Достапни линкови

Вести

Селаковиќ: Напорите за прием на Косово во СЕ го дестабилизираат регионот

Никола Селаковиќ, министер за надворешни работи

Српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ денеска изјави дека напорите за прием на Косово во Советот на Европа (СЕ) се закануваат да ги дестабилизираат политичките и безбедносните услови во регионот, јави дописникот на МИА од Белград.

„Залагањето за прием на самопрогласено Косово во Советот на Европа, но и погласните барања Приштина да влезе во НАТО, не само што не придонесуваат за стабилноста на Европа, туку напротив се закануваат да ја дестабилизираат политичката и безбедносната ситуација во нашиот регион“, се вели во соопштението на Селаковиќ по повод најавата на известувачот на Советот на Европа Виола фон Крамон, дека го поддржува предлогот „Косово да аплицира за членство во Советот на Европа“.

Претходно Фон Крамон на Твитер објави дека за приемот на Косово во СЕ се залага подолго време и дека се сложува со Европската иницијатива за стабилност (ESI), косовската влада сега да аплицира за членство во Советот на Европа.

„Граѓаните на Косово заслужуваат целосен пристап до најстарите механизми за човекови права во Европа,“ напиша вчера Фон Крамон.

Во соопштението од српското МНР, Селаковиќ оцени дека „европратеничката Виола фон Крамон решила да ги искористи настаните во Украина и стравот на европските земји од дестабилизација во поголем обем за да ги радикализира нејзините напори за лобирање со цел да обезбеди членство на самопрогласеното Косово во меѓународните организации“.

Во предлогот на Европската иницијатива за стабилност (ESI) насловен „Како Косово може да стане 47. членка на Советот на Европа“ се наведува дека Косово е европска демократија каде што се одржани редица слободни и фер избори, нема политички затвореници или обвинувања за нехуман третман и има одредби за малцинските права.

Во предлогот се додава дека 34 од 46 членки на СЕ, колку што има по суспензијата на Русија, ја признаваат независноста на Косово и дека пристапот на Косово сега ќе покаже дека Советот на Европа останува најрелевантната институција за европските демократии посветени на Европската конвенција за човекови права.

види ги сите денешни вести

Запленета иранската нафта од поранешен руски танкер запрен кај Грција

Запленетиот танкер кај Евија

САД ја конфискуваа иранската нафта од брод управуван од Русија во близина на грчкиот остров Евија во Егејското Море, се наведува во вчерашните новинарски извештаи каде се цитирани грчки извори.

По „судската интервенција на американските власти во врска со товарот на бродот“ во моментов во тек е процесот нафтата „да биде „предадена“ на трошок на американската влада, изјави неидентификуван службеник цитиран од АП.

Бродот беше привремено запленет од грчките власти на 15 април кога се закотви кај пристаништето Каристос на Евија. Во тоа време, на него се вееше руско знаме и превезуваше екипаж од 19 Руси.


Грчката крајбрежна стража соопшти дека е запленет поради сомневање дека ги прекршил санкциите на ЕУ воведени против Русија поради војната во Украина.

Не е јасно дали нафтата е конфискувана затоа што била иранска нафта под санкции на САД или акцијата се должи на санкциите за танкерот, кој неодамна го смени името од Пегас во Лана и вее под иранско знаме од 1 мај. .

Извор од грчкото Министерство за испорака, цитиран од Ројтерс, рече дека американското Министерство за правда „ја информирало Грција дека товарот на бродот е иранска нафта“.

„Товарот е префрлен на друг брод што го најмиле САД“, додаде изворот без да наведе дополнителни детали.

Соединетите Држави на 25 мај воведоа санкции за, како што ја опишаа, мрежата за шверц на нафта и перење пари поддржана од Русија за силите Кудс на Иранската исламска револуционерна гарда.

Кина и Русија ставија вето на новите санкции на ОН за Северна Кореја поради лансирање проектили

Илустративна фотографија

Кина и Русија ставија вето на резолуцијата на ОН спонзорирана од Соединетите Држави, која би ги заострила санкциите кон Северна Кореја како одговор на нејзиното најново лансирање на интерконтинентална балистичка ракета (ICBM).

Гласањето на 26 мај во 15-члениот Совет за безбедност беше 13 према 2 и ја означи првата сериозна поделба меѓу петте постојани членки на Советот за безбедност со право на вето за резолуцијата за санкции за Северна Кореја.

Советот воведе санкции по првата експлозија на нуклеарна проба на Северна Кореја во 2006 година и ги заостри во текот на годините, барајќи да ги заузда нејзините нуклеарни и балистички ракетни програми.


Амбасадорката на САД Линда Томас-Гринфилд апелираше на единство пред гласањето, нарекувајќи ги шесте тестирања на ICBM на Северна Кореја оваа година „закана за целата меѓународна заедница“.

Кина го повтори своето противење на новите санкции пред гласањето.

Кинескиот амбасадор во ОН Џанг Јун рече дека Кина не верува дека дополнителните санкции би биле корисни во одговорот на моменталната ситуација.

Наместо тоа, Кина ги повика Соединетите Држави да преземат „значајни, практични активности“ за да го продолжат дијалогот со земјата и да најдат политичко решение за ситуацијата на Корејскиот полуостров, рече Џанг.

Претпладне сончево и топло, попладне можност за дожд и невреме

Илустративна фотографија

Претпладне времето ќе биде сончево и топло со слаб до умерен ветер од променлив правец, а попладне ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме, прогнозираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Јачината на УВ индексот ќе биде 8.

Инаку, под влијание на влажна и нестабилна маса денес попладне и за време на викендот времето ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд (за кратко време поголема количина), силни електрични празнења, силен ветер (над 70 км/час) и појава на град.

Во недела дневната температура ќе се намали за неколку степени.

Пендаровски: Бугарските барања се многу поконтроверзни од грчките

Претседателот Стево Пендаровски

Според објаснувањата на Бугарија, тие сакаат да го имитираат однесувањето на Грција кон Северна Македонија во последните децении, поставувајќи ни предуслови за влез во Европската Унија, со цел да го заштитат националниот интерес, вели претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Тој во интервју за Еуроњуз изјави дека потребно е да се говори за вистинските аргументи и критериуми што државата ги исполни за влез во Европската унија (ЕУ), а не да се дискутира за 19 или 20 век.

„Бугарските барања се многу поконтроверзни од грчките. Зошто? Затоа што Грците никогаш не го доведуваа во прашање нашето етничко потекло. Никогаш не рекоа „не си Македонец. Бугарија го оспорува идентитетот на Македонците и тоа е големиот проблем“, вели Пендаровски.


Според него, Бугарија ја изразува позицијата на бугарското општество, како резултат на долгогодишниот став на бугарските политичари и историчари, што датира од времето на комунизмот.

Македонија пред јунскиот самит на ЕУ сеуште е под бугарско вето за старт на пристапните преговори и нмема оптимизам дека нешто може да се смени во наредните денови. Потпретседателот на бугарското Собрание, Кристиан Вигенин, денеска изјави оти смета дека е неопходно е да се свика ново заседание на бугарскиот Консултативен совет за национална безбедност посветено на темата за Северна Македонија, бидејќи тоа прашање е „доволно контроверзно“, а само бугарскиот претседателот Румен Радев на иста маса да ги собере сите партии. Тој потенцираше дека во моментов Бугарија нема причина да го тргне ветото.

Кевин Спејси обвинет за четири случаи на сексуално злоставување во Велика Британија

Актерот Кевин Спејси

Британските обвинители денеска поднесоа обвинение против холивудската ѕвезда Кевин Спејси за четири случаи на сексуално злоставување на тројца мажи. Обвинителството наведе дека Спејси е обвинет и за принудување на друго лице да „учествува во сексуална активност без негова согласност“.

Шефицата на полицискиот отсек за специјални злосторства Розмари Ејнсли соопшти дека обвинението е поднесено откако биле прегледани доказите кои ги собрала лондонската полиција.

Британската полиција го испита Спејси во 2019 година за наводите на неколку мажи дека ги злоставувал.

Наводните инциденти се случиле во Лондон во периодот од март 2005 до август 2008 година, како и во западна Англија во април 2013 година. Спејси од 2004 до 2015 година го водеше лондонскиот театар Олд Вик.

Еден студен повреден во судири со полицијата во Солун

Илустрација: Солун

Еден студент е сериозно повреден, а според дел од грчките медиуми го загубил слухот на едното уво, откако бил удрен со шок бомба од полицијата во инцидентите што претпладнево се случија пред Универзитетот „Аристотел“ во Солун, а повреден е и еден полицаец, јави дописничката на МИА од Атина.

Инцидентите и овој пат беа пред делот од Универзитетот каде што се работи на изградба на библиотека, односно во простор што претходно, со години беше под опсада од анархисти.

Од грчката полиција соопштија дека додека полицијата ги обезбедувала градежните работи на приземјето на Универзитетот, била нападната од група од околу 120 лица и биле повредени еден полицаец и едно друго лице.

Како што објавија грчките медиуми, студентот со шок бомба бил повреден во пределот на главата, пренесен во болница, а го загубил слухот на едното уво.

Еднократен данок за нафтените и гасни компании во Британија и парична помош за сиромашните

Ветерници за струја во морето во Велика Британија

Владата на Велика Британија денеска објави пакет мерки во вредност од неколку милијарди фунти за финансиска помош за домаќинствата со најниски приходи, и поради тоа им воведува еднократен данок од 25 отсто на екстра профит на нафтените и гасни компании.

Министерот за финансии Риши Сунак соопшти дека владата очекува дека преку еднократниот данок ќе собере околу 5 милијарди фунти (5,8 милијарди евра) во текот на наредната година. Тој рече дека околу осум милиони најсиромашни домаќинства ќе добијат еднократна државна помош од по 650 фунти (763 евра), за да може да ги платат сè повисоките сметки за струја.

Сунак наведе дека во еднократниот данок ќе биде пресметан и „инвестициониот џепарлак“ за компаниите да се мотивираат да го реинвестираат профитот.

Британскиот премиер Борис Џонсон претходно се спротивстави на еднократниот данок, додека владата претходно соопшти дека тој потег би можел да ги попречи инвестициите во енергетскиот сектор. Сепак, сега го сменија ставот во услови кога се под сè поголем притисок поради растот на цените на струјата и на храната.

Претходно оваа недела, британската Канцеларија за пазарот на гас и струја соопшти дека сметките за струја во земјата од есен би можеле да порасната за уште 800 фунти (939 евра) годишно.

Во април оваа година, инфлацијата достигна девет отсто, што е највисока стапка во последните 40 години. Годишните сметки за струја за милиони Британци во април пораснаа за 54 отсто, односно за 700 фунти (околу 822 евра) во просек по домаќинство.

Силен земјотрес на југот на Перу

Архивска фотографија: Оштетен пат по земјотрес во Перу во 2019 година

Силен земјотрес денеска го погоди југот на Перу. Геолошкиот топографски институт од САД соопшти дека земјотресот бил со магнитуда од 7,2.
Исплашените граѓани истрчале на улиците. Засега нема информации за штети или повредени.

Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 218 километри под земјата, на 20 километри североисточно од градот Азангаро во близина на границата со Боливија.

Тамошните експерти велат дека кога земјотресот на толку голема длабочина, не би требало да предизвика големи штети.

Перу лежи на Огнениот прстен, кој секоја година е погоден од најмалку 400 земјотреси кои може да се почувствуваат.

Огнениот прстен е област на работ на Тихиот Океан со голема вулканска и сеизмичка активност.

Последниот голем смртоносен земјотрес кој го погоди Перу се случи во август 2007 година, кога во земјотресот со магнитуда од 7,9 загинаа 595 луѓе.

Поранешниот премиер на Пакистан го откажа протестот, ѝ даде 6 дена на владата да распише избори

Судири на полицијата и демонстрантите во Исламабад

Поранешниот пакистански премиер Имран Хан во последен момент го откажа протестот во Исламабад, со образложение дека сака да ѝ даде на актуелната влада шест дена да одреди датум за избори.

Околу 10 илјади луѓе веќе се собраа во центарот на Исламабад рано утринава, а се очекуваше да пристигнат уште илјадници на протестот, за кој многумина стравуваа дека може да прерасне во големи насилства по спорадичните судири со полицијата пред Парламентот.

„Ви давам шест дена“, рече Хан, поранешна крикет ѕвезда која стана исламистички политичар, откако пристигна во долга колона возила со демонстранти кои вееја знамиња.

„Ако не го направите тоа [одредите датум за избори] за шест дена, јас ќе се вратам“, рече тој, додавајќи дека исто така бара распуштање на парламентот.

Премиерот Шабаз Шариф, кој дојде на местото на Хан во април, откако ѝ беше изгласана недоверба на владата, веднаш го отфрли барањето и рече дека нема да биде уценуван. Тој сепак ја остави отворена можноста за разговори за ова прашање.

Организаторите планираа поддржувачите на Хан да се соберат на периферијата на Исламабад, а потоа да продолжат пеш.

По зголемувањето на тензиите, владата го забрани протестот, за во последен момент Врховниот суд да донесе одлука со која се дозволува негово одржување, но само на точно одредени јавни места и под услов демонстрантите да се разотидат по обраќањето на Хан.

На вчерашните протести на поддржувачите на Хан во Карачи, Лахоре и во Исламабад беа уапсени над 1700 луѓе.

Хан беше соборен од власт по широко распространето незадоволство од инфлацијата и неколку други прашања кои ја влошија економијата на Пакистан.

Хан го обвини Вашингтон за соборувањето на неговата коалициска влада поради неговите блиски односи со Кина и со Русија. Повиците за протести на неговите поддржувачи беа под паролата да се „ослободи“ Пакистан од наметнатата влада од страна на САД.

Турската централна банка не ги зголемува каматите и покрај огромната инфлација

Илустрација: Лири и долари

Турската централна банка ја задржа непроменета основната каматна стапка петти месец по ред, и покрај годишната стапка на инфлација од скоро 70 отсто.

Банката соопшти дека ќе ја задржи својата референтна каматна стапка „константна“ на 14 отсто и дека инфлацијата е водена од геополитичкиот развој и „привремените ефекти на формирањето на цените“.

Банката очекува дека инфлацијата ќе забави со мерките за стабилност на цените и по смирување на „регионалниот конфликт“, мислејќи на руската инвазија врз Украина.

Годишната инфлација во април достигна 69,97 отсто, продлабочувајќи го притисокот врз домаќинствата кои веќе немаат доволно пари и за основните намирници.

Одлуката на централната банка уследи по дополнителниот пад на турската лира.
Од почетокот на годината, лирата изгуби околу 18 отсто од вредноста во однос на доларот.

Албанија му ја понуди на НАТО поморската база Пашалиман

Премиерот на Албанија Еди Рама

Премиерот на Албанија Еди Рама ја понудил на користење од страна на НАТО поранешната советска поморска база Пашалиман.

Како што соопштија од премиерскиот кабинет, Албанија веќе направила проект за обнова на базата која се наоѓа на 180 километри јужно од Тирана, под Валонскиот Залив.

„Во овие опасни времиња, верувам дека генералот би можел да размисли да има поморска база на НАТО во Албанија“, рече Рама во вчерашното обраќање при доделувањето медал” Голема ѕвезда на благодарноста”на командантот на НАТО, Тод Даниел Волтерс.

Базата Пашалиман е изградена во 1950-те кога Советскиот Сојуз донесе 12 подморници и беше единствената поморска база што ја имаа во Средоземното Море.

По прекинот на врските меѓу Тирана и Москва во 1961 година, Пашалиман остана како поморска база во која се сместени четирите преостанати подморници и други помали воени бродови.

Нови 108 случаи на Ковид-19 и 77 оздравени лица

Илустративна фотографија

Во последните 24 часа се регистрирани 108 нови случаи на Ковид-19 од направени 1411 тестови, како и 77 оздравени пациенти. Не се пријавени починати лица, информираа од Министерството за здравство.

Од новозаболените, од кои осум се реинфекции, од Скопје се 70, Битола 13, Штип 7, Кавадарци 3, Прилеп, Велес, Гостивар, Кичево и Неготино по 2 и Тетово, Охрид, Гевгелија, Свети Николе и Дебар по 1.

Од оздравените 77 лица од Скопје се 56, Битола 7, Прилеп 4, Гостивар, Берово и Кичево по 2 и Кавадарци, Гевгелија, Кочани и Ресен по 1.


Досега во земјата се направени вкупно 2.049.946 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 311.592, бројот на оздравени пациенти е 301.728, на починати е 9.300.

Во моментов во земјава има 564 активни случаи.

Кабинетот на Џафери: Нема прекршување на Деловникот, за редот се грижи претседателот на Собранието

Претседателот на Собранието Талат Џафери

Претседателот на Собранието Талат Џафери не го прекршил Деловникот, тврдат од неговиот Кабинетот, по обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека Џафери синоќа ги заклучил во салата со купола каде требаше да се одржи 71. Седница, за што денеска најавија и барање за негова интерпелација.

Според членот 95 од Деловникот, како што се наведува од Кабинетот, Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници, така што се потребни мнозинство гласови од присутните пратеници, односно најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.

Оттаму додаваат и дека претседателот на Собранието е тој што го соопштува бројот на пратениците што гласале „за“, „против“ или „воздржано“, како и бројот на пратениците што се присутни, како и дека тој може да определи да се утврди бројот на присутните пратеници со броење.

„Според тоа, во текот на вчерашниот ден вратите на салата беа затворени за да можат собраниските служби да го утврдат бројот на присутни пратеници, односно дали има кворум за да се премине на гласање. Со оглед на тоа што во салата со куполи, каде што во овој период се одржуваа пленарните седници нема соодветна опрема, се воспостави пракса координаторот да составува листа од присутни пратеници пријавени за збор“, се наведува во соопштението.

Од тој аспект, посочуваат од Кабинетот на собранискиот спикер, Деловникот дозволува можност за затворање на вратите на салата, на барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник, поддржан од најмалку десет пратеници. Додаваат и дека Деловникот, поточно членот 91 предвидува дека за одржување на редот на седницата се грижи претседателот на Собранието.

„За повреда на редот на седницата, претседателот на Собранието може да го опомене и да му го одземе зборот на пратеникот“, се посочува во соопштението.

Според тоа, потенцираат од Кабинетот на Џафери, претседателот на Собранието не го прекршил Деловникот , туку како што велат „тоа, како и илјадници пати досега, го направи опозицијата, со своето недолично однесување, со цел да создаде хаос во законодавниот дом, служејќи се со слични методи како и на 27 април 2017 година“.

Претходно најава за поднесување интерпелација за Џафери стигна од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“. Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ Никола Мицевски изјави дека пратениците биле заклучени во пленарната сала по наредба на Џафери, како и дека за собранискиот спикер „ не постои Деловник и не постојат човекови права“.

Протести на невидливите авганистански жени поради затворањето на училиштата

Девојчиња и жени на протест во Кабул, 26 мај 2022

Група жени организираа протести во Кабул против продолженото затворање на училиштата за девојчиња над шесто одделение, откако висок функционер на ОН предупреди дека ограничувањата на талибанските права на жените имаат за цел да ги направат жените „невидливи“.

На девојчињата им е забрането да одат на училиште по шесто одделение во поголемиот дел од Авганистан по враќањето на талибанците на власт во август 2021 година. Во март, талибанците наредија затворање на средните училишта за девојки истото утро кога тие требаше да се отворат.

На протестот денеска дваесетина жени и девојчиња маршираа до портата на средното училиште Мерјам во Кабул, повикувајќи ги талибанците повторно да ги отворат училиштата.

„Ми го зедовте лебот и работата, а јас не можам да учам“, извикуваа тие.

Некои сведоци рекоа дека десетина минути по протестот, талибанските милитанти дошле и ги растерале жените, пукајќи во воздух. Една од демонстрантките за РСЕ изјави дека три жени биле привремено приведени, а потоа ослободени откако талибанците ги потврдиле нивните мобилни телефони.

Азир Ахмад Такур, портпарол на талибанското Министерство за внатрешни работи, негираше дека протестот бил растеран.

„Ова е апсолутно пропаганда. Ние не спречивме никого да протестира денеска“, рече тој.

Откако ја презедоа власта по повлекувањето на меѓународните трупи од земјата разорена од војна, талибанците ветија дека ќе владеат поинаку отколку за време на нивниот брутален режим во 1990-тите, кога жените беа затворени во нивните домови.

Но, неговите ветувања се третираат со скептицизам од многу Авганистанци и влади ширум светот, вклучително и Централна Азија, особено затоа што жените беа отстранети од некои државни работни места и им е забрането да патуваат сами.


Овој месец, врховниот лидер на Авганистан и шеф на талибанците Хибатула Ахунџада им нареди на жените целосно да се покријат во јавност, вклучително и нивните лица.

Ограничувањата покажуваат „шема на апсолутна родова сегрегација и имаат за цел да ги направат жените невидливи во општеството“, изјави пред новинарите Ричард Бенет, специјален известувач на ОН за човекови права во Авганистан, за време на неговата денешна посета на Кабул.

„Де факто властите не успеаја да ја признаат големината и тежината на злоупотребите што се сторени, многу од нив во нивно име“, рече Бенет.

Вигенин - Во моментов нема причина Бугарија да го укине ветото

Кристиан Вигенин

Потпретседателот на бугарското Собрание, Кристиан Вигенин смета дека е неопходно е да се свика ново заседание на бугарскиот Консултативен совет за национална безбедност посветено на темата за Северна Македонија, бидејќи тоа прашање е „доволно контроверзно“, а само бугарскиот претседателот Румен Радев на иста маса да ги собере сите партии.

Вигенин, кој е член на Бугарската социјалистичка партија (БСП) и поранешен министер за надворешни работи, смета дека заклучоците на Советот би можеле потоа да бидат поддржани со одлука на Собранието или Владата на Бугарија. Тој сепак смета дека е неприфатлив ставот на премиерот на Бугарија, Кирил Петков да се свика ново заседание на Советот само за да се види дали има некаков позитивен план за развој на односите.


Вигенин додава дека во моментов Бугарија нема причина да го укине ветото за старт на преговорите за членство на земјава во ЕУ, бидејќи, како што вели, до „денешниот датум не е постигнат никаков напредок“.

„Денеска немаме причина да кажеме дека треба да се укине ветото. Ако ништо не се случи, нема шанси да го укинеме ветото. Ние мора да ги оствариме нашите цели. Тоа е ставот на БСП, додаде Вигенин.

БСП, чиј лидер е вицепремиерката и министерка за економија и индустрија Корнелија Нинова, е втора по големина партија во бугарската владина коалиција, предводена од „Продолжуваме со промената“ на премиерот Кирил Петков.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG