Достапни линкови

Решенија за отпадот: рециклирање и генерирање енергија


Ѓубришта околу природните катлановски минерални води

Рециклирањето на пластиката и стаклото може да заштеди енергија, а со ефикасен начин на депонирање на отпадот може да се искористи енергијата од неговото согорување. Ова се предлози на студенти за намалување на загадувањето.

Отпадот во земјава е расфрлан во диви депонии на планините или во коритата на реките, како што е примерот во катлановските населби по течението на Реката Пчиња. Таму жителите секојдневно фрлаат пластика, градежен шут и друг вид отпад, но од друга страна проблем е што во повеќето од овие населби нема комунални служби кои доаѓаат да го соберат отпадот.

Околината на катлановско е само еден пример за негрижата на жителите, а посебно на власта, кога станува збор за отпадот. РСЕ неодамна објави дека депонии се направени околу топлите катлановски минерални води, места со природни убавини и потенцијал за туризам.

Најголемото ѓубриште во земјава е долго преку 30 километри и се наоѓа на двата брега по течението на Реката Вардар, од Гостивар до Јегуновце, како што објави Центарот за современи уметности (ЦСУ) – организација која неодамна посети над 200 депонии низ целата држава. Забележани се купишта ѓубре, шут, стар мебел.

За дивите депонии и расфрланото ѓубре низ „Република Депонија“ има различни борјки. Некои организации како ЦСУ укажуваат дека има преку 300 диви депонии и над 1.500 селски буништа и ѓубришта, но факт е дека голем дел од отпадот се одлага во диви депонии каде често се спалува.

Депонијата „Дрисла“ е единствена која исполнува некакви стандарди, но државата нема точни податоци за количината на отпад што го произведува населението и компаниите: официјалните податоци се проблематични, бидејќи се направени според претпоставен број на население и претпоставен број на произведен отпад.

Познато е дека во Дрисла се гори медицински отпад најмалку 14 часа дневно 365 дена во годината. Според последните податоци, во 2017 година се изгорени 1060 тони медицински отпад, а пријавени се 716 тони.

Плановите на државата за долгорочно решение на проблемот е изградбата на регионални депонии во осум региони на земјата, но централната власт не може да ги реализира проектите поради противење на општините на чија територија се планира изградбата.

Според најновиот извештај на Државниот завод за статистика, вкупното количество на собран комунален отпад во 2018 година изнесува над 625 илјади тони што бележи намалување за 1,6 отсто во однос на 2017 година.

Но, податоците покажуваат дека количината на создадениот отпад за истиот период е зголемена за 8,6 проценти, односно дека секој жител годишно создава 412 килограми или вкупно над 854 илјади тони комунален отпад. Во извештајот на ДЗС е посочено дека над 99 проценти од собраниот комунален отпад се исфрла на депонија.

Запалена дива депонија во Дебар.
Запалена дива депонија во Дебар.

Комуналните претпријатија собираат главно во градовите

За проблемите со отпадот деновиве укажаа и студенти од Машинскиот факултет во Скопје кои понудија решенија за намалување на ѓубрето и загадувањето, но и за производство на енергија при овие процеси.

Тие јавно презентираа решенија во рамки на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ во организација на Институтот за комуникациски студии.

Беше посочено дека согорувањето на медицински отпад во Дрисла е голема закана, и оти комуналните претпријатија го собираат отпадот главно во градовите со камиони и контејнери кои се стари и оштетени, а рециклирањето го вршат само приватни компании.

Студентите наведоа дека во земјава годишно се создаваат околу 700 илјади тони отпад, и оти 90 проценти од ѓубрето завршува на диви депонии. Според нивните проценки има околу 1.000 диви депонии кои ги загадуваат водите, воздухот и почвата.

Тие посочија дека 38 илјади тони се пластичен отпад, а над 40 илјаји тони стакало кои доколку се рецилкираат ќе се заштедат природните ресурси и ќе се намали побарувачката на енергија потребна во производствениот процес.

Студентот на Машинскиот факултет Филип Тодоровски истакна дека со изградба на регионалните центри за управување со отпад може да се спречи создавањето на дивите депонии и да се зголеми соработката меѓу соседните општини чии комунални претпријатија ќе го собираат отпадот и во селата.

„Депонирањето на отпадот, пак, треба да биде подземно, во претходно оформени базени, за да се заштитат почвата, водите и атмосферата. На најголемата депонија во државата, Дрисла треба да се затворат сегашните и да се отворат нови депониски места, да може да се формира депониски гас и да се замени печката за согорување на медицинскиот отпад“, смета Тодоровски.

Неговата колешка Емилија Дејановска посочи дека инсинераторот во кој Дрисла го согорува медицинскиот отпад претставува голема закана заради несоодветни мерки за заштита на животната средина.

Таа укажа на здравствените ефекти од емисиите на диоксини и фурани од печката за инсинерација, особено при вклучувањето и исклучувањето. Студентката рече дека со нов инсинератор со поголем капацитет ќе се неутрализира загадувањето и ќе се зголеми капацитетот на депонијата, бидејќи според неа обоемот на согорениот отпад ќе се намали за 90 проценти.

Инсинератор во депонијата Дрисла.
Инсинератор во депонијата Дрисла.

Инсинерирање отпад е застарена технологија

Сепак, во некои студии како „Глобалната алијанса против употребата на инсинератори“ укажуваат дека инсинераторите се неодржлив и застарен метод за справување со отпад, наведувајќи дека земјите во светот усвојуваат иновативни филозофии и практики за одржливо управување со отпадот.

Во студијата насловена „Инсинерирање на отпад: технологија во изумирање“ е наведено дека диоксините се најопасни загадувачи кои се поврзани со употребата на инсинераторите, бидејќи предизвикуваат широк спектар на здравствени проблеми, вклучително рак, оштетувања на имунолошкиот систем, репродуктивни проблеми и друго.

Тие се пренесуваат преку синџирот на исхрана, од пленот во предаторот, тие се концентрираат во месото и млечните производи и во крајна линија во луѓето, се вели во студијата.

Исто така наведено е дека инсинераторите се главен извор на загадување од жива, која е моќен невротоксин кој ги нарушува моторните, сензорните и когнитивните функции, но и оти се значителен извор на загадување со тешки метали: олово, кадмиум, арсен и хром.

Во истражувањето е посочено дека операторите кои користат инсинератори често тврдат дека емисиите во воздухот се „под контрола“, но оти доказите покажуваат дека тоа не е случај поради неколку причини: погрешен мониторинг на емисии, нецелосно познати моментални нивоа на емисии, но и дека инсинераторите не се способни да ги исполнат тековните регулаторни стандарди.

Инсинераторите често се означени како производители на енергија, но во студијата се вели дека деталните анализи на нивниот животен циклус покажале оти тие трошат повеќе енергија отколку што произведуваат.

Поголемиот дел од историјата на согорување со инсинератори е во северните земји, а јужните најверојатно ќе бидат повеќе проблематични за оваа технологија поради недосататок на капацитети за мониторинг, административни проблеми, несигурни буџети, корупција, а поерациите можат да ги отежнат и временските услови, се вели во студијата.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG