Достапни линкови

Нема казна за увозникот на небезбедно пилешко месо од Бразил


Петел стои до излог на кој е изложено пилешко месо во продавница за живина во фавелата Мандела во Рио де Жанеиро, Бразил, архивска фотографија
Петел стои до излог на кој е изложено пилешко месо во продавница за живина во фавелата Мандела во Рио де Жанеиро, Бразил, архивска фотографија

Увозникот на бразилско пилешко месо не е казнет затоа што е спречено таа храна да се продава на македоскиот пазар, велат од АХВ. Но, оттаму не ѝ го соопштуваат името на фирма која не ги почитувала македонските забрани за увоз на ова месо поради ризик од птичји грип. Според информациите од АХВ еден увозник на замрзнати производи е казнет годинава за обид да продава помфрит со помина рок.

Вкупно 26 тони пилешки батаци без коска зачинети со ризик од птичји грип, 20 тони помфрит со поминат рок и 2 тони полузамрзнато месо пренесувано со обично комбе се дел од небезбедната храна која Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спречи да заврши на заврши на македонската трпеза.

Проблемот со последната „заробена“ пратка од 13 декемрви од 26 тони замрзнато пилешко месо од Бразил е актуелната забрана во земјава за увоз на храна од оваа земја поради ризикот од птичји грип. Забраната важи за увоз на месо кое е заклано и сертифицирано пред први август годинава.

„Оваа фирма не е казнета, затоа што е спречен увозот, на санкции подлежат само оние оператори со храна кои ќе пуштат во промет небезбедна храна“, објаснуваат од Агенцијата.

Според законот, казни од 600 па се до 6 илјади евра може да им се изрече само на фирми кои ставиле во промет небезбедна храна.

Македонските закони налагаат проблематичната храна, како што во случајот е „фатена“ на Царина пред да влезе во маркетите се враќа назад кај производителот што ја извезува, додека таа што е „откриена“ во маркетите или фирмите кои ја доставуваат до маркети се уништува во депонијата „Дрисла“.

Од Агенцијата велат дека секоја пратка храна од животинско потекло, без оглед дали се работи за оваа фирма или за кој било друг увозник, задолжително подлежи на целосна официјална контрола при увоз.

„Контролата опфаќа најпрво преглед на придружната документација од аспект на здравствени сертификати, транспортни документи, фактури, царински документи итн. Потоа се врши проверка на идентитетот на пратката, како и физички преглед на самиот производ согласно важечките законски прописи“, се вели во одговорот за РСЕ.

Оттаму додаваат дека доколку при контролите инспекторите утврдат дека пратката не ги исполнува условите за увоз, истата не се пушта во промет, туку се враќа во земјата на потекло или, доколку е потребно, таа се уништува.

„Овие постапки се усогласени со прописите на Европската унија и се применуваат подеднакво за сите увозници, а важат и во контекст на конкретниот случај со стопираната и вратена пратка од Бразил“, велат од АХВ.

Бразилското пилешко месо е забрането за увоз во земјава

Причината поради која е забранет увозот на пилешко месо од Бразил е епидмијата на птичји грип. Во септември Европската Унија повторно ја одобри трговијата со бразилско пилешко месо, но тоа не значеше и укинување на мерката во земјава.

Ваква забрана постои во Косово и Албанија. Пратката со 26 тони бразилско месо беше запрена на македонскиот граничен премин со Албанија- Ќафасан.

Бразил е вториот најголем производител на пилешко месо во светот, по САД, и најголем светски извозник на оваа стока.

Македонските фарми произведуваат само 5 проценти од потребите за пилешко месо, односно околу 500 тони. Според статистичките податоци пилешкото месо во земјава најчесто се увезува од земјите од Балканот, но и од САД, Бразил, Полска и Унгарија.

Колку увозници и фирми се казнети за продажба на небезбедна храна?

Во регистарот на Агеницијата се заведени 578 фирми увозници на производи од животинско потекло, од кои околу 30 се обележани со црвена боја, односно имаат изречена времена мерка, но без детали каква и за што.

Според соопштенијата, Агенцијата во 2025 година казнила една фирма-увозник на храна, со времена забрана за работа и казна од 4 илјади евра. Но, во ниту една ситуација досега не беа соопштени увозниците на незбебедна храна.

Пред три недели инспектори од Агенцијата присуствувале на уништување на 20 тони помфрит и 2 тони пилешко месо во депонијата „Дрисла“. Фирмата доби времена забрана за работа, но јавноста не дозна за која фирма станува збор ни колку изнесува времената забрана.

Ниту од Агенцијата, ниту од Царина, не откриваат која е фирмата што пробала да внесе во земјава небезбедно бразилско пилешко месо, ниту пак која е фирмата што пробала да продаде холандски помфрит и пилешки стек со поминат рок.

Дополнително во ноември инспекторите на АХВ издале забрана за работа на неколку фирми при што била запленета и уништена речиси 37 тони храна.

„Станува збор за јаткасти плодови, зрнести и мешункасти производи и разни зачини, без декларации и на кои рокот на употреба им бил истечен од една до две години“, се вели во соопштението на АХВ.

Истата недела инспекторите „уловиле“ и тон кршени ореви и половина тон киририки од непознато потекло, по што истите завршиле на „Дрисла“. Сторителот е казнет со 600 евра за продажба на небезбедна храна.

Овие случаи, отвораат прашање за функционирање на системот, дали станува збор за изолирани успеси или за контрола на рати без транспарентност на системот ?

На пример на 4 декември, македонските цариници откриле обид за шверц на приближно 2 тони фалсификуван прашок за перење со марката „Ariel“ на царинската испостава во Тетово. Според соопштението од Царина стоката била натоварена во Турција и наменета за увозник од Скопје.

„Против сторителот по спроведување на постапка ќе биде поднесена соодветна пријава“, беше кусо соопштено од Царина без повеќе детали.

Во ваква ситуација се наметнува и прашањето колку од пратките кои пристигнуваат во земјава поминуваат низ детална контрола и колкав процент од нив се вратени или уништени. Засега јавноста е информирана само кога ќе се запре камион на граница со кусо соопштение.

Според Агенцијата, од почетокот на месецов се воведени забрани за увоз на увоз на месо, јајца и живина од Италија, Шпанија, Чешка и Белгија поради ризик од тешка варијанта на птичји грип.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG