Достапни линкови

„Има леб од факс“ во Македонија, ако си IT и не си мрзелив


Илустрација - Средба на компанија со млада кандидатка за вработување
Илустрација - Средба на компанија со млада кандидатка за вработување

Со дел од младите кои го посетија првиот Регионален младински саем за вработување во Скопје разговаравме за тоа како е да си млад човек во Македонија кој бара работа, кој е во предност и зошто возрасните не треба да им лепат етикети на младите

Повеќе од 30 компании од различни индустрии тргнаа во потрага по свежа работна сила, на првиот Регионален младински саем за вработување кој на 1. март се одржа во Скопје. Над 150 млади на возраст од 18 до 29 години кои бараат работа, дојдоа да видат кои се опциите на пазарот на трудот, во живо.

„Дојдов пред сè за да се запознаам со работодавателите и да остварам некој контакт, бидејќи мислам дека само онлајн барањето на работа преку сајтови и слично е малку, што знам, „outdated“ што би се рекло. Мислам дека сепак ваков контакт е подобар, за вмрежување, за создавање на нови контакти и можеби нема да се вработиме сите во сите компании, меѓутоа ќе добиеме многу големо искуство“, изјави за РСЕ 24-годишниот студент на ФЕИТ, Кристијан Бојаровски.

И Хана Спаха која има 22 години и студира софтверско инженерство на ФИНКИ преферира интервју за работа - лице во лице.

„Мислам дека ова е супер место за собирање искуство, да се научиме како почетници како оди процесот на интервјуирање за да комуницираме со фирми. Бидејќи претходно сè беше онлајн и интервјуата се правеа преку „Зум“, ова беше по ок за нас“, изјави Спаха за РСЕ.

Лесно ли им е на младите да најдат работа?

Дваесетичетиригодишната Грација Николовска која дипломирала на ФИНКИ пред околу една година, имала неколку пракси, но работа бара прв пат.

„Тоа што јас го барам, „data science“ е малку поспецифично и нема толку многу фирми што го работат. Кај нас дури сега почнува да се развива повеќе и затоа сметам дека е просперитетно, меѓутоа во моментов е сè уште тешко да се најде работа во областа“, изјави Николовска за РСЕ.

Бојаровски и Николовска разговараат за опциите за работа
Бојаровски и Николовска разговараат за опциите за работа

Тазе дипломираната електроинженерка за енергетски системи Mарија Милојкоска периодов активно бара работа. Подготвена е и да излезе од „рамките“ на својата област за да ја најде.

„Се зборува дека се бараат инженери и дека повеќето се за работа во канцеларија и дека нема инженери кои би работеле на терен, но таквите фирми ги нема на ваквите саеми за вработување. Во споредба со моите колеги кои завршија на смеровите од компјутерски технологии или на ФИНКИ, бидејќи блиски ни се факултетите, гледам дека повеќето многу полесно наоѓаат и работа и пракса. На нивните пракси тие се најчесто платени 3 месеци, па потоа, ги задржуваат или не во зависност од тоа дали се заинтересирани. Еве, во мојата област-енергетика, таква пракса досега не сретнав, а мислам дека бев прилично упорна за да најдам. Можеби и ситуацијата со пандемијата ги намали шансите“, изјави Милојкоска за РСЕ.

Впечатокот дека оние за оние oд IT „нема зима“, го делат и останатите соговорници.

„Зависи од секторот. Конкретно во IT секторот има многу фирми што не се од Македонија, па затоа тука ние имаме плус, а мислам дека инаку е тешко да се вработиш во Македонија“, додава студентката Спаха.

Студентката Хана Спаха на младинскиот саем за вработување
Студентката Хана Спаха на младинскиот саем за вработување

Кристијан вели - не може да сме сите програмери.

„Ако си IT можеш да најдеш работа, но не значи дека секој е програмер, еве јас имам ФЕИТ, електроинженер. Не значи дека секој има технички науки завршено и мислам дека наоѓањето работа треба да биде лесно за сите, не само за тие од техничките науки. Да, ние полесно можеби ќе најдеме работа, но сепак треба да мислиме и на тие што не можат. Мислам дека зависи од индустријата и од профилот на човекот којшто бара работа“ вели младиот Бојаровски.

„Има и мрзеливи. Не сме сите за во ист кош“

На оние возрасни кои велат дека денешниве млади повеќе сакаат да не работат ништо, отколку да работат нешто за малку пари или дека сакаат „сè на готово“, нашите млади соговорници би им кажале дека не се во право и дека не е ок да генерализираат.

Eлекторинженерката Милојкоска вели дека барањето работа е константна борба меѓу тоа што се сака и тоа што би се исплатело.

„Гледам дека младите често менуваат работни места ако не се задоволни или не се задоволуваат со таа ниска почетна плата, бидејќи знаат дека на друго место можат да се најдат. Младите се многу помобилни, а мислам дека тоа возрасните не го сфаќаат. Не мислам дека сме мрзеливи, само сфаќаме дека имаме повеќе шанси и пробуваме да ги најдеме тие кајшто би биле задоволни“, вели Милојкоска.

Според Николовска и Бојаровски меѓу младите има и мрзеливи и незапирливи.

„Познавам луѓе од двете групи. Знам дека има луѓе кои си велат: А, јас завршив за да бидам правник и доколку не сум правник и доколку не ме стават судија, не правам ништо, ќе седам дома! Jас лично за време на праксата сум работела работи коишто не биле целосно по мојата струка, меѓутоа сето тоа е некое искуство“, вели младата Николовска.

„Mислам дека тоа не може да биде генерален заклучок за сите млади, меѓутоа има една пасивност во Македонија, ова е настрана од IT индустријата, бидејќи таа е динамична и луѓето пoстојано наоѓаат работа и менуваат работни места, но за другите мислам дека е така“, вели студентот Бојаровски.

Регионалниот младински саем за вработување на кој беа направени повеќе од 100 интервјуа и повеќе “speed dating” средби меѓу младите и компаниите, се реализираше во рамки на проектот „МладиХаб - градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите” кој го спроведува Националниот младински совет на Македонија со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG