Достапни линкови

Шахпаска - Бројот на невработени го кренаа и нашинците кои се вратија од странство


Заштита на работничките права е наш приоритет
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:49 0:00

Заштита на работничките права е наш приоритет

Голем дел од нашите граѓани коишто престојуваа во странство, а кои заради пандемијата се вратија и останаа, почнаа да се пријавуваат во Агенцијата за вработување, за да имаат пристап до финансиска поддршка од државата, вели министерка за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска за РСЕ.

Министерке колку во е во моментов социјалната помош, колку е сумата што им се исплаќа на оние на кои им е потребна?

Социјална помош е стариот назив за она што сега претставува гарантирана минимална помош. Согласно законот за социјална заштита, којшто беше донесен минатата година во мај, ние испорачуваме една социјална реформа, која во себе ги вклопува како паричните права, како социјалните права, така и социјалните услуги. Гарантирана минимална помош е сочинета од повеќе компоненти, зависи од бројот на членови во семејството. Според одредена методологија се дефинира износот.

Носителот на гарантирана минимална помош добива 4000 денари. Партнерот, брачниот другар добива 50 отсто од ова, значи 2000 денари. Понатаму децата добиваат по 800 денари од секое дете и едно четиричлено семејство во старт добива износ кој е во старт некаде околу 7600 денари. Дополнително на ова се добива детски додаток кој претставува сериозен исчекор во намерата на државата да им помогне на најранливите категории граѓани, затоа што за првпат во историјата детски додаток добиваат семејства во кои нема ниту еден вработен, тоа порано беше само за приматели со ниски лични доходи, за тие семејства. И сега дополнително на детскиот додаток, кој што е различен во однос на возрасна на децата, дали е во основно или во средно училиште имаме дополнително и образовен додаток, којшто има за цел да ги извади децата од улиците. Образовниот додаток не е условен од бројот на деца, секое дете го добива овој додаток, така што, ние рековме дека за 300 отсто го зголемивме износот на гарантирана минимална помош и во просек во четиричлено семејство се доаѓа до таа вредност од 11.000 -11.500 денари. Ќе се согласите дека навистина претставува 300 отсто зголемување на помошта.

Да зголемена е помошта, но во моментов во државата речиси секојдневно има по 1000 заболени со ковид, тоа се луѓе од различни социјални категории. Во просек лекување на еден случај којшто е на домашно лекување чини 10 илјади денари, бидејќи испитување на Ддимерите коишто се неопходни да се прават, не влегуваат на сметка на Фондот, тие самите си ги плаќаат. Само сумамед е на рецепт и на државна сметка, целиот пакет витамини што се препорачува граѓаните сами го плаќаат и тоа во принцип чини 10 илјади по човек со лесна слика од ковид. Дали правите некакви обиди со министерството за здравство за тие луѓе коишто се на работ и на кои им се случува да бидат заболени да имаат некаква помош во ова време за да може да се лекуваат и да имаат пристап до здравствена нега којашто е потреба за вирусот. Сте разговарале ли со министерот за здравство на позитивна листа да се стават некои од овие лекови коишто треба да ги примаат заболените од ковид.

Суштината на една држава е да го воспоставите системот, а системот треба да ги изедначи сите граѓани да имаат еднаков пристап до права и до услуги. Би било нелогично доколку здравството, затоа што ова прашање е адресирано пред се до здравството, би дејствувало инцидентно и стихијно. Што значи тоа? Сите пациенти кои имаат симптоми влегуваат во здравствениот систем преку своите матични доктори. Кога матичниот лекар ќе остави индикации дека тоа лице треба да се тестира, тоа пристапува кон тестирање и државата треба да ги обезбеди тестовите. Би било вистински хаос кога секој би отишол да се тестира без индикација.

Понатаму клексан не примаат пациентите кои имаат лесна клиничка слика. За клексанот треба да има надзор од страна на специјалист инфектолог или специјалист интернист, тоа не оди така безазлено. Во однос на витаминската терапија, еден Б комплекс кошта многу малку средства и е достапен на сите граѓани. Доволно е да се живее со почитување на мерките, да се превенира болеста, а сето она што претставува сериозно нарушување на здравството треба здравствениот систем да си го апсорбира и да одговори на потребите и на барањата на граѓаните.

Оттука ние ги правиме сите напори за зголемување на капацитетите на болниците, дополнително за социјалните категории на граѓани во делот на плаќањето партиципација, во делот на здравственото осигурување имаме ослободување на тие граѓани по основ на невработеност, по основ на приматели на гарантирана минимална помош, ние како Министерство за труд трансферираме средства кон Фондот за здравствено осигурување, значи тие имаат пристап до здравствена заштита, тоа е уставно загарантирано право на овие граѓани.

Ги кажавте приоритетите на буџетот за следната година, меѓу нив има и зачувување на секое работно место. Досега поради корона-кризата околу 46 илјади луѓе останаа без работа. Како ги помогнавте до сега тие што останаа без работа?

Анализата на бројките на невработени ги добиваме како информација од Агенцијата за вработување. Нашите податоци говорат дека поради пандемијата со ковид 15.858 граѓани ги изгубиле своите работни места, од кои на 7.000 граѓани им прекина работниот однос, затоа што бил предмет на договор, односно работа на определено време, 2000 работници останале спогодбено во договор со работодавачот и многу мал е процентот на граѓаните кои останале без работа заради затворање на компании, заради ставање под стечај, тоа е бројка некаде околу 2500-3000 граѓани.

Бројката која Вие ја кажувате до 40 илјади, тоа е бројка на новорегистрирани невработени, не работници кои останале без работа заради пандемијата. Со воспоставување на концептот, со воведување на гарантирана минимална помош, ние истовремено работиме на активирање на примателите на гарантирана помош на пазарот на трудот и оттука постои интегрирано водење на Центрите за социјална работа, заедно со Агенцијата за вработување. Овој концепт на активација значи сите членови на семејството, коишто се вработливи, да се пријават во агенцијата за вработување и таму водителот на случај таму треба да направи проценка кој од тие возрасни членови е најсоодветен, највработлив со оглед на неговите квалификации, образование и потребите на пазарот на трудот. И нас дополнително бројката на пријавени невработени ни се зголеми точно заради спроведување на социјалната реформа.

Дополнително кога владата ги носеше пакетите за финансиска поддршка, ние имаме прилив на голем број на млади кои аплицираа да добијат, прво финансиска поддршка, а дополнително за да влезат во проектот Гаранција за млади, односно младински додаток. Тоа се мерки кои владата ги презема, а за да може да ги користат тие права, тие дополнително се пријавија повеќе. Уште еден момент кој го зголеми бројот на невработени е тоа што голем дел од нашите граѓани коишто престојуваа во странство, а кои заради пандемијата се вратија во државата и останаа, почнаа да се пријавуваат во Агенцијата за вработување, со една единствена цел да имаат пристап до онаа финансиска поддршка што државата ја даваше во вид на ваучери, а сега директна финансиска помош која изнесува 6000 денари за купување на македонски производи. Реалната бројка на граѓани кои останале без работа заради пандемијата е оваа бројка од 15.800, но Ви кажува по кои основи.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG