Достапни линкови

Обвинителот Коцевски поднесе оставка пред да го разрешат


Љупчо Коцевски беше државен обвинител на Северна Македонија помалку од две години.
Љупчо Коцевски беше државен обвинител на Северна Македонија помалку од две години.

Резиме

  • Државниот обвинител поднесе оставка пред да почне расправата за негово разрешување бидејќи, според него, тоа би била само формалност. Тој обвини дека власта прави преседан кој ќе има далекусежни последици за обвинителството
  • Власта, пак, смета тој направил крупни професионални грешки, го нарушил угледот на институцијата и изнесувал информации во јавноста за судски постапки
  • Советот на јавни обвинители претходно се спротистави на предлогот на Владата за резрешување велејќи дека основните за вакво нешто не смеат да бидат „општи и нејасно формулирани“. Загриженост изрази и невладиниот сектор

Државниот обвинител Љупчо Коцевски поднесе оставка од функцијата непосредно пред да почне собраниската седница на 16 декември која треба да се расправа за предлогот на власта за негово разрешување.

„Од почетокот тврдев дека евентуалната постапка за мое разрешување е политичка одлука, затоа денеска поднесов неотповиклива оставка од функцијата јавен обвинител на Република Северна Македонија“, рече Коцевски.

Тој ја извршуваше функцијата државен обвинител неполни две години откако беше избран од пратениците во минатиот парламентарен состав на 13 февруари 2024 година.

Поради неговата оставка, до дебата во парламентот и воопшто не дојде. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на почетокот на седницата ја повлече точката за негово разрешување од дневен ред и само ја констатираше оставката.

Коцевски обвини дека сакале да го разрешат без аргументи

Коцевски претходно рече дека заминува од Јавното обвинителство со „гордо крената глава, но и со „разочараност поради очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава“.

Доказ за тоа, рече, е што дури денес во 10 часот – на само еден час пред закажаниот почеток на расправата во парламентот му била доставена покана од Собранието да присуствувам на седницата.

„Предлогот за разрешување воопшто не ми е доставен и не знам за што треба да се произнесам. Собраниската седница очигледно требаше да биде само формалност за која не ми беше овозможен ниту еден минимум разумен рок за да подготвам обраќање. Тоа е така затоа што станува збор за предлог кој не е заснован на закон ниту на факти туку е опасен преседан кој носи далекусежни последици за јавното обвинителство“, изјави Коцевски обвинувајќи дека во предлогот нема ниту објаснување ниту поткрепа за тврдењата на власта.

Обвинителот рече дека според закон, тој може да биде разрешен поради тешка дисциплинска постапка за што посочи дека не е утврдена ниту тешка ниту лесна повреда од негова страна.

Простувајќи се од функцијата, на прес-конференцијата Коцевски се обрати и директно кон граѓаните да ја „чуваат и штитат самостојноста на обвинителството“.

„Обвинителството е институција во која често однадвор изгледа дека се кршат копја во него, но обвинителите и вработените во него остануваат последниот бедем што гарантира дека тие копја нема да се скршат од грбот на народот. Јас заминувам од функцијата но верувам дека ЈО поседува институционален капацитет да работи објективно и непристрасно затоа што институциите се поголеми од поединците, а правдата мора да биде поголема од политиката“, рече Коцевски.

Кои беа аргументите на власта за разрешувањето

Во официјалниот документ со кој Владата предлага разрешување на Коцевски, причините се сумирани во три точки.

Според власта, обвинителот треба да замине од функцијата поради „направени крупни професионални грешки при раководењето со јавното обвинителство што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста на јавното обвинителство“.

„Неовластено изнесување на информации и податоци за судски предмети со што ја повредил обврската за заштита на тајноста на постапката утврдена со Закон“, пишува во предлогот.

Власта, според предлогот исто така смета и оти Коцевски треба да се разреши поради „нарушување на угледот на Јавното обвинителство и неговиот личен углед во целина не постапувајќи согласно обврските предвидени во Уставот, законите и меѓународните договори“.

Работата на Коцевски и воопшто на обвинителството, по доаѓањето на власт минатата година, јавно во повеќе наврати ја критикуваа високи претставници на власта, вклучително и премиерот Христијан Мицкоски.

Велејќи дека му оставиле година и половина да покаже резултати, Мицкоски обвинуваше дека тоа не се случило.

Наспроти обвинувањата од премиерот, Коцевски тврди дека во неговиот мандат се отворени голем број предмети од јавен интерес во кои се опфатени лица блиски на различни политички и бизнис центри на моќ. Како примери ги посочи случаите во кои се гони поранешната претседателка на Државната комисија за спречување корупција, Татјана Димитриевска, предметите против организирани групи од нарко подземјето, истрагите за злоупотребите на европските пари преку ИПАРД фондовите...

Советот на јавни обвинители против разрешувањето

Во рамки на процедурата за разрешување, законот предвидува Владата да побара и мислење од Советот на јавни обвинители.

Советот во два наврати ја одложуваше седницата поради немање кворум, за на 2 април да одлучи спротивно на ставовите на власта и да даде негативно мислење за разрешувањето.

Како што беше наведено, мнозинството членови зазело став дека разрешувањето на државниот обвинител треба да биде на законска основа, „а основите за разрешување не треба да се општи и нејасно формулирани“.

Осврнувајќи се на детали од предлогот, во неколку наврати Советот во своето негативно мислење посочува дека нема докази за наводите на власта, како што се, на пример, изнесувањето информации за судски постапки или нарушувањето на меѓучовечките односи.

„Законската можност да се бара разрешување на Јавниот обвинител на РСМ сама по себе не е доволна, туку разрешувањето во смисла на одредбите на Законот на јавното обвинителство и воспоставените меѓународни стандарди, треба да биде засновано на јасни, претходно дефинирани и објективни критериуми, да ги земе предвид сериозноста на причините и да биде реализирано во законита постапка“, пишува во негативното мислење од Советот на јавни обвинители.

Невладиниот сектор предупредува на ризик од политичка инструментализација

За разрешувањето на државниот обвинител, реагираа и невладините организации обединети во Блупринт групата за реформи во правосудството изразувајќи „сериозна загриженост за начинот на кој се води постапката“. Тие потсетија и на негативното мислење од Советот, а како особено проблематично го посочија тврдењето за „крупна професионална грешка“, без јавно наведени конкретни пропусти, факти и законски критериуми.

„Ваквата недоследност го нарушува принципот на правна сигурност и создава ризик од политичка инструментализација на еден строго правен механизам“, се вели во нивното соопштение.

Хронологија на разрешувањето започнато пред повеќе од 10 месеци

Одлука да се почне со постапка за разрешување на Коцевски, Владата донесе на 11 февруари. Но, таа беше стопирана поради пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ноќта меѓу 15 и 16 март кој одзеде 63 жртви, а над 200 беа повредени. Обвинителството водеше истрага и поднесе обвинение за 35 лица и три фирми – случај за кој судењето е во тек. Паралелно, обвинителите водат уште истраги во кои се опфатени полицајци, како и инспектори од Управата за јавни приходи.

Поради оваа трагедија, постапката за разрешување беше запрена.

Во меѓувреме, во парламентот од опозициската Левица беше покрената и интерпелација за Коцевски која на 29 јули беше изгласана со 71 глас „за“ и без ниту еден „против“ или „воздржан“.

Овој инструмент нема правно дејство, па разрешувањето на Коцевски остана единствено во рацете на Владата која, како што беше објаснето, поради законските ограничувања, беше привремено стопирана.

Така беше сè до 9 декември, кога Владата усвои предлог и ја продолжи постапката. Откако тој стигна во Собрание, претседателот Африм Гаши го стави на дневен ред на денешната седница – 16 декември, но до дискусија не дојде поради оставката што самиот Коцевски си ја поднесе.

Идниот шеф од редовите на обвинителите или судиите

Според Законот за јавно обвинителство, државниот обвинител го бира Собранието по предлог на Владата. Неговиот мандат е шест години.
На огласот што ќе биде распишан, право да се пријават имаат обвинители и судии од областа на кривичното право кои имаат десет години непрекинат работен стаж.

Огласот трае 15 дена, а за кандидати Владата потоа треба да побара и мислење од Советот на јавни обвинители, кое може да биде позитивно или негативно.
Понатаму, Владата има право на Собранието да му предложи државен обвинител само од оние кандидати за кои Советот дал позитивно мислење.

Ако за ниту еден кандидат нема позитивно мислење, целата постапка се повторува.

Според редовните процедури, постапката за избор на нов обвинител започнува најдоцна два месеци пред истекот на мандатот на актуелниот државен обвинител. Но, со оглед на тоа што Коцевски сега поднесе оставка, извесно е дека до изборот на нов, ќе се назначи в.д. шеф на обвинителството.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG