Достапни линкови

Со вода во буре во 21 век


Буковиќ - До вода седат, вода немаат
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:38 0:00

Буковиќ - До вода седат, вода немаат

Околу 50 семејства од горниот дел на селото Буковиќ со години немаат вода. Селото се наоѓа во Општина Сарај, на 18 километри од центарот на Скопје и на само седум километри до изворот Рашче кој го снабдува Скопје со вода. Надлежните постојано ветуваат, но вода се уште нема, се жалат тие.

Седумгодишната Аријана Идризи секој ден, пред да оди на училиште, се мие на бурето во дворот. Нејзиниот татко Бујар Идризи го полни голфот со буриња и канти и вози по еден километар за да наполни вода за неговото осумчлено семејство.

„За пиење ќе купиме, ама за основните потреби, да се бањаш, да опстоиш како човек, хигиената да ја одржуваш не можеш. Со буре како? Со буре не се одржува хигиена“, вели тој.

Освен за сопругата, мајката и петте малолетни деца, тој треба да донесе вода и за пчелите и за кучето Баљо.

„Како ќе садам нешто кога нема вода. Јас не можам да живеам, па камоли да садам нешто. Кога немаш вода, нема живот. Каква стока. Не можам да живеам јас, па камоли стока. Како? Пак со буриња да носам и да ја малтретирам и стоката? Не“, вели тој.

Педесетина куќи од горниот дел на селото Буковиќ го имаат истиот проблем. Селото се наоѓа во Општина Сарај, на 18 километри од центарот на Скопје и на 7 километри од изворот Рашче кој го снабдува Скопје со вода за пиење.

Со вода кубури и селското основно училиште Емин Дураку во кое учат 380 основци. Родители се жалат дека наутро ги испраќаат децата на школо со шише вода во ранецот, децата во школскиот двор велат дека нема капка вода, но директорот Мубедин Бајрами вели дека проблемот не е толку сериозен. Ретко се случува да снема вода, и тогаш се снаоѓаме, вели тој.

„Не е тоа секој ден, има ретки случаи, да речеме неделно еднаш-двапати. Се случува обично во прва смена и во таков случај ги скратуваме часовите на по 30 минути“, вели тој.

Бајрами вели дека школото има и бунар кој се користи за чистење кога ќе снема вода.

„Служителите се служат со вода од бунарот за одржување на хигиената, ги полнат кофите и чистат, таа вода е доволна за половина час за одржување на хигиена“, вели тој.

Бајрами посочува дека недостиг на вода има во потоплите месеци, но се надева дека проблемот набрзо ќе се реши.

Во владата велат дека е во тек проектот за решавање на водоснабдувањето во Општина Сарај. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот на Сарај Блерим Беџети пред неколку дена извршија увид во градежните работи. Се гради резервоар, пумпна станица и цевковод.

„На над 10 илјади жители во населените места Рашче, Копаница, Бојане, Буковиќ и Ласкарци, со проектот за водоснабдување што го реализираме преку министерството, добиваат квалитетна вода за пиење. Со тоа го решаваме деценискиот проблем за овие жители“, Благој Бочварски.

Заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи рече дека ова е исклучително важен проект за жителите на околните села.

„Ова беше наше ветување пред нив и наша обврска која еве денеска ја реализираме“, изјави Реџепи.

Сепак, жителите на Буковиќ велат дека ќе почекаат да скокнат пред да речат „оп“. Велат дека постојано им ветуваат решавање на проблемот, но досега не е решен, па ќе почекаат со радувањето.

„Ветуваат ама кога ќе дојде? Кога ќе дојде бог знае. Со збор да, доаѓаат, велат ќе направиме, ама кога“, прашува Рефет Идризи.

„Три месеци немаме вода, кај што живеам. Носам вода со трактор од Паничари, во буриња и ги носам дома. Вака не се живее“, вели Реџеп Даути.

„Кај мене три буриња на трактор од еден тон, ги полнам во Сарај и ги носам дома“, додава Идризи.

„Кокошки нема од кај да пијат, од кај ќе чуваш стока“, се жали Даути.

Нивниот сосед Сафет Ајдини вели дека водата што сега ја пијат не е исправна, но немаат друга.

„Од пумпите полниме доле, ама тие се од старо време. Таму полниме буриња и ги носиме, ама не чини таа вода. Јас не знам зошто не умрат сите луѓе од мое село од таа вода што ја пијат. Не чини. Кога ти кажувам дека не чини, да знаеш дека 100 отсто не чини, ама од зорт мора да ја пиеш“, вели Ајдини.

Бујар Идризи вели дека постојано добиваат ветување дека проблемот ќе се реши. Се надева дека овојпат ветувањата конечно ќе бидат исполнети.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG