Достапни линкови

Задорожњук: Не само Украина,туку и Македонија и светот се соочуваат со агресивна лажна руска пропаганда


Задорожњук: Му благодариме на секој Македонец кој даде помош за Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:08 0:00

Задорожњук: Му благодариме на секој Македонец кој даде помош за Украина

Значајна помош од вашата држава ќе биде решавање на прашањето за медицинска нега и вклучување на украинските деца во образовниот процес, порачува во интервју за Радио Слободна Европа, украинската амбасадорка, Наталија Задорожњук. Според неа, досегашните санкции кон Русија не се доволни и тие мора да вклучат и енергетско ембарго, за како што вели, да се ограничи финансирањето на војната и да се доведе во прашање опстанокот на режимот на Путин

Амбасадорке Задорожњук, повеќе од месец и половина трае руско-украинскиот конфликт, а нападите не престануваат? Од денешна перспектива какви се изгледите да се дојде до решение преку мировни преговори?

Програмата-минимум во преговорите со руските окупатори е преговарање за хуманитарните прашања и обезбедување на зелени хуманитарни коридори, снабдување со храна и вода за блокираните населени места во Украина, а програмата-максимум е постигнување на договор за прекин на огнот.

Украина не тргува со територијата, независноста и суверенитетот и токму тој цврст став претседателот Володимир Зеленски им наложи на членовите на украинската делегација да го заземат.

Нашиот став е јасен. Поддржан е од меѓународното право, Вооружените Сили на Украина, меѓународните санкции, кои беа воведени против Русија, оружјето кое и било предадено и ѝ се предава на Украина за одбрана од агресорот.

2. Според статистиките на МВР 900 украински граѓани влегле во земјава од почетокот на конфликтот, а околу 200 украински граѓани во земјава побарале помош од Црвениот крст. Имате ли информации колку Украинци побарале статус на бегалец во Македонија и што според вас може да направи државата за да им помогне?

Граѓаните на Украина кои привремено престојуваат во Република Северна Македонија не аплицираат за статус на бегалец, туку наместо тоа аплицираат за привремено засолниште и им се издаваат дозволи за привремен престој во Северна Македонија до една година од хуманитарни причини. Граѓаните на Украина кои добиваат такви потврди ќе имаат право на вработување и социјална заштита во земјата.

Значајна помош од Вашата држава ќе биде решавање на прашањето за медицинска нега и вклучување на украинските деца во образовниот процес.

3. Колку сте задоволни од хуманоста на македонскиот народ? Што најмногу се донира, а што е тоа што му е најпотребно на украинскиот народ?

Најпрво би сакала да му се заблагодарам на секој граѓанин на Северна Македонија кој се понуди да помогне и се вклучи во собирањето хуманитарна помош за Украина, како и понуди домување за Украинците кои бегаат од војната.

Во моментов, во Украина има најголема потреба од секои видови на храна, пред се долготрајна, лекови (особено против болки) и средства за хигиена. Ова е токму она што нашите хуманитарни пунктови најмногу и го добиваат како помош од претпријатија и обични граѓани, на кои сме им многу благодарни и го цениме нивното сочуство со Украина во овие моменти.

Покрај тоа, во организација на Амбасадата и украинското здружение и со помош на водечки финансиски организации, претпријатија, компании, трговски синџири, збратимените градови во Северна Македонија, ние веќе испративме во Украина околу 120 тони хуманитарна помош.

Искрено Ви благодариме. Ова е помош не со зборови, туку со дела.

4. Украина соопшти дека ги проверува наводите дека Русија можеби користела хемиско оружје во тешките борби во Мариупол? Од друга страна пак Русија обвинува дека во Украина има лаборатории за биолошко оружје? Дали се основани ваквите обвинувања од двете страни?

Украина во најголема мера, но и другите земји во светот, вклучително и Северна Македонија, се соочуваат со агресивната лажна руска пропаганда.

Што се однесува до руските лажни вести за постоењето на, некои си, бизарни лаборатории за развој на биолошко оружје, тоа самата Русија, а не Украина, долго време ја поддржува програмата за биолошко оружје, кршејќи го меѓународното право. Веќе многу пати, дури и на ниво на ООН, беа отфрлени овие лажни обвинувања на руската страна против Украина. Никој освен Русија ниту слушнал, ниту видел, ниту пак знаел за овие лаборатории, бидејќи тие едноставно не постојат.

Со оглед на размерите на злосторствата што веќе беа извршени од страна на руската армија за време на војната против Украина, не може да се исклучи евентуалната употреба на хемиско оружје од нејзина страна против Украина. На 12 април се појави информација дека руските трупи употребиле токсична материја од непознато потекло против Украинската војска и цивили во градот Мариупол, која била исфрлена од руското беспилотно летало. Објавено дека жителите имаат отежнато дишење и атаксија. Украина ги повика Организацијата за забрана на хемиско оружје и државите членки на Конвенцијата за хемиско оружје внимателно да ја следат ситуацијата со цел таа целосно да се разјасни.

Украинската страна собира факти и важни докази за можната употреба на хемиско оружје од страна на Русија. Ние сме подготвени целосно да соработуваме и да им ги обезбедиме на соодветните организации сите потребни информации. Украинската страна им е благодарна на оние држави кои веќе понудија помош. Употребата од страна на Русија на хемиско оружје против народот на Украина е уште еден доказ за воените злосторства на Русија и злосторствата против човештвото извршени на територијата на нашата држава.

5. Европската Унија усвои пет пакети санкции против Русија, а санкции воведоа и Соединетите Држави? Сметате ли дека тие се ефикасни во обидите да прекинат нападите од руска страна и да се стави крај на војната?

Санкциите се веќе на сила, но секако дека ќе биде потребно време тие радикално да влијаат на руската економија. Но, веќе денес, според експертите на Светската банка Русија е блиску до банкрот. Западните санкции замрзнаа околу 60% од нивните златни и девизни резерви. Во Русија берзата пропадна. Руските акции покажаа најголем пад во историјата.

САД го забранија извозот на американски долари во Русија, а Европската Унија забрани испорака на банкноти на евра во Русија. Рубљата стана најнестабилната валута во светот. Но, тоа не е доволно.

Постои ефикасен начин да се казни агресорот и да се ограничи неговата способност да ја финансира војна против Украина, а тоа е енергетското ембарго. Таа наеднаш ќе изгуби околу 20% од државниот буџет. Со тоа ќе се постави прашањето за самиот опстанок на режимот на Путин.

Затоа, го чекаме следниот пакет антируски санкции на Европската Унија. И во него треба да има енергетско ембарго.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG