Достапни линкови

Балкански феномен - диви депонии и отпад


Босна и Херцеговина - Пластични шишиња, дрвени штици, 'рѓосани буриња и друго ѓубре што ја затнува реката Дрина во близина на источниот босански град Вишеград, 5 јануари 2021 година.
Босна и Херцеговина - Пластични шишиња, дрвени штици, 'рѓосани буриња и друго ѓубре што ја затнува реката Дрина во близина на источниот босански град Вишеград, 5 јануари 2021 година.

Земјите од Западен Балкан издвојуваат малку пари за ефективно управување со отпадот, нивната инфраструктура е застарена, а рециклирањето е на многу ниско ниво. Отпадот завршува покрај патиштата во градовите и селата, во реките и езерата. Создадени се илјадници диви депонии кои ги загадуваат почвите, водите и воздухот.

Водите на Потпеќко езеро некогаш беа живописно место за риболов во западна Србија. Но, неодамна, самиот мирис беше доволен за да ги одврати посетителите од езерото полно со огромна маса на ѓубре.

„Многу е грдо“, воздивнува 34-годишниот Миломир Мијовиќ, крај брегот на езерото чии води беа покриени со 8.000 кубни метри пластични шишиња, стиропор и друг отпад.

„Јас пораснав тука. Имам седум деца и тажен сум затоа што не можам да ги носам на риболов или на плажа во текот на летото. Не е чисто, грдо е. Има многу ѓубре.“

Западен Балкан е дом на некои од најдивите реки и најживописната природа во Европа. Но, неуспешните системи за управување со отпад низ целиот регион ја загрозуваат животната средина и јавното здравје.

Обилните дождови во јануари го нагласија долгогодишниот проблем откако поплавите го зафатија ѓубрето од патиштата и другите диви депонии во реките.

Предраг Сапоњиќ, директор на хидроцентралата Лим вели: „Лим во последните две години не донесе толку многу ѓубре. Низ својот тек, собира сè што луѓето фрлија од изворот до електричната централа.“

Отпадот се акумулира на хидроелектричните брани, како на пример во Потпеќкото езеро, кое е дел од реката Лим, што се слева од Црна Гора, како и кај браната на реката Дрина во источна Босна.

Синиша Лаковиќ, активист во еколошкото здружение Јастреб вели: „Има многу диви депонии низводно, и сето тоа ѓубре пристигнува до браната. Значи, ние екологистите, како и локалната општина се соочуваме со огромен проблем без да сме одговорни за тоа“.

Расчистувањето на ваквите купчиња ѓубре стана редовна активност за операторите, иако неодамнешните маси отпад беа поголеми од нормалните.

„Не можеме да го решиме овој проблем, можеме само да го санираме - го собираме ѓубрето што општините го оставаат на бреговите“, вели Томислав Поповиќ, кој работи во електраната на Дрина, додавајќи:

„Дури видовме и слики на булдожери кои туркаа ѓубре директно во реката“.

Депониите места на опасност

Балканската криза со дивите депонии
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:59 0:00

Низ целиот регион, ефективното управување со отпад се одржува со ниски буџети, застарена инфраструктура и недостаток на итност кај службените лица и делови од јавноста.

Рециклирањето е минимално во повеќето сојузни држави, додека дивите депонии се вообичаена слика покрај селските патишта и на периферијата на градовите.

Ситуацијата е слично тешка и во Косово, каде што само половина од 1,8 милиони население е опфатено со услугите за собирање отпад.

Неодамнешниот владин извештај покажа дека ситуацијата се влошува, со зголемување на бројот на диви депонии за 60 проценти од 2017 до 2019 година.

Додека собирањето отпад е пообемно во Србија, еден од фаворитите во регионот што бара членство во ЕУ, несоодветното подредување ги прави депониите места на опасност.

Во депониите низ земјата, „тешките метали и другите загадувачки елементи се испуштаат директно во животната средина, вода и воздух и на овој начин ни се закануваат“, рече Игор Јездимировиќ, кој ги предводи српските невладини организации за инженери за заштита на животната средина.

Главната дестинација на ѓубрето во Белград во изминатите 40 години, депонијата Винча доби озлогласеност како најголема не управувана отворена депонија во Европа.

Лежејќи на периферијата на градот, локалитетот дури сега се реновира во проект финансиран делумно од Меѓународната финансиска корпорација на Светска банка и Европската банка за обнова и развој.

Според активистите, неопходен е постојан јавен притисок врз властите да продолжат да решат проблемите со управувањето со отпадот.

Тие сметаат дека оние што се на власт само се надеваат дека проблемите нема да се појават за време на нивниот мандат, а на долг рок, не сметаат дека е во нивен интерес да се занимаваат со ова прашање.

Отпадот во Македонија

Несоодветно отстранетиот отпад е честа појава и во Македонија. Купишта ѓубре, шут или стар мебел се фрлени покрај патиштата, на планините, во езерата или реките.

Во коритото на реката Вардар во Скопје доминира пластиката. Диви депонии се создадени на бројни локации во главниот град, некои се наоѓаат во близина на центарот на градот, а ги има и на места каде природните убавини се исклучителни.

Таква е ситуацијата на Кањонот Матка или кај изворите на Катлановските термални води во околината на Скопје, но со депонии загадени се и Охридскиот регион кој е под заштита на УНЕСКО, како и Националниот парк Маврово, Шар Планина...

Дрвјата на Матка „украсени“ со отпадоци
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:13 0:00

Решенијата за проблемот земјата ги има наведено во документи и закони, но главно изостанува реализацијата на терен.

Системското решение е предвидено преку отворање на осум регионални депонии, но досега не е изградена ниту една, бидејќи жителите стравуваат дека тие ќе бидат закана за животната средина во местата каде живеат.

Еко-ктивистите велат дека поради тоа, националните и локалните власти треба целосно да ги вклучат граѓаните во процесите на планирање, изградба и контрола на регионалните депонии.

Блаже Јосифовски од граѓанската организација „Ајде Македонија“ објаснува дека постојат можности за жителите да имаат корист од управувањето со отпадот, нешто што се случува во некои земји.

„Јас мислам дека треба да го следиме хрватскиот пример во одредени општини, каде што сериозно вложија средства во овие, јас ги нарекувам центри за управување со ресурси, не на отпад, каде што граѓаните директно видоа бенефити во тие локални места во однос на вработувања, вложување во градинки, центри за образование, болници“, вели Јосифовски.

Рециклирање на помалку од еден процент од отпадот

За несоодветниот третман на отпадот во земјава покажуваат и податоците за количината на рециклиран отпад, кои овој месец ги објави Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Институцијата наведе дека од вкупно собраниот отпад во земјава се рециклира помалку од 1 процент.

„Собраната количина на пластичен отпад во државата е мала, а истиот најчесто завршува во депониите“, наведуваат ревизорите во извештајот насловен „Ефикасно третирање и справување со пластичниот отпад.“

Ревизорите имале цел да дадат одговор на прашањето дали со пластичниот отпад се управува на начин кој овозможува негово намалување и постигнување на поставените цели.

Законската регулатива предвидува да бидат донесени голем број на стратешки, плански и програмски документи на централно, локално и регионално ниво, за кои ревизорите констатирале дека дел од нив не се донесени или, пак, се со изминат рок, наведувајќи дека сето тоа упатува на недоследности при воспоставувањето на интегриран систем за управување со отпад.

„Иако се отпочнати одредени активности, сѐ уште не е воспоставено регионално управување со отпад со што не се создадени основните услови за превенција за создавање на отпад и преработка на истиот“, наведуваат ревизорите.

Податоците од надлежните институции укажуваат дека од вкупно собраниот отпад во земјава се рециклира помалку од 1 процент, а исто така не се преземаат иницијативи и активности за повторна употреба на пластичниот отпад.

„Собраната количина на селектиран пластичен отпад во државата е минимална и претставува околу 1,4 отсто од вкупниот собран отпад во една година и во најголем дел е резултат на преземени дејства од колективните постапувачи и неформалниот сектор (индивидуални собирачи), велат ревизорите.

Неформалните собирачи

Колективните постапувачи имаат централно место во системот за управување со пластичен отпад, се вели во ревизорскиот извештај.

Токму тие ги поврзуваат производителите/увозниците кои први пуштаат на пазарот производи кои на крајот на нивниот животен циклус создаваат отпад кој што ја оптоварува животната средина, со правните и физичките лица кои собираат отпад, а истовремено се должни да обезбедат преработка или отстранување на преземената и собраната количина на пластичен отпад.

Неформален собирач на отпад.
Неформален собирач на отпад.

Во оваа насока Јосифовски вели дека e потребнo да се прави реупотреба на отпадот, односно да биде користен како ресурс кој може да отвори нови работни места, процес во кој, според него, треба да бидат вклучени неформалните собирачи.

„Последните истражувања покажаа дека на 10 илјади тони отпад, доколку се оди на реупотреба на отпадот, се креираат и до 300 нови работни места. Јас верувам дека во една земја како што е нашата, која има многу социјални проблеми, мора да ги вклучиме и неформалните собирачи на отпад“, вели Јосифовски.

Тој додава дека во земјава има „огромна социјална категорија“ на граѓани, од 3.000 до 5.000 илјади кои, како што вели, секоја година егзистираат од отпадот и сами креираат работни места преку рециклирање на отпад.

„Според анализите што сме ги правеле, јас верувам дека е потребно да се направи едно социјално претпријатие или повеќе социјални претпријатија коишто заедно со комуналните претпријатија ќе работат на управување со отпадот. Отпадот, како во поразвиените земји, би се собирал директно од граѓаните од дом до дом селектиран, за истиот да може да биде искористен за рециклирање и понатаму за користење за некоја друга намена и секако да се отворат центри за реупотреба на отпадот“, вели Јосифовски.

Ревизорите исто така посочуваат дека неформалниот сектор за собирање на отпад во земјава претставува социјална група од неколку илјади граѓани, вклучително и деца кои собираат отпад преку активности кои не се организирани.

Ревизорите констатираат дека во законската регулатива неформалниот сектор речиси и да не е спомнат, освен во делот за нивно евидентирање како вршители на трговија со отпад.

„Не се разгледани можности за нивно формализирање и организирање преку социјално претпријатие или јавно-приватно партнерство, со што би им се обезбедило стабилен приход и легализирање на нивните активности“, неведуваат ревизорите.

Неефикасни политики

Во ревизорскиот извештај се укажува на тоа дека за воспоставување и функционирање на интегриран систем за управување со отпад, потребно е да се обезбедат стабилни финансиски средства кои ќе овозможат редовен и деловен приход за покривање на трошоците.

Државниот завод за ревизија во извештајот заклучува дека политиките, мерките и активностите преземени од страна на надлежните институции за воспоставување на интегриран систем за управување со пластичен отпад, не се ефективни и не овозможуваат избегнување и намалување на количеството на создаден отпад, ефикасно искористување на употребливите состојки на отпадот и целосно почитување на начелата за управување со отпад.

Помалку пари за чистење диви депонии

Но, иако дивите депонии ги има низ целата земја, граѓанските здруженија неодамна реагираа дека државата ги намалува средствата за нивно чистење, како што соопштија активистите од „О2 Иницијтива.“

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, објаснува дека станува збор за средства кои се вратени назад во буџетот, но посочува и дека треба да постои подобар систем за собирање на отпадот во општините.

„Токму затоа предлагаме регионални решенија, бидејќи граѓаните плаќаат комунални даноци за да биде собран нивниот отпад. Управувањето се чини дека не функционира соодветно и се создава нелегален отпад и, за жал, ние земаме пари од државниот буџет и ги чистиме нелегалните депонии. Така, теоретски, што според мене е многу контрадикторно, ние од граѓаните бараме да плаќаат два пати од парите од даноците за чистење на отпадот“, вели Нуредини.

Историското индустриско загадување

Илјадниците диви депонии, селските буништа и ѓубришта кои ги загадуваат почвите, водите и воздухот, не се еднствениот проблем во Македонија. Земјата со децении е загадена од индустриски отпад, кој допорва треба да биде отстранет.

Земјата долго време е соочена со предизвикот за отстранување на историскиот индустриски отпад од 16- те жешки точки, создаден од рудниците, металургијата и термоелектраните.

Од нив водите воздухот и храната во Македонија во континуитет се загадени со тешки метали. Најопасна е депонијата со пестицидот линдан на фабриката Охис во Скопје.

Но, загадување има од депонијата со троска на топилницата за олово и цинк во Велес, како од оние со токсичен отпад на Бучим, Лојане, Саса и Тораница, Макстил во Скопје, Злетово во Пробиштип, термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј, Фени Индустри...

„Во Македонија имаме области каде што почвите се интензивно загадени, што се реперкуира и на загадување на воздухот со пренос на таквата прашина, а исто индустриски депонии коишто се најчесто историски“, вели професор Трајче Стафилов од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Мала и голема депонија со линдан на фабриката ОХИС во Скопје. Извор Македонско еколошко друштво (МЕД).
Мала и голема депонија со линдан на фабриката ОХИС во Скопје. Извор Македонско еколошко друштво (МЕД).

Професор Стафилов долги години вршел истражувања за загадувањето на почвите, водите и воздухот од индустриското загадување во земјава.

За чистењето на индустриските жешки точки, засега е најавено отстранување на линданот во Охис, за кој министерот Нуредини вели дека го очекуваат планот за управување од компанијата, која ќе ја чисти малата депонија, и дека „ентузијастички“ очекуваат чистењето да започне до вториот квартал оваа година.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG