Достапни линкови

Предвреме отворена сезоната на лов на гласови


Потпретседателот на СДСМ и министер за здравство Венко Филипче во посета на Кавадарци и Неготино на 3 јуни 2021
Потпретседателот на СДСМ и министер за здравство Венко Филипче во посета на Кавадарци и Неготино на 3 јуни 2021

Локалните избори не се распишани, но партите почнаа трка по гласови. Засилената активност на неколку месеци пред изборите нема да им донесе многу, оти граѓаните сакаат цело време резултати, вели Александар Цветкоски од АГТИС.

Локалните избори се уште не се закажани, но тоа не ги спречува партиите неформално да ја стартуваат изборната кампања. Претседателот на Собранието месецов или најдоцна на почетокот на август треба да ги распише изборите кои се планирани за наесен. Ова ќе бидат седмите локални избори по осамостојувањето на Македонија.

Партиите интензивно почнаа со прошетки од град до град и средби со граѓани и трибини. Дел од актуелните градоначалници потврдија дека ќе трчаат уште еден мандат. Активни се владините функционери кои како поддршка на локалните власти промовираат проекти, пуштаат патишта, отвораат градинки, спортски сали, ветуваат инвестиции и се фалат што направиле досега. Актуелни министри одат на маалски средби во рамки на караванот „Најдоброто за нашата општина“. И најголемата опозициска партија е на терен, тие организираат тематски трибини на кои гостуваат и поранешни функционери.


Александар Цветкоски од невладината организација „АГТИС“, која ја следи работата на општините, вели дека годинава многу рано започнаа активностите за лов на гласови.

„Посебно што излегоа истражувања дека има огромен број на луѓе нема да излезат, потполно се неопределени, па дури така да речам и разочарани. И заради тоа партиите мислам дека со предвремена кампања нешто ќе ќарат, ќе мобилизираат нешто на локални ниво“, вели Цветкоски.

Тој додава дека со години веќе стилот на партите им е ист и не верува оти ваквите активности може нешто да променат кај граѓаните.

„Бидејќи на граѓаните им е преку глава четири години никаде да ги нема градоначалниците, ништо скоро да не се гради, по нешто што е високопрофитабилно може да помине, но она што им е редовна работна не ја работат“, вели Цветкоски.

Аналитичарот Сефер Селими од Демокраси лаб вели дека партиските активности повеќе се насочени кон тоа да се „проверат“ партиите како стојат на терен и за мобилизација на членството.

„Ова е некаков вид на подигнување на внатрепартиската кохезија меѓу различните членови и различните лидери во партиите, и тоа се случува кај сите партии и кај ВМРО-ДМПНЕ, и кај СДСМ и кај ДУИ, Алијанса и кај другите“, вели Селими.

Селими вели дека капиталните инвестиции кои ќе донесат подобрување на животот на граѓаните намерно се оставаат за крај на мандатот, за да може се стават во функција на политичката кампања.

„Сите тргнуваат од тоа дека колективната меморија е слаба и ако крупните работи се прават во првиот дел на мандатот граѓаните ќе заборават и локалните власти и политичките партии нема да можат да го капитализираат тоа“, вели Селими.

Дајте нов градоначалник

Според анкетата на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), граѓаните немаат висока доверба во локалните власти. Над половина од анкетираните не би поддржале реизбор на градоначалникот на нивната општина. Анкетата објавена на средината на јуни, а спроведена од март до април покажува дека доколку утре се одржат избори СДСМ би освоил 19 отсто од гласовите, ВМРО-ДПМНЕ – 16 проценти, потоа ДУИ – 8 отсто, по 4 отсто Алијанса за Албанците и Левица. Вкупно 21 процент одговориле дека не знаат за кого би гласале, а 9 отсто се изјасниле дека нема да гласаат.

Граѓаните што ги анкетираше РСЕ велат дека се уморни од црните кампањи и од партиските нереализирани ветувања.

„Сите се исти, сите за себе си гледаат. Наредното гласање не излегувам, ниту за едните, ниту за другите“, вели Лиле од Скопје.

„Преку глава ми се кампањите, толку сме оптоварени да не мора да ги слушаме веќе, во моментот како ќе одлучам, така ќе гласам“, вели анкетиран граѓанин.

„Ги слушам и кампањите, пензионерка сум имам време ама ме нервираат навредите што си ги упатуваат едни кон други“, вели пензионерката Елена Јосифовска.

Од СДСМ најавија дека на средба со ДУИ и ДПА ќе се дефинира соработката за локалните избори. Според анкетата што ја нарачале од владејачката партија СДСМ води со 21,7 отсто пред ВМРО-ДПМНЕ со 19 отсто.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, соопшти дека разговараат со повеќе партии од други националности, кои не се дел од нивната коалиција, за заеднички настап на изборите.

Изборната кампања официјално трае три недели пред одржувањето на изборите. Во тој период ДИК, Јавното обвинителство, странски и домашни набљудувачи ги следат активностите на политичарите и доколку се злоупотребува кампањата може да одговараат пред законот.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG