Достапни линкови

Советот на ЕУ до Северна Македонија: Спроведете ги уставните измени и реформите


илустрација
илустрација

Советот на Европската Унија го поздравува фактот што евроинтеграцијата останува стратешка цел на Северна Македонија и ја повикува да ги интензивира напорите за унапредување на реформите поврзани со ЕУ. Ова меѓудругото се наведува во нацрт-заклучоците на Советот за проширување на ЕУ, а во пресрет на самитот на Унијата и лидерите на Западен Балкан, кој треба да се одржи утре, 17 декември во Брисел.

Потсетувајќи на заклучоците од јули 2022 година, Советот забележува дека Северна Македонија сè уште не ги усвоила уставните измени, на кои се обврзала.

„Советот ја потврдува својата подготвеност да свика уште една меѓувладина конференција, без понатамошни одложувања или дополнителна политичка одлука, штом Северна Македонија ја спроведе оваа обврска, во согласност со своите внатрешни процедури“, се наведува во документот.

Потоа, како што се истакнува во заклучоците кои треба да бидат едногласно усвоени во текот на денот, Советот е подготвен да го отвори првиот кластер во преговорите што е можно поскоро, во согласност со Преговарачката рамка.

Нацрт-заклучоците се базирани на претходните извештаи на ЕУ за напредокот на земјите кандидатки за членство во Унијата. Покрај Северна Македонија, тие се однесуваат и за останатите пет земји од Западен Балкан (Албанија, Црна Гора, Србија, Косово и Босна и Херцеговина), како и за Украина, Молдавија и Грузија.

Инаку потребата од уставни измени е обврска што Северна Македонија ја презеде во 2022 година за да се надмине спорот со Република Бугарија, која во 2020 стави вето за почеток на преговорите.

Со постигнувањето на компромисот, македонската Влада одржа меѓувладина конференција со Брисел, а за да ја одржи втората, земјата презеде обврска во Преамбулата од Уставот, покрај останатите, да ја додаде и бугарската заедница. Од друга страна, со ова компромисно решение се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.

Заштита на судската независност и борба против коруцијата и криминалот

Советот исто така нагласува дека се потребни брзи и решителни акции за Северна Македонија да ги исполни почетните критериуми за отворање на првиот кластер наречен „Основи“ (Fundamentals).

Советот исто така ја повикува Северна Македонија да ги интензивира напорите и да ги спроведе реформите, особено во областа на владеењето на правото, каде што не е постигнат напредок во текот на изминатата година.

„Северна Македонија треба да ја заштити судската независност и интегритет, вклучително и преку зајакнување на Судскиот совет во согласност со препораката на мисијата за рецензија од 2023 година и мислењето на Венецијанската комисија. Борбата против корупцијата и организираниот криминал треба да се зајакне. Северна Македонија треба да го подобри својот успех со ефикасни истраги, гонења, конечни пресуди и конфискација на криминален имот во случаи на корупција на високо ниво“, се наведува во нацрт заклучоците.

Советот меѓудругото, ја повикува Северна Македонија да донесе нов Кривичен законик во согласност со законодавството на ЕУ и меѓународните стандарди. Се забележува дека е постигнат одреден напредок во областа на реформата на јавната администрација и се охрабрува Северна Македонија да ги интензивира своите напори во врска со модернизацијата на јавната администрација и обезбедувањето на потребниот административен капацитет.

Исто така се охрабруваат властите на Северна Македонија да ја подготват и финализираат на инклузивен начин работата на сите три патокази за функционирање на демократските институции, реформата на јавната администрација и поглавјата за владеење на правото, како и на акциониот план посветен на заштитата на правата на лицата кои припаѓаат на малцинства или заедници.

„Советот го повторува својот повик до Северна Македонија за понатамошно зајакнување на основните права, вклучувајќи ги правата на лицата кои припаѓаат на малцинства или заедници, слободата на медиумите и слободата на изразување“, се вели меѓудругото во нацрт- заклучоците.

Советот исто така ги поздравува неодамнешните локални избори одржани во октомври и ноември 2025 година како генерално конкурентни, иако со некои процедурални недостатоци. Додаваат дека сè уште е потребна сеопфатна изборна реформа, што вклучува и решавање на преостанатите препораки од ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија.

Советот ја поздравува соработката во управувањето со границите меѓу Северна Македонија и Фронтекс и ја повикува Северна Македонија да ги засили напорите за подобрување на системите и процедурите за прием на азил.

Ограничен напредок на пазарната економија

Во однос на економските критериуми, Советот го забележува доброто ниво на подготовка и ограничениот напредок што го постигна Северна Македонија во развојот на функционална пазарна економија. Се забележува дека Северна Македонија постигнала одреден напредок и се охрабрува земјата кандидатка да ги интензивира своите напори за справување со конкурентскиот притисок и пазарните сили во рамките на ЕУ и да ги спроведе потребните структурни реформи.

Советот го поздравува неодамнешниот напредок во однос на железничката врска долж транспортниот Коридор 8, кој е од стратешко значење и очекува ефикасно спроведување на преземените обврски.

Советот исто така останува посветен на понатамошен напредок на постепената интеграција на Северна Македонија во внатрешниот пазар на ЕУ, врз основа, меѓу другото, на засилено спроведување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Советот исто така го поздравува тековното спроведување на Планот за раст за Западен Балкан во Северна Македонија, кој како што велат, е на добар пат да им донесе конкретни придобивки на граѓаните.

Спроведување на билатералните договори

Советот забележува дека добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување, како и на Процесот за стабилизација и асоцијација.

Советот потсетува на важноста од постигнување опипливи резултати и спроведување во добра волја на билатералните договори, вклучувајќи го и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија во согласност со Преговарачката рамка.

Советот силно ја пофалува Северна Македонија за нејзината доследна соработка по прашања од надворешната политика и нејзиното цврсто и долгогодишно целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, вклучително и во врска со рестриктивните мерки на ЕУ, што се толкува како силен сигнал за стратешката посветеност на Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ.

Генерално, Советот ја потврдува геостратешката важност на проширувањето како голем придонес кон европскиот мир, безбедност, стабилност и просперитет во дваесет и првиот век. Советот истакнува дека мора да се одржи ефикасен, „базиран на заслуги и кредибилен процес на проширување“, врз основа на Копенхашките критериуми, утврдените принципи и методологија.

Советот меѓудругото, ги повикува сите партнери да го искористат моментумот и да ги преземат сите потребни чекори за да го забрзаат својот напредок на патот кон ЕУ, во како што наведуваат, сè понестабилен „геополитички контекст.

XS
SM
MD
LG