Достапни линкови

Дома си е дома или со телото тука, а со паметот во странство


Илустрација
Илустрација

Речиси 37% од вкупно 1200 млади кои биле дел од најновото истражување на Агенцијата за млади и спорт рекле - можеби некогаш во иднина ќе се отселам од Македонија. Разговаравме со двајца млади кои имаат токму таков план и со еден студент кој веќе е надвор од Македонија...

Дваесетгодишниот Дилџан Кантуровски од Берово, речиси три години работи неколку работи истовремено. Вели дека е и келнер и шанкер и музичар, но со заработеното пак не стасува да ги покрие сите секојдневни трошоци, а не сака да биде финансиски „товар“ на семејството.

„Работам и како келнер и како шанкер и музичар сум и уште што не, и пак џабе. Гледам дека за овие три години шо работам вака, а воопшто не сум некој трошаџија кој многу излегува и слично, сепак немам заштедено“, изјави Кантуровски за РСЕ.

Затоа, како што вели, со паметот е веќе во странство.

„Размислувам да заминам бидејќи реално гледам како се движат тука работите. Млад сум, па сакам да имам поголема заработка и друг начин на живот. Најголема причина што размислувам на тој начин е тоа што тука во Источна Македонија, кај нас, особено, слабо има места каде може да се работи. Така размислувам бидејќи не сакам да им бидам товар на моите. Секој млад така би размислувал, за тоа работиме - да не бидеме товар, да си имаме свое „јас“ и да не нè интересира друго, бидејќи имаме свое“, вели младиот Беровчанец.

Дилџан Кантуровски
Дилџан Кантуровски

Има завршено средно за Угостителство и туризам, но ако замине во странство, вели дека не би пребирал за работа, бидејќи важно му е само да замине и да почне потрагата по подобар живот.

„Не ми е многу важно каде ќе одам, ама, би размислувал за Германија најмногу. Таму имам и роднини, па со нив на некој начин би бил и послободен. Бидејќи не е моја земја, реално, тука како што живееме никаде не може да се живее. А во Германија би работел сè. Би било добро да е нешто од смерот што го имам завршено, но не би бирал работа“, додаде Кантуровски.

Кибрие Усаинова живее во пехчевското село Црник. Таа е студентка по Психологија која не верува дека би можела да работи по струка во местото каде живее, бидејќи како што вели, психологијата таму не е баш сфатена, бидејќи постојат стереотипи и предрасуди и џабе би ѝ била дипломата ако остане дома.

„Во иднина не се гледам во Македонија, туку во странство, во Германија. Овде не се добри условите, а германскиот систем и култура многу ми се допаѓаат. Општо, финансиската состојба во Македонија е многу лоша и сакам да најдам нешто подобро“, изјави Усаинова за РСЕ.

Кибрие вели дека има желба да работи по струка, но за почеток, и таа како и Дилџан, не би пребирала, додека да се снајде.

„Планирам да одам по завршување на факултетот, односно да извадам виза 6 месеци пред да го завршам факултетот. И таму би почнала да работам по струка или нешто друго додека да најдам работа по струка“, вели студентката.

Кибрие Усаинова
Кибрие Усаинова

Дваесетиедногодишната Кибрие вели дека ако се случи да остане во Македонија, има многу планови и проекти со нејзиниот факултет, но сепак не смета дека тоа е добра опција кога размислува за растење на деца овде.

„Ако планирам да имам мое семејство тука, јас на моите деца нема да можам да им дадам некоја добра иднина. А во Германија, условите се поинакви“, додаде Усаинова.

Деветнаесетгодишниот Кристијан Поповски од Скопје е веќе во странство. Но, не за работа, туку за студии. Студира на Економскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, Словенија, во прва година на студии на словенечки јазик. Главната причина што е таму се како што вели подобрите услови за образование.

Кристијан Поповски
Кристијан Поповски

„Македонците што се тука, кои се патем во многу голем број, би ги поделил на две групи. Едната група на студенти гледаат генерално што е можно побрзо да ја напуштат својата држава и да дојдат во странство, во ЕУ или некоја друга држава, за подобри услови за живот, за подобар стандард и не планираат да се вратат. Целосно се разочарани од Македонија и ништо не ги влече назад. А во другата група, во која спаѓам јас, има луѓе кои дошле од Македонија, дошле со причина, меѓутоа има и некои работи за Македонија кои им се допаѓаат и ги влечат назад. Не ја исклучуваат можноста да се вратат и да продолжат да ја развиваат својата кариера и самите себе, назад, дома“, изјави Поповски за РСЕ.

Вели дека уште нема решено каде ќе продолжи, бидејќи ги истражува сите можности кои му се нудат.

„Тука сум кадешто сум затоа што сакам да учам и дека би го имал истото назад во Македонија, дефинитивно би останал. После студиите, доколку имам одлични можности, на пример, за работа и за дополнително образование, нема да се двоумам би сакал да останам. Меѓутоа, ако ми се понуди друга можност кадешто можам да продолжам на многу јаки факултети, на одлична работна позиција или да отворам некаде на друго место своја компанија, би размислил тоа да го направам“, вели Кристијан.


Одговарајќи на прашањето - дали планирате да се отселите од вашата држава во следните две години, 36.7% од вкупно 1200 млади кои биле дел од истражувањето за Младинските трендови спроведено од Агенцијата за млади и спорт во периодот јануари-април 2022 година, рекле - можеби некогаш во иднина, по што следи одговорот - планирам да заминам засекогаш (26.5%), потоа планирам да се отселам на некое време (20.4%) и немам план за тоа (16.4%). Следејќи ги податоците по возрасните групи, процентот на млади кои посакуваат засекогаш да си заминат од државата е најголем кај младите на возраст 20-24 години, а најмал кај младите на возраст 15-19 години.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG