Достапни линкови

Бунт место „бош муабети“ за да не станеме хиерархиски џуџиња


Студенти во публика на настанот „Студентски активизам, наместо апатија“

Петмина студенти од четири факултети им порачаа на група студенти во публика да бидат бунтовни и храбри за да ги предизвикаат промените кои сакаат да ги видат, за време на настанот „Студентски активизам, наместо апатија“, кој се одржа пред Фармацевтски факултет во Скопје, на 13-ти мај

„Ние не смееме да дозволиме школите и факултетите да направат од нас хиерарсхиски џуџиња. Секој од нас треба да се избори за своето за да не биде дел од таа хиерархија. Бидејќи во нашето општество, ние сме навикнати да сркаме тоа што ни сервираат, да бидеме апатични и постојано да велиме: „Ова не чини, она не чини... Мораме да се вклучиме! Треба на некој начин да ги замениме секојдневните 'бош' муабети и 'трачарења' со разговори за студентски активизам за да се развие тој студентски дух во нас“, рече Филип Тодоров, претседател на Научно истражувачкото здружение (НИЗ), на настанот „Студентски активизам наместо апатија“, кој се одржа во дворот на Фармацевтски факултет, на 13-ти мај.

Филип беше еден од петмината претставници на студентите од Фармацевтски, Медицина, Природно-математички факултет (ПМФ) и Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), кои се обединија за да мотивираат други студенти да се вклучат во студентските организации. Низ панел дискусија одржана од студенти за студенти, се споделија искуства и се побараа отворени мислења.

Искусните споделија зошто е добро да си дел од студентска организација, како паметно да се организира времето, што значи вклучувањето за самодовербата на еден млад човек и колку се важни контактите кои се остваруваат. Тие потенцираа дека мора да има акција за да се развие критичкото мислење и како што велат, да се осудат работите кои го кочат општеството.

„Многу е лесно ние да кажеме: 'Еве, паднавме на Шангајската листа, еве образованието не го бива, немаме наука во Македонија'. Дајте нешто да направиме во однос на тоа. Да не бидеме со 'reactive mindset'. Мора да почнеме да размислуваме проактивно, мора да почнеме да размислуваме - што можам јас да направам за да го подобрам ова?“, додаде Тодоров.

Тој вели дека повеќе вклучени студенти значи и поголема конкуренција, а со тоа и поефективна работа, поголем легитимитет и помала корупција меѓу институциите.

Панелистите на настанот
Панелистите на настанот

„Бунтовници со причина“

Панелистите ја ставија бунтовноста на младите во фокусот, во еден дел од дискусијата, како нешто што треба да се разбуди и искористи.

“Мене ми е најмногу криво кога ќе видам дека студентите на нашиот Универзитет немаат бунтовност. Во овој дел од животот, бидејќи факултетот ни трае во просек 4 години, го имаме единствениот луксуз да бидеме бунтовни и баш да ни биде гајле дали некој од тие што ни се надредени ќе ни забележи. Заради тоа што немаме егзистенцијална обврска кон никој друг, немаме страв дека ќе изгубиме работа или дека ќе останеме без пари и мислам дека треба да го искористиме тој луксуз. Треба да бидеме бунтовни и да имаме храброст и не да се собираме на протести проектно, туку треба да функционираме и да ни стане животен стил да се спротиставуваме на она што не ни се допаѓа и на луѓето кои не нè препознаваат дека постоиме. Заради тоа што, студентите до пред некоја година немаа никаков глас. Буквално можеше да дојдат и да не газат со камиони и пак немаше никој да каже ништо. Мислам дека треба да го искористиме правото на глас онаму каде што сега можеме да гласаме, а тоа се веќе неколку места на коишто имаме рамноправност со сите професори и со деканите и со ректорите“, вели Вера Палевска, претседателка на студентското собрание на ФЕИТ.

„Борете се за она што ви следува“

„Бунтовноста е клуч на тоа што сакате вие да го постигнете. Не се плашете ако некој ви забележи, вие не правите ништо што не е правилно. Си барате нешто кое мислите дека треба да го има и што го заслужувате како студенти. Сум тропнал на сто врати, за да побарам нешто... Сите барајте, бунтувајте се, постојано бидете активни, затоа што и некој да ви забележи - па што ако ви забележи? Јас си барам тоа што сакам и што мислам дека го залужувам и она што организацијата го заслужува. Студентите, барем во моето искуство не побарале нешто што е незаконски и што не треба да се бара. Не сте мрзеливи, меѓутоа немојте да бидете апатични , туку гледајте што повеќе да искусувате и студентски организации и други групи, затоа што тоа искуство што ќе го добиете со студентски организации, нема да го добиете на факултет со учењето. Учењето е друга работа. Контактите што ќе ги направите таму, „врските“ што ќе ги направите, искуствата и пријателствата се нешто кое не се опишува“, истакна Дамјан Георгиевски, претседател на Студентското собрание на Фармацевтски факултет.

Студентите истакнаа дека со учество на проекти, освен организациските способности, се подобруваат и комуникациските способности и преговарачките вештини кај младите. Панелистите за РСЕ споделија и дека дел од студентите во публика после настанот, се заинтересирале да дознаат повеќе за начините на кои може да се вклучат во студентските организации.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG