Достапни линкови

Вести

Нов протест на здравствените работници во Грција против задолжителната вакцинација

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со маска

Федерацијата на вработени во државните болници во Грција, со нов петчасовен прекин со работа и собири во Атина и Солун денеска протестираше против задолжителната вакцинација на здравствените работници.

Од Федерацијата одржаа протест пред Министерството за здравство на Грција. Тие истакнуваат дека не се против имунизацијата, сметаат дека задолжителната вакцинација го намали бројот на дневни вакцинации и тоа испраќа негативна порака до општеството и бараат да се укине одлуката за принуден неплатен одмор за невакцинираните здравствени работници.

Тие сметаат дека оваа мерка, го распаѓа јавното здравство.

Денешниот протест беше поддржан и од Синдикатот на вработените во јавниот сектор.

Федерација на вработени во државните болници во Грција, во изминатиот период, за истите барања, одржа неколку протести во Солун и во Атина.

Грција суспендираше од нивните работни места скоро 6.000 здравствени работници кои го пропуштија рокот 1 септември за да примат најмалку една доза вакцина против ковид-19.

види ги сите денешни вести

Преговорите за иранската нуклеарна програма продолжуваат во ноември

илустрација

Преговарачот Али Багери Кани на Твитер напиша дека имал „сериозен и конструктивен разговор за основните елементи за успешни преговори и дека по средбата со претставниците на ЕУ во Брисел е одлучено преговорите да започнат пред крајот на ноември“.

„Точниот датум ќе биде објавен следната недела“, изјави Кани, пренесува Ројтерс.

Техеран и шесте светски сили започнаа преговори во април за начините за спас на нуклеарниот договор од 2015 година, кој беше напуштен од преодната американска администрација.

Преговорите за враќање на усогласеноста со договорот се во мирување откако беше избран новиот претседател на Иран, Ебрахим Раиси. Се очекува тој да преземе цврст пристап доколку преговорите продолжат во Виена.

По шест рунди преговори, Техеран и Вашингтон сè уште не се согласуваат околу тоа кои чекори да преземат и кога, а клучните прашања се кои границите кои ќе ги прифати Техеран и кои санкции Вашингтон ќе ги отстрани.

„Враќањето на Америка на договорот не ни е важно. Она што е важно е исходот од преговорите да биде во корист на Иран“, изјави иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан на прес-конференција. Тој, исто така, го повтори барањето на Иран за ослободување на неговите средства замрзнати поради американските санкции.

Палмер од денеска до сабота во посета на БиХ

Специјалниот претставник на САД за изборна реформа во Босна и Херцеговина, Метју Палмер

Специјалниот претставник на САД за изборна реформа во Босна и Херцеговина, Метју Палмер, денеска ќе пристигне во Сареаево на нова рунда разговори со партиските лидери.

Палмер пристигнува во БиХ, каде што престојуваше пред три недели, заедно со директорката на Европската служба за надворешни работи, Анџелина Ајхорст.

За време на посетата на крајот на септември, високиот американски функционер оствари низа разговори со претставници на политичките партии, а пред се за измените на Изборниот закон на БиХ.

Палмер разговараше со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ вчера во Загреб, каде што рече дека ја разбира позицијата на Загреб во одбрана на позицијата на сонародниците во соседната земја, но истакна дека процесот ќе биде многу полесен доколку има договор меѓу САД, ЕУ и Хрватска. дека тоа е вистинскиот пат за Федерацијата и БиХ“. Палмер ќе биде во Сараево до 30 октомври.

САД се жалат на одбиеното барање за екстрадиција на Асанж

Џулијан Асанж

Американски адвокати започнаа нов обид за екстрадиција на Џулијан Асанж од Велика Британија, тврдејќи дека загриженоста за менталното здравје на основачот на Викиликс, не треба да биде пречка за соочување со американската правда.

Асанж се соочува со 18 точки од обвинението во Соединетите Држави, вклучително и едно за кршење на законите за шпионажа, откако неговиот „Викиликс“ објави илјадници тајни американски досиеја и дипломатски пораки во 2010 година. Во тоа време беа објавени стотици илјади дипломатски документи и досиеја, кои откриваат воени злосторства извршени од американските војници за време на воените операции во Авганистан и Ирак.

Соединетите Држави велат дека протекувањето на податоците го прекршиле законот и ги загрозило животите, додека Асанж верува дека случаите се политички мотивирани.

САД ја обжалуваат одлуката на Окружниот суд во Лондон од 4 јануари, Асанж да не биде екстрадиран во Америка бидејќи најверојатно би се самоубил во затвор во САД.

Адвокатот Џејмс Луис пред судот изјави дека Соединетите Држави се осврнале на загриженоста на судијата на окружниот суд во Британија, така што понудиле гаранција за тоа како ќе се однесуваат со Асанж доколку биде екстрадиран.

Овие гаранции вклучуваат дека тој нема да биде подложен на строги услови за притвор познати како посебни административни мерки и дека нема да биде притворен во затворот со максимална безбедност во Форенс, Колорадо. Американските власти, исто така, ја уверија Британија дека ќе се согласат Асанж во Австралија да ја отслужи секоја казна која е изречена од САД.

Епидемиолошката слика во Словенија- „најлоша досега“

Поради наглото влошување на епидемиолошката состојба, словенечката влада денеска одлучи да воведе построги рестриктивни мерки кои ќе стапат во сила од понеделник, а не се исклучени и нови доколку продолжат негативните трендови.

Од понеделник сите ученици и студенти кои се „самотестираат“ за да можат да посетуваат настава, тоа во иднина наместо еднаш ќе треба да го прават два пати неделно. Дополнително, од понеделник се воведуваат почести редовни задолжителни тестирања во здравствените и социјалните установи, а маски ќе треба да носат и вакцинираните, доколку се во директен контакт со други лица.

Сопствениците на локали ќе треба да ги контролираат ковид-пропусниците на посетителите, а доколку одбијат да ги покажат или да се идентификуваат, да им се забрани влезот, во спротивно тие се одговорни, беше речено на владината прес-конференција.

„Епидемиолошката слика е лоша, се движиме кон најлошата состојба во епидемијата досега“, изјави министерот за здравство Јанез Поклукар. Доколку ситуацијата не се промени и ако бројот на лица хоспитализирани на интензивна нега поради Ковид-19 се зголеми на 160 до 180 (во моментов 133), тоа би значело можно затворање на делови од општествениот живот, додаде тој.

Шефицата на владиниот експертски тим за Ковид-19, Матеја Логар, изјави дека е можно како последна мерка да се овозможи работа и слободно движење само за оние кои се вакцинирани против Ковид-19 или кои оздравеле и имаат имунитет и воведување на онлајн часови или задолжително тестирање за сите ученици и студенти.

Владата денеска соопшти дека за 24 часа имало 3.166 нови инфекции, што е голем пораст на бројот на заразени во споредба со пред една недела, кога беа регистрирани 2.145.

Димитров: Многу е важно ЕУ да ја направи победничка проевропската опција

Никола Димитров

„Се наоѓаме сред избори, и иако не сум директно дел од тоа, многу е важно ЕУ да го направи победнички проевропскиот глас. Ако не успееме да испорачаме, бидејќи ЕУ не може да испорача на регионот, проевропските, прореформски сили ќе бидат соочени со големи предизвици“, изјави вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров во своето обраќање на панелот „Берлински процес – Што следи?“ во рамки на дводневниот Белградскиот безбедносен форум, на која учествуваат претставниците на Европскиот парламент и тинк-тенк секторот.

„Лидерството кое го покажа Германија со Берлинскиот процес е важно. Некои од придобивките од процесот се опипливи, некои се повеќе политички. Мирна, стабилна и демократска иднина за регионот тоа се цели кои не можат да се постигнат поинаку освен преку европската иднина на регионот. Доколку се одземе европската перспектива од равенката остварувањето на сето ова – мирна, стабилна и демократска иднина на Западен Балкан, ќе биде доведено во прашање“, рече Димитров.

Во однос на проширувањето на ЕУ, тој оценува дека процесот е се уште во криза и нема многу активности, посочувајќи дека последното поглавје Србија го отвори во декември 2019, Црна Гора во јуни 2020, додека одлука за почеток на преговорите од март 2020 година со С Македонија и Албанија се уште не може да се имплементира иако е донесена со консензус.

„Значи, нема многу движење на теренот. Имавме самит кој испрати добар политички сигнал, им требаше малку време на земјите членки да се договорат, но на крајот се согласија да го вклучат зборот проширување, што сметам дека е важно. Но, анкетата на Евробаромер потврди дека не само владите туку и луѓето во регионот се прашуваат дали е реално, дека еден ден можеме навистина да станеме дел од ЕУ“, истакна Димитров.

Нови 444 заразени со корона, починале 8 лица

илустрација, ковид пациенти

Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје, дека во последните 24 часа се направени 3210 тестирања, а регистрирани се 444 нови случаи на ковид-19.

Најмногу заразени има во Скопје – 187, Куманово – 37, Kрива Паланка – 22, Штип – 20, Велес и Кавадарци – 19, Битола – 17, Тетово и Кочани – по 16, Прилеп – 15, Охрид, Струмица и Гевгелија – по 9, Неготино и Ресен – по 7, Берово – 5, Свети Николе – 4, Кичево, Радовиш и Пробиштип – по 3, Струга, Делчево, Валандово, Кратово, Богданци, Демир Хисар и Македонска Каменица – по 2, Виница, Пехчево и Дојран – по 1.

Регистрирани сe 225 оздравени пациенти, а во изминатото деноноќие пријавени се 8 починати лица. Од пријавените лица сите се починати во болнички услови.

Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од „Мој термин“, се пријавени 7 починати лица со датум на смрт од 3.9.2021 година до 24.10.2021 година. Регистрирани се 2 починати лица од Струмица и по едно починато лице од Скопје, Штип, Кочани, Тетово и Радовиш на возраст од 49 до 78 години, од кои 5 се починати во болнички услови а 3 во домашни услови.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 200 856, бројот на оздравени пациенти е 187 374, на починати е 7087, а бројот на активни случаи изнесува 6395.

Хонг Конг усвои построг закон за цензура на филмови

илустрација

Хонг Конг денеска усвои построг закон за цензура на филмови со кој се овластуваат властите да забранат филмови од минатото поради загрозување на „националната безбедност“ и да наметнат построги казни за какви било прекршувања во филмската уметност.

Властите презедоа сеопфатна акција за искоренување на критичарите од Пекинг по масовните и често насилни протести што го потресоа градот пред две години.

Новиот безбедносен закон наметнат од Кина и официјалната кампања наречена „Патриотите владеат со Хонг Конг“ оттогаш дискредитираа многу неистомисленици и го задушија демократското движење.

Играните и документарните филмови станаа една од многуте културни области кои властите се обидуваат да ги „исчистат“. Во јуни, градот објави дека цензорите ќе ги проверат сите нови филмови за да видат дали има содржина што го прекршува безбедносниот закон.

Законот усвоен денеска од градскиот законодавен совет, тело во кое сега нема опозиција, дозволува испитување на сите наслови на филмови за кои претходно е дадено зелено светло.

Тој го овластува генералниот секретар на Хонг Конг да ја одземе лиценцата за прикажување на претходните и актуелните филмови за кои се смета дека се „спротивни на интересите на националната безбедност“.

Неколкумина загинати во судир меѓу полицијата и демонстрантите во Пакистан

илустрација

Илјадници демонстранти од забранетата пакистанска исламистичка група денеска се судрија со полицијата кога неколку луѓе беа убиени и ранети од двете страни, соопшти полицијата.

„Судирот избувна на собир на забранетата група Техрик-е-Лабаик на автопат во областа Шеикпур, недалеку од источниот град Лахоре. Демонстрантите отворија оган врз полицијата користејќи пиштоли и „калашникови“. Неколку полицајци беа убиени“, изјави портпаролот на полицијата во Пенџаб.

Тој изјави дека нема податоци за бројот на загинати, но додаде дека се повредени 25 лица. Групата изјави дека неколку нејзини членови биле убиени и ранети.

Илјадници членови на оваа група од 22 октомври го блокираа најфреквентниот пат во земјата, барајќи ослободување на нивниот лидер и протерување на францускиот амбасадор поради објавување карикатури на пратеникот Мухамед во сатиричен магазин.

Откако пропаднаа разговорите со пакистанската влада, демонстрантите денеска маршираа кон Исламабад. Полицијата соопшти дека се обидела да го блокира маршот, што пак предизвикало судири.

Нацевска: Денарот е стабилен, инфлацијата умерена

илустрација, денари

Денарот е стабилен, а ценовните движења се должат на растот на цените на енергенсите на светските берзи по високиот пад минатата година, како и на привремените нарушувања на синџирите на снабдување предизвикани од пандемијата. Ова се промени од привремен карактер, коишто би стивнале до година, а подгревање на инфлациските движења не е потребно, порача денеска вицегувернерката на Народнaта банка, Емилија Нацевска.

„Причината за побрзиот раст на цените во првите девет месеци годинава од 2,8 отсто, во однос на очекувањата за раст од 2,2 отсто за целата година, се на страната на понудата. Тоа се должи, пред се, на повисокиот раст на цените на енергенсите на глобално ниво ‒ цената на нафтата и гасот, што доаѓа по високиот пад на цените минатата година и нарушувањето на глобалните синџири на снабдување, како резултат на пандемијата. Со закрепнувањето на глобалната економската активност, доаѓа до побрз раст на побарувачката во однос на понудата и создавање тесни грла во снабдувањето коишто прават ценовни притисоци“, посочи вицегувернерката Нацевска во гостувањето на емисијата „Утрински брифинг“.

Како што нагласи, проценките на Меѓународниот монетарен фонд, Европската централна банка и на други меѓународни организации, коишто ги следат овие движења, се дека оваа состојба е од привремен карактер, а очекувањата се дека таа ќе се надмине во текот на идната, 2022 година. Сепак, истакна дека дополнителните инфлациски подгревања и нивното, како што рече, неосновано вградување во цените од страна на домашните економски субјекти, може да доведе до раст на инфлацијата, што не е потребно, ниту, пак, е засновано на објективни економски параметри.

Африканската Унија го суспендираше Судан поради воениот удар

илустрација, протести во Судан по воениот удар и преземањето на власта од страна на војската

Африканската Унија денеска соопшти дека го суспендирала Судан од членство додека не се врати цивилната влада во земјата, велејќи дека го отфрла военото преземање како „неуставно“ преземање на власта.

Унијата, која ги претставува земјите на африканскиот континент, изјави дека „најостро го осудува преземањето на власта“ и дека го суспендира Судан од сите активности на Унијата „до ефективно обновување на преодната влада, која ќе биде предводена од граѓани."

Суданскиот генерал Абдел Фатах ал-Бурхан нареди распуштање на владата на 25 октомври и прогласи вонредна состојба, што предизвика широка меѓународна осуда.

Премиерот Абдала Хамдок е ставен во домашен притвор, заедно со министрите и членовите на владејачкиот совет на Судан, што пак предизвика бес на улиците на Картум. Хамдок подоцна беше ослободен, но под стража, додека другите министри и водачи на граѓаните останаа во притвор.

Безбедносните сили започнаа акција за апсење на демонстрантите против пучот на 27 октомври, во обид да стават крај на тридневните антивладини демонстрации.

Почина 96-годишен Јапонец кој го преживеа атомскиот напад во Хирошима

Претседателот на САД Барак Обама и поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе разговараат со преживеаниот од атомската бомба Сунао Цубои додека го посетува Меморијалниот парк на мирот Хирошима во Хирошима, Јапонија, 27 мај 2016 година.

Водечкиот борец против нуклеарното оружје во Јапонија кој го преживеа првиот напад со атомска бомба во светот, почина на 96-годишна возраст.

Сунао Цубои се подготвувал да тргне на пат накај колеџот каде учел, кога на 6 август 1945 година се сличи експлозијата во Хирошима, од која се здобил со изгореници по целото тело.

Во нападот беа убиени околу 140.000 луѓе, а Цубои го посвети својот живот на кампањата за борба против нуклеарното оружје.

За време на неговиот живот, тој се сретна и со Барак Обама за време на неговата историска посета на Хирошима како претседател на САД.

Тие тогаш се ракуваа и разговараа за време на состанокот во 2016 година.

Тоа беше прва посета на градот од страна на американскиот претседател по нападот со атомска бомба, кој се случи при крајот на Втората светска војна додека сојузниците вршеа притисок врз Јапонија.

„Успеав да ги пренесам моите мисли“, рече Цубои кој имаше водечка улога во Јапонија за преживеаните од нападот со атомска и хидрогенска бомба.

Тој почина од анемија на 23 октомври, изјави за АФП претставник на здружението.

Кремљ ги отфрла тврдењата дека со гасот врши политички притисок врз Молдавија

Илустративна фотографија. Газпром.

Руското претседателство соопшти дека тековните преговори меѓу рускиот гасен гигант Газпром и Молдавија биле „исклучиво комерцијални“, отфрлајќи ги наводите за вршење на било каков геополитички притисок врз Кишињев.

„Сето тоа целосно е од комерцијална природа, нема никава политизација“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.

Молдавија, која се соочува со голем недостиг на гас, редовно се снабдува од Русија.

Сепак се случија компликации, откако Газпром во октомври ја зголеми цената на гасот за речиси 43 отсто, што молдавската влада го оцени како „неоправдано и нереално“ за земјата, која е една од најсиромашните во Европа.

Како одговор, Молдавија минатата недела воведе енергетска вонредна состојба која ѝ овозможи да купува гас од Полска, за прв пат од стекнувањето независноста во 1991 година.

Вицепремиерот Андереј Спину денеска е на разговори во Санкт Петербург со шефот на Гаспром Алексеј Милер, со цел да се склучи долгорочен договор за испорака на рускиот гас.

Спину пред почнувањето на преговорите изјави дека сака да добие „корекција“ на цените што Москва му ги нуди на Кишињев.

„Постои побарувачка за гас, комерцијален предлог, понуда за намалување на цените, но и проблемот со акумулацијата на молдавскиот долг“, рече Песков.

Поранешната советска република Молдавија е поделена меѓу оние кои поддржуваат зближување со Москва и оние кои сакаат да се приклучат на Европската унија.

Критичарите на Кремљ тврдат дека Москва ги зголемила тарифите за да ја казни Молдавија по изборот на проевропската претседателка Маја Санда во 2020 година.

Од друга страна, Москва го обвинува Кишињев дека доцни со плаќањата и се заканува дека ќе го прекине снабдувањето со гас доколку не се потпише нов договор.

ДИК ги поништи измените на Упатството за важечки и неважечки ливчиња

Државна изборна комисија (ДИК).

Државната изборна комисија (ДИК) изгласа поништување на одлуката која ја донесе вчера за измена на Упатството за важечки и неважечки ливчиња.

Претседателот на ДИК Александар Даштевски изјави дека измената на Упатството произлегла од пресудата на Управниот суд за избирачкото место во Шуто Оризари, каде судот констатирал дека е недозволиво гласачките ливчиња да се прогласуваат за неважечки поради пропусти на избирачкиот одбор, односно поради неставање на печат.

Даштевски рече дека ДИК на вчерашната седница не го отстранила ставањето на печат на гласачкото ливче, бидјеќи како што посочи, тоа било задолжително според Членот 109 Став 2 од Изборниот законик и дека со тоа секој член на избирачкиот одбор задолжително треба да стави печат на гласачкото ливче. Ваквата измена на Упатството за примена на Члан 110 од Изборниот законик, рече Даштевски, произлезе од пресудата на Управниот суд во која се вели дека е недозволиво поради пропусти направени од членови во избирачкиот одбор, да се сметаат за неважечки ливчињата на гласачите кои немале печат.

„Поради ова ДИК го измени Упатството за важечко и неважечко гласачко ливче само во делот каде се вели дека гласачкото ливче е неважечко ако на него нема ставено печат со интенција да се почитува волјата на гласачот доколку е направен намерен или ненамерен пропуст од страна на избирачкиот одбор“, рече Даштевски.

Тој додаде дека имајќи ги предвид реакциите во јавноста, ДИК ја укинала вчерашната измена на Упатството за важечки и неважечки ливчиња, со што во сила ќе се стави претходното Упатство.

Членот на ДИК Борис Кондарко рече дека сите членови на Комисијата стојат зад оваа постапка на ДИК, потенцирајќи дека во врска со праксата која ја создал Судот, одговорноста за постапувањето ќе ја има Управниот суд кој ја донел ваквата одлука.

„Ние во соопштението укажавме што значи неставање на печат, меѓутоа понатаму треба да размислат изборните органи како постапуваат во врска со ова пршање. Законот е јасен, нашиот став е јасен и жалам што се доведовме во ситуација поради ваквата пресуда на Управниот суд, која со прогласувањето на ливчиња без печат за важечки, дојде до прегласување на едно избирачко место во Шуто Оризари“, рече Кондарко.

Пекинг: Ковид-19 е најголем предизвик за Зимските олимписки игри

Пекинг, Кина.

Спречувањето на ширењето на епидемијата ќе биде предизвик број еден на Зимските олимписки игри во Пекинг, соопштија денеска организаторите на сто дена пред почетокот на Олимпијадата.

Пекинг ќе стане првиот град во светот кој ќе биде домаќин и на Летни олимписки игри (2008) и на Зимските игри кои ќе се одржат од 4 до 20 февруари следната година.

Една од главните грижи за одржување на Игрите, се чини дека ќе биде борбата против Ковид-19, шест месеци по Летните олимписки игри во Токио кои поради пандемијата беа одложени за една година.

Во овој контекст, кинеските власти кои водат политика за нулта инфекција, преземаат различни мерки за искоренување на едно ограничено жариште на епидемијата, коешто се појави последниве денови на северот на земјата.

„Пандемијата е предизвик број еден за Зимските олимписки игри“, рече за новинарите Џанг Џиадонг - потпретседател на организацискиот комитет.

Во градот Лангжу 1.700 километри западно од Пекинг, воведен е карантин за четири милиони жители откако беа откриени неколки десетици случаи на инфекција. На нив им беше кажано дека треба да останат дома, освен во случај на итни потреби.

Десетина провинции ги засилија превентивните мерки, вклучително и градот Пекинг, каде во изминатите осум дена се пријавени 20 случаи на инфекција.

Мерките предвидени за време на Игрите ќе го намалат ризикот од изложеност на коронавирусот, рече Џанг предупредувајќи дека учесниците кои нема да ги почитуваат правилата ќе бидат казнети.

Зимските олимписки игри во 2022 година ќе се одржат во „безбедносен балон“ со цел да се исклучи ризикот од инфекција за останатиот дел од Кина.

Се очекува 2.900 спортисти да бидат целосно вакцинирани или да бидат ставени во строг 21-дневен карантин по пристигнувањето во земјата.

Натпреварите ќе ги следат само гледачи од Кина.

Радев ги прими македонските Бугари, најави нова политика кон Македонија

Софија- Бугарскиот претседател Румен Радев на средба со претсавниците на македонските Бугари, 27.10.2021

Претседателот на Бугарија Румен Радев денеска во својот кабинет во Софија ги прими претставниците на организациите на македонските Бугари и на партијата Граѓанска демократска унија. Во соопштението од неговиот кабинет се наведува дека ова е прва ваква посета на Софија.

„Македонските Бугари, нивната рамноправност во политичкиот, општествениот, културниот и економскиот живот во РС Македонија и стриктното исполнување на Договорот за пријателство од 2017 година се клучот од вратата на Европската унија“, наведува Радев.

Тој, како што се наведува во соопштението, нагласил дека Бугарија решително застанува зад македонските Бугари во нивната борба за рамноправност со сите останати народи во РС Македонија.

„Тоа е позицијата на која претседателот Радев остана категоричен и пред лидерите на европските институции и пред лидерите на земјите членки на Советот на ЕУ за прашањата за проширувањето на шести октомври“, објави претседателскиот кабинет.

На шести октомври, датум кој го споменува бугарскиот претседател, се одржа самитот Западен Балкан-ЕУ во Брдо кај Крањ. Во неговите рамки Радев имаше две средби со македонскиот премиер Зоран Заев. На едната присуствуваа првите луѓе на Франција и на Германија, Емануел Макрон и Ангела Меркел, а на другата претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен,

Радев во соопштението по денешната средба наведува и дека е во тек процес на формулирање на нова политика кон Република Северна Македонија, со што во рамки на постоечките ставови на бугарскиот Парламент, се става посилен акцент на благосостојбата на македонските Бугари.

„Посебно место во оваа политика ќе заземат прашањата за бугарското државјанство, кои ги засегаат Бугарите во светот воопшто. Добивањето на бугарско државјанство треба да се олесни и забрза и од управна постапка да се претвори во свечен акт. Бугарското државјанство е и државјанство на Европската Унија и тоа треба да биде причина за гордост“, рече Радев.

Инаку по самитот во Словенија на шести октомври во тек се консултации меѓу двете држави за таканаречениот план 5+1 кој ги опфаќа прашањето на краткото име, прашањето на говорот на омраза, на рехабилитација на жртвите на комунизмот, на работата на историската комисија, на немешањето во внатрешните работи на Бугарија, на кое што се надоврзува и прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот.

Димитров - Политичарите не може да им наредат на историчарите што да прават
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:16 0:00

Македонскиот вицепремиер Никола Димитров во интервју за Радио Слободна Европа објавено викендов рече дека во Договорот за добрососедство постои одредбата за немешање во внатрешните работи е реципрочна.

„И во тоа смисла нашата обврска да не се мешаме во бугарските внатрешни работи постои, но постои и обврска за Бугарија да не се меша во внатрешните македонски прашања“, наведе Димитров.

Радев, пак, во соопштението наведува дека Бугарија нема да се меша во внатрешните работи на РС Македонија, но дека го поддржува барањето на македонските Бугари за гарантирање на нивната рамноправност преку Уставот и законите и за нивно соодветно попишување.

„Во тој поглед, Бугарија нема да направи ништо повеќе, но ниту ништо помалку од која било од другите земји во регионот кои исто така имаат дел од своите народи на територијата на РС Македонија кои одржуваат структурирани и официјални односи со тамошните сонародници“, наведува Радев.

Официјална Софија го блокираше македонскиот европски пат лани во декември, а најсериозните отворени прашања меѓу двете земји досега беа поврзани со историските и идентитетските теми. Официјална Бугарија инсистираше дека Македонците не постоеле пред 1944 година, а дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот.

ОН - Два отсто од богатството на Маск може да го реши гладот ​​во светот

Илон Маск - извршен директор на „Тесла“

Мала група на екстремно богати поединци би можеле да помогнат во справувањето со гладот во светот, со само мал дел од нивната нето вредност, вели директорот на Светската програма за храна на Обединетите нации (ВФП).

Милијардерите треба „да исчекорат напред“, изјави за Си-Ен-Ен Дејвид Бисли истакнувајќи ги двајцата најбогати бизнисмени во светот, Џеф Безос и Илон Маск.

„Шест милијарди долари за помош на 42 милиони луѓе кои буквално ќе умрат ако не им помогнеме. Тоа не е комплицирано“, додаде тој.

Маск - извршен директор на „Тесла“, има нето богатство од речиси 289 милијарди долари, според Блумберг, што значи дека Бисли бара донација од само 2 проценти од неговото богатство.

Нето вредноста на американските милијардери е речиси двојно зголемена од почетокот на ковид пандемијата и до овој месец изнесува 5,04 трилиони долари, според податоци од некои од најновите истражувања во САД.

„Бурата“ од неколку кризи, како што се климатските промени и ковид пандемијата „чукаат на вратата на гладот“, рече Бисли.

Половина од населението на Авганистан - земја со 22,8 милиони жители, се соочува со акутна криза од глад, според извештајот на ВФП од 25 октомври.

Огромната невработеност и кризата со ликвидноста значат дека земјата е на работ на хуманитарна криза, а загрозени се 3,2 милиони деца на возраст под пет години, се заклучува во извештајот.

Пентагон: ИД-К во Авганистан би можела да го нападне САД за шест месеци

Авганистан - Талибански војник стои на стража пред куќа во соседство на засолниште на Исламската држава, нападнато од талибанските сили во северниот дел на Кабул. 4 октомври 2021 година.

Висок официјален претставник на Пентагон изјави дека не е јасно дали талибанците имаат способност ефективно да се борат против Исламската држава, иако е јасно дека двете групи се „смртни непријатели“, рече тој.

Колин Кал - потсекретар за политики за одбрана, пред конгресната комисија на 26 октомври рече дека американската разузнавачка заедница оценила дека талибанците се „многу мотивирани“ да тргнат по Исламската држава - провинција Хорасан (ИД-К). Но, додаде:

„Мислам дека треба да се утврди нивната способност да го сторат тоа“, рече Кал.

ИД-К ја презеде одговорноста за некои од најлошите напади во Авганистан откако талибанците во август ја презедоа власта.

Во коментарите до Комитетот за вооружени служби на Сенатот, Кал процени дека ИД-К во моментов има „неколку илјади“ борци во Авганистан и додаде дека групата за само шест месеци би можела да биде способна да ги нападне САД.

Кал, исто така, ја коментираше Ал Каеда во Авганистан, велејќи дека милитантната група претставува покомплексен проблем со оглед на нејзините врски со талибанците.

Амир Кан Мутаки - вршител на должноста министер за надворешни работи на владата предводена од талибанците, изјави дека заканата од милитантите на Исламската држава ќе биде решена.

Тој исто така рече дека Авганистан нема да стане база за напади врз други земји.

Бајден ќе се сретне со Папата во ек на притисокот на бискупите против абортусот

Џо Бајден и неговата сопруга Џил му честитаат на папата Франциск по неговата инаугурација во Ватикан, 19 март 2013 година

Римокатоликот Џо Бајден ќе се состане со папата Франциск в петок во Ватикан во време кога американскиот претседател е под силен притисок поради неговата конфликтна позиција во спорот за правата на абортусот. Бајден редовно оди на неделна миса и чува слика од папата зад неговото биро во Овалната соба. Тој рече дека лично се противи на абортусот, но како избран лидер не може да ги наметнува своите ставови. Но, конзервативните католички медиуми и американските конзервативни бискупи го критикуваа за тој став, при што некои велат дека треба да му се забрани да се причестува, централната тајна на верата.

Апелациониот суд на САД повторно го забрани абортусот во Тексас

Во Црна Гора селективни абортуси за повеќе машки деца

Во исто време, поддржувачите на правата за абортус се ужаснати од новиот закон во Тексас кој наметнува речиси целосна забрана на абортусот. Администрацијата на Бајден го оспори законот и Врховниот суд ќе го разгледа случајот следниот понеделник. Во минатиот месец папата изјави дека абортусот е „убиство“. Сепак, од неговиот избор во 2013 година за прв папа од Латинска Америка, Франциск вели дека иако Црквата треба да се спротивстави на абортусот, тој не треба да стане сеопфатна битка во културолошките војни што го одземаат вниманието од прашања како што се имиграцијата и сиромаштијата.

Средба на претседателите на Франција и на Полска

Францускиот претседател Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Елисејската палата ќе се сретне со полскиот претседател Анджеј Дуда за да разговара за прашањето за европските закони. На почетокот на овој месец, Уставниот суд на Полска оцени дека елементите на правото на ЕУ се некомпатибилни со полскиот устав. Според полската влада, тоа значи дека официјална Варшава може да ги игнорира пресудите на Судот на правдата на ЕУ.

ЕК ќе „делува“ да ја спречи Полска да ги поткопа европските вредности

Неодамна на дневен ред на Уставниот суд се најде и уставноста на Европската повелба за човекови права, а доколку се оцени како спротивна на полскиот Устав, официјална Варшава би сметала дека не е обврзана да ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Апелација за екстрадиција на Асанж

Партнерката на Џулијан Асанж, Стела Морис, Лондон, 04.01. 2021.

Денеска, како што е најавено, треба да започне дводневно жалбено рочиште пред Високиот суд во Лондон на кое треба да се одлучи дали основачот на Викиликс Џулијан Асанж треба да биде екстрадиран во Соединетите држави. Партнерката на Џулијан Асанж, Стела Морис завчера изјави дека ЦИА планирала да го убие или киднапира основачот на Викиликс. Ова, според посматарчите, може да ја промени играта во неговата борба против екстрадицијата од Британија во САД. Американските власти поднесоа жалба против одбивањето на Британија да го екстрадира Асанж - кој се бара по 18 кривични обвиненија, вклучително и кршење на законот за шпионажа - затоа што неговите проблеми со менталното здравје би значеле дека ќе биде изложен на ризик од самоубиство.

Британскиот суд одлучи: Асанж нема да биде екстрадиран во САД

Минатиот месец Yahoo News објави дека претставници на ЦИА подготвиле опции за администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за справување со Асанж додека тој бил затворен во амбасадата на Еквадор во Лондон, вклучително и атентат или киднапирање. Викиликс стана познат кога почна да објавува илјадници тајни досиеја и дипломатски телеграми во 2010 година.

Адвокатот на Асанж тврди дека САД му понудиле помилување

Набргу потоа Шведска побара екстрадиција на Асанж од Британија поради наводите за сексуални злосторства. Кога го загуби случајот против екстрадиција во 2012 година, побегна во амбасадата на Еквадор. Тој конечно беше извлечен од амбасадата во април 2019 година и затворен поради прекршување на британските услови за кауција, иако шведскиот случај против него веќе беше отфрлен. Американските власти тогаш бараат негова екстрадиција.

Високиот претставник Шмит ќе се обрати во парламентот на БиХ

Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ

Претседателот на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ Дениз Звиздиќ изјави дека високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ Кристијан Шмит денеска ќе им се обрати на пратениците на тоа тело, кој ќе ги изнесе своите ставови за актуелната политичка ситуација. Пратениците во Претставничкиот дом од Република Српска претходно најавија дека нема да присуствуваат на седницата на која ќе зборува Шмит.

Стејт департмент: Заканите кон институциите на БиХ против интересите на граѓаните на земјата

Пораки за мир и стравот од нова војна во БиХ

Претставниците на владејачката коалиција во Република Српска не го признаваат Шмит за нов висок претставник, бидејќи неговото назначување не е потврдено во Советот за безбедност на ОН. Опозицијата од тој ентитет не учествува ниту во работата на Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ и наведува дека е обврзана да го стори тоа со одлуките на Народното собрание на РС, донесени по наметнувањето на законот за забрана на негирање на геноцидот. Тогаш беше одлучено претставниците на РС да не учествуваат во работата на државните институции, пред сѐ на Претседателството, Советот на министри и Парламентот на БиХ.

САД го поздравија ослободувањето на суданскиот премиер

сменетиот судански премиер Абдала Хамдок

Американскиот државен секретар Антони Блинкен разговараше со сменетиот судански премиер Абдала Хамдок откако воените лидери кои ја презедоа власта во Судан му дозволија на премиерот да се врати дома.
Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс рече дека Блинкен во телефонски разговор го поздравил ослободувањето на Хамдок и „го повторил својот повик до суданските воени сили да ги ослободат сите цивилни лидери и да ја осигураат нивната безбедност“. Блинкен изрази „длабока загриженост“ за тековното воено преземање на власта во африканската земја и ја повика армијата на воздржаност во справувањето со демонстрантите.

Во Судан продолжуваат протестите против воениот удар

Вонредна состојба во Судан по воениот удар

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден разгледува целосен опсег на економски алатки за да одговори на военото преземање и е во близок контакт со земјите од Заливот, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан. Администрацијата веќе стопира итна помош од 700 милиони долари за Судан. Началникот на вооружените сили на Судан и водач на пуч, генерал Абдел Фатах Бурхан изјави дека војската ја презела власта на 25 октомври за да спречи „граѓанска војна“, односно дека политичките групи поттикнувале цивили против безбедносните сили. Транзицијата на Судан кон демократија започна пред две години, откако народниот бунт доведе до соборување на исламистичкиот автократ Омар ал-Башир.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во Грција, Србија, Албанија и Италија

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји од денеска до 29 октомври ќе престојува во Грција, Србија, Албанија и Италија, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Кина, Ванг Венбин. Посетата на Србија доаѓа на покана на српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ, јави кинеската новинска агенција Ксинхуа. Шефот на српската дипломатија Никола Селаковиќ кон крајот на мај годинава беше во посета на Кина.

Капчан: Западен Балкан треба да биде подготвен за интензивен ангажман на САД

Деновиве кинескиот вицепремиер Хан Женг повика на заеднички напори за да се овозможи снабдување со енергија на земјите кои учествуваат во иницијативата „Појас и пат“, како и да се пренасочи кон поефикасна, зелена и разновидна насока во рамките на пошироките напори за одговор на климатските промени. Таа рече. енергетска безбедност. Забелешките на Хан уследија по најавата на претседателот Кси Џинпинг минатиот месец дека нацијата нема да гради нови енергетски проекти поврзани со јаглен во странство и дека ќе ја засили поддршката за другите земји во развојот на зелена и нискојаглеродна енергија.

Времето денеска: претежно сончево

Наутро студено, преку денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Дневната температура ќе биде од 12 до 19 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 15 степени.

Од 15 ноември само со две дози вакцина влез во угостителски објекти

macedonia - government building

Владата на денешната редовна 115-та седница, согласно моменталната епидемиолошка состојба во државата, на предлог на Комисијата за заразни болести ги донесе следните заклучоци:

- Се дозволува организирање и одржување на семинари, обуки, курсеви, состаноци, работилници, конференции и слично, во затворениот дел на објектите до 50% исполнетост од капацитетот на просторот.

- Се дозволува работа на барови и ноќни клубови - дискотеки, како и на угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (веселби, свадби, родендени, крштевки и слично) во затворениот дел на објектите до 50% исполнетост од капацитетот на просторот.

- Се дозволува влез во секаков вид на објекти од отворен и затворен тип, угостителските објекти (кафетерии, ресторани, барови, ноќни клубови-дискотеки), во угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување), на бензинските станици, во казината и обложувалниците, во други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, во угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (веселби, свадби, родендени, крштевки и слично), како и се дозволува влез каде што се одржува настан од секаков друг вид (концерти, семинари, обуки, курсеви, состаноци, работилници, конференции, културни или спортски настани), на посетители / гости / лица, со поседување и приложување на еден од следните документи:

- до 14 ноември 2021 година е потребно сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза на вакцина против заразната болест Ковид-19, а од 15 ноември 2021 година сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примени две дози на вакцина против заразната болест Ковид-19 или

- сертификат/потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.

Согласно ова, според соопштението, Владата донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест Ковид-19.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG