Достапни линкови

Каде на ’факс’ и зошто баш таму?


Илустрација - студентка

Што е пресудно при изборот на факултет и колку матурантите се гледаат на студии дома, а колку преку граница? РСЕ разговараше со неколку матуранти за нивните планови за ’факс’

Матурантите летово треба да одлучат што понатаму, па тие кои ќе продолжат на факултет разгледуваат опции. Оние со кои разговаравме, велат дека сè тргнува од желбата, но и други фактори се во игра.

„Уште од мала ме влечеше ’Правото’ и отсекогаш сум ја сакала правдата, затоа што се декларирам како главен опонент на неправдите и сакам сè што е праведно. Затоа, ќе продолжам наУниверзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), за да си ја исполнам желбата“, изјави матурантката Драгана Ристовска за РСЕ.

И матурантка од средното училиште „Васил Антевски Дрен“, Сандра Живановска, вели дека точно знае што сака, но уште не е сигурна дали Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) или Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) е подобра опција.

Матурантката Сандра Живановска
Матурантката Сандра Живановска

„Пресудни беа желбите, интересите и знаењето кое досега го имам стекнато. Иако во средно завршив економски смер, главно досега се имам интересирано за информатика. Имам дилема дали да продолжам на ФИНКИ или на ФЕИТ. Доста ми е важно да слушнам контруктивни мислења за факултетите. Одлучувачки ќе биде тоа да знам каде професорите одвојуваат доволно време за студентите и како се пренесува знаењето. Сè уште собирам информации за да можам да се одлучам“, изјави Живановска за РСЕ.


Странство како опција

За да го учи она што го сака, но и да се „оддалечи“од саканите за да се осамостои, 18-годишната матурантка Гордана Петковска од Скопје, одлучила да студира надвор од дома.

Матурантката Гордана Петковска
Матурантката Гордана Петковска

„Одлучувачко ми беше моето хоби, желбите и она што сакам да го правам во иднина, а тоа е бизнис. Првично тоа, а потоа и малку оддалечување од фамилијата за да се осамостојам, па затоа избрав да студирам во Словенија. Имаме и ние Економски факултет кадешто можам да студирам, но сметам дека мене лично повеќе ми одговара она што го нудат во Словенија, поточно во Копер. Исто така и тука се и можностите за работа, за запознавање со нови луѓе и малку осамостојување во младите години“, вели матурантката Петковска за РСЕ.

Словенија едно време била опција и за матурантката Драгана, но таа сепак одлучила да студира дома.

Матурантката Драгана Ристоска
Матурантката Драгана Ристоска

„Пред да завршам средно, искрено имав на ум неколку универзитети во странство, поточно во Словенија, но сепак одлучив да останам тука, бидејќи мислам дека младината е иднината на една држава и доколку ние не се обидеме да промениме нешто и да целиме кон подобро, нема кој. Никој нема да дојде од надвор за нешто да ни смени, туку мислам дека само би нè докрајчувале уште толку, како што се прави сега. Така што ,останувам тука засега“, вели Ристоска.

И Сандра вели дека помислила на студии во странство, но тоа сепак останало опција за мастер студии.

Деветнаесетгодишниот Борјан, матурант од гимназијата „Орце Николов“, не знае каде точно ќе продолжи, ама знае дека не сака да учи дома, па факултет во Македонија му е на дното на листата со желби.

Матурантот Борјан Зенделов
Матурантот Борјан Зенделов

„Квалитетот на образование ми беше пресуден. Како втора клучна работа ми беше опкружувањето и како трето дали би можел да се замислам во таа професија. Се мислам меѓу Медицина и Психологија. Уште немам ништо одлучено, бидејќи има повеќе варијатни. Прво ќе пробам да полагам приемен испит за медицински факултет во Павиа, на 40 километри од Милано, Италија. Имам поднесено документи за студирање Психологија и во Словенија. За тука, веројатно како трета опција би останало Медицина во Скопје“, изјави Зенделовски за РСЕ.



Зошто не дома?

„Затоа што сметам дека условите на факултетите овде не се добри. Освен на Фармација и на ФИНКИ, сметам дека сите други факултети не се пред сè доволно опремени со потребните материјали за обучување на студентите. Слушнав од претходните генерации дека професорите овде не се нај... Не знам колку се инволвирани, често студентите се жалат дека се премногу под стрес и дека ги ставаат на непотребен стрес и притисок. И искрено тоа ме одвлекува најмногу. Како и тоа што нашата диплома не е европски признаена. А сепак, да се заврши тежок факултет и да не биде таа диплома потоа никаде признанена, да треба да се нострифицира и се одново да се прави, некако делува неправедно и како џабе работа“, истакна матурантот.

Фактор - сигурна работа

За матурантката Сандра, мотивација плус за да избере да учи во сферата на компјутерите било тоа што таквите професии се доста барани и како што вели, има опции за надградување и напредување. Но, потенцира дека факултетот не е доволен сам по себе.

„Не би кажала дека со самото завршување на факултетот веднаш можеш да најдеш работа. Дефинитивно можеш, не дека не можеш, но сепак, сметам дека практичното знаење и тоа колку ти ќе се бориш, колку ти ќе се трудиш за време на факултетот и стекнувањето на знаење и надвор од студиите, е пресудно дали ќе успееш брзо и лесно да најдеш работа. Факултетот сам по себе не е доволен. Има професии кадешто полесно или потешко се наоѓа работа, тоа е факт, но доколку некој го влече нешто друго, може и во таа професија да најде работа и да напредува многу. Желбата за тоа што сакаш да го учиш е најважна“, истакна Сандра.

Драгана, пак, не ја предомислиле коментарите од околината за тоа дека нема некоја иднина со Правен факултет.

„Главно на сите што им кажував дека ќе се запишам на Правен, сите ми велеа: „Каква работа ти ќе имаш? Каква иднина? Нема иднина тука!“ Но, јас сепак мислам дека доколку се трудиш доволно и ако го сакаш тоа што го учиш и се бориш за тоа што го сакаш, ќе успееш. Мене уште повеќе ме мотивираше тоа што сакам на некој начин да го сменам системов тука“, вели Драгана.

Во најтесниот избор на Борјан се конкретно Медицина и Психологија бидејќи како што вели, се насочил на професии кои според него се просперитетни. За да биде сигурен дека ќе најде добра и добро платена работа, дури и се откажал од една од најголемите животни желби - да стане актер.

„Гледав да изберам просперитетни професии што не би изумреле во иднина. Нешто за коешто знам дека има работа, а тоа за коешто нема работа, ме има одвратено од некои факултети, како на пример ’Драмски’. Цел живот ми е една од поголемите желби да бидам глумец, меѓутоа, овде, во нашата земја, јасно ми е дека и да се заврши тој факултет и да има најдобри професори и најдобри услови, а нема за жал, понатаму тешко е да се најде работа и тоа добро платена работа. А сепак, кога некој ќе заврши факултет и е посветен на работата, делува неправедно ако не успее ’да најде леб’ и да спечали добро од тоа што го работел толку долго, чесно и со љубов“, додаде Борјан.

За идните студенти кои би избрале државен факултет дома, најстариот универзитет во земјава, УКИМ, за прв циклус студии во учебната 2022/2023 година има 10918 слободни места. Првиот рок за запишување е на 30. и 31. август, вториот е на 15. и 16. септември, а третиот е на 28. септември. Овие рокови важат за факултети каде кандидатите се рангираат единствено според успехот од средно. Онаму каде ќе се врши и проверка на знаењата, првиот рок е на 25. и 26. август, а проверката на знаењата ќе се случи на 30. август.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG