да се отворат повеќе работни места.

„Пораките на Планот се дека за секој учесник пораката е јасна - работете ја вашата работа и не барајте некој друг да направи нешто прво, за вие да го направите вашето“.

Вархеји рече дека Планот за раст повеќе не е нацрт, туку патоказ, кој е корисен за регионот пред влезот во ЕУ.

„Поради планот за раст и интензитетот на помошта од економскиот и инвестицискиот план, реформската агенда и дополнителната финансиска помош до 2027 година, Балканот ќе биде подготвен или би можел да биде подготвен, или би можел сам да се подготви за влез во ЕУ“.

Самитот се организира под слоганот „Еден регион, заедничка визија“.

На самитот присуствуваат претставници на Советот за регионална соработка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Светската банка, Атлантската алијанса, енергетската и транспортната заедница, Фондацијата Отворено општество...

Ден пред Самитот, на 15 мај, се одржа состанок на министрите за европски прашања и финансии на земјите од Западен Балкан, претставници на Европската комисија и партнерските организации.

„Министрите разговараа и за пристапот до единствената платежна зона за евро (SEPA), за олеснување на трговијата и транспортот меѓу земјите од регионот и членките на ЕУ, за подобрување на снабдувањето со критични лекови, Центарот за дигитални иновации и други теми“, соопштија од Министерството за европски прашања од Црна Гора.

Претходните месеци министерски состаноци и регионални самити на лидерите од Западен Балкан се одржаа во Скопје и Тирана.

Западните претставници на протестите против спорниот закон во Грузија

Министрите за надворешни работи на Естонија, Литванија и Исланд на протест во Тбилиси, 15 мај 2024 година
Министрите за надворешни работи на Естонија, Литванија и Исланд на протест во Тбилиси, 15 мај 2024 година

Илјадници луѓе повторно излегоа на улиците на грузискиот главен град Тбилиси за да протестираат против контроверзниот закон за „странски агенти“ усвоен од парламентот и покрај повеќенеделните демонстрации и предупредувањата на Западот дека законот ја загрозува евроатлантската интеграција на Грузија.

На демонстрантите во Тбилиси им се придружија и министрите за надворешни работи на Естонија, Летонија, Литванија и Исланд во маршот кон зградата на парламентот во средата во знак на солидарност со западните аспирации на Грузијците, објави грузискиот сервис на Радио Слободна Европа.

Демонстрантите се собраа и на плоштадот на хероите, главната раскрсница во главниот град на Грузија, јавија дописниците на РСЕ од теренот.

Законот, кој го усвои парламентот под контрола на владејачката партија Грузиски сон на 14 мај, беше осуден од САД, Европската Унија и групите за права поради неговата сличност со рускиот закон што претседателот Владимир Путин го користи за да ја замолчи опозицијата и да ги задуши независните институции.

„Заедно го започнавме ова патување и нашите народи знаат што значи да се биде под притисок од Москва. Никогаш нема да ве оставиме, но сите треба да ја обликуваме судбината на нашите народи“, рече литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис, чија земја, како Грузија и Естонија, беше дел од поранешниот Советски Сојуз.

Што ги предизвика масовните протести во Грузија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:48 0:00

„Вие како народ го одлучивте вашиот пат кон Европа. Ние сите заедно ќе направиме сè за да продолжиме по овој пат“, изјави естонскиот министер за надворешни работи Маргус Кахна.

„Јас сум овде денес, вие не сте сами и ја имате нашата почит“, рече министерот за надворешни работи на Исланд, Тордис Колбрун Гилфадотир.

На протестниот марш се приклучи и министерка за надворешни работи на Летонија, Баиба Бразе.

Четворицата западни претставници претходно се сретнаа со грузиската претседателка Саломе Зурабишвили и одржаа заедничка прес-конференција.

Зурабишвили на конференцијата предупреди дека опстанокот на Грузија како држава е во опасност откако парламентот го одобри контроверзниот закон за „странски агенти“ и повтори дека ќе стави вето на законот затоа што владата „не го послуша гласот на својот народ ниту советите на нејзините пријатели, ниту ничие предупредување и тргна по својот пат“.

Според законот, медиумските куќи, невладините и другите непрофитни организации ќе мора да се регистрираат дека „работат за интересите на странска сила“ доколку повеќе од 20 проценти од нивното финансирање доаѓа од странство.

Зурабишвили, која е во судир со владејачката партија Грузиски сон која го протурка законот во парламентот, има 10 дена да стави вето, но Грузиски сон и неговите партнери во парламентот имаат доволно пратеници за да го отфрлат ветото на претседателот.

Американскиот помошник државен секретар Џејмс О'Брајан, кој беше во Тбилиси на 14 мај, рече дека односите на Вашингтон со земјата ќе бидат загрозени и дека американската помош за Грузија ќе биде предмет на ревизија доколку нацрт-законот биде усвоен.

Постигнат договор за коалициска влада во Холандија

Речиси шест месеци по изборната победа на неговата партија, холандскиот политичар Герт Вилдерс објави дека е постигнат договор за формирање на десничарска коалициска влада. Тој исто така објави дека нема да биде премиер.

„Имаме договор меѓу преговарачите“, рече Вилдерс, кој уште во март се откажа од намерата да биде премиер, наведувајќи ги наводите дека е „исламофоб и противник на ЕУ“.

Договорот е постигнат меѓу четири партии - Партијата за слобода (ПВВ) на Герт Вилдерс, про-земјоделската партија БББ, либералната партија ВВД и новата партија против корупцијата НСЦ.

Сè уште не е познато кој ќе ја предводи десничарската владејачка коалиција која ќе го замени Марк Руте. Руте е кандидат за функцијата генерален секретар на НАТО.

Крајнодесничарската Партија за слобода, која победи на изборите во Холандија, а чиј лидер е Вилдерс е позната и по тоа што меѓудругото, повикува на забрана на џамиите, Куранот и шамиите, како и референдум за напуштање на Европската Унија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG